„Треинспотинг“ – анатомија на една изгубена генерација

  • Една од најпознатите сцени, онаа со таканаречениот „најгаден тоалет во Шкотска“, не функционира само како шокантен визуелен гег. Таа е метафора за целокупниот свет на филмот: свет во кој човекот буквално мора да нурне во нечистотијата за да ја извлече својата следна доза надеж. Слично функционира и сцената со бебето што ползи по таванот, момент во кој психолошката траума се спојува со надреалната визуелна фантазија. Во тие сцени границата меѓу реализмот и субјективната перцепција се распаѓа, создавајќи искуство што е истовремено шокантно, апсурдно и вознемирувачко

По повод три децении од официјалната премиера на култниот филм „Треинспотинг“ („Trainspotting“) вреди повторно да се навратиме на делото што во 1996 година се појави како вистинска културна детонација во современата британска кинематографија. Кога филмот на британскиот режисер Дени Бојл се појави на големото платно, малкумина можеа да претпостават дека станува збор за дело што не само што ќе ја обележи кинематографијата на деведесеттите туку и ќе се претвори во вистински генерациски манифест. Филмот успеа да ги кристализира нервозата, цинизмот и егзистенцијалната дезориентираност на една цела млада популација во Британија. Инспириран од истоимениот роман на Ирвин Велш, „Треинспотинг“ не е само приказна за зависноста од хероин туку тој е портрет на едно време, на една урбана култура и на еден свет во кој надежта често се губи меѓу апатијата, хедонизмот и општествената маргинализација.
Во центарот на оваа наративна структура се наоѓа ликот на Марк Рентон, кого Јуан Мекгрегор го толкува со впечатлива комбинација од иронија, сарказам и од кревка човечка ранливост. Рентон е млад човек што истовремено ја презира сопствената зависност и не успева да се ослободи од неа. Неговото постојано колебање меѓу желбата за „нормален“ живот и магнетната привлечност на самоуништувачкиот хедонизам ја обликува драматуршката оска на филмот. Тој е лик што постојано се обидува да се извлече од сопствениот круг на пропаст, но секој негов обид за бегство изгледа како привремена илузија, како краток момент на трезвеност пред повторното нурнување во бездната.
Сепак, Рентон не постои во вакуум. Неговиот свет е населен со ликови што функционираат како различни фрагменти на истиот социјален распад. Агресивниот и непредвидлив Френсис Бегби е инкарнација на суровата и неконтролирана машка токсичност, лик чија насилна енергија постојано ја нарушува кревката рамнотежа на групата. Сик Бој е циничен манипулатор што го доживува животот како серија импровизации, како бескрајна игра на измами и ситни трикови. Наспроти нив стои наивниот и трагикомичен Спад, можеби најчовечниот лик во целата дружина, фигура што никогаш целосно не ја губи својата наивна добрина.
Нивниот пријател Томи, пак, претставува трагичен пример за тоа како зависноста може да го проголта и оној што првично изгледал „чист“. Неговата постепена деградација е еден од најпотресните елементи на филмот и суров потсетник дека зад црниот хумор и ироничната дистанца се наоѓаат човечки животи што бавно се распаѓаат.

Она што „Треинспотинг“ го прави навистина уникатен во однос на многуте други филмови за и околу зависноста е неговата радикална стилска смелост. Дени Бојл, заедно со кинематограферот Брајан Туфано, создава визуелен јазик што функционира како продолжение на психичката состојба на ликовите. Камерата не е пасивен набљудувач, таа е нервозен хиперактивен учесник во хаосот на нивните животи. Движењата се динамични, кадрите често се ексцентрични, а целата визуелна структура на филмот изгледа како естетски одраз на психоделичниот и нестабилен свет во кој егзистираат неговите јунаци.
Една од најпознатите сцени, онаа со таканаречениот „најгаден тоалет во Шкотска“, не функционира само како шокантен визуелен гег. Таа е метафора за целокупниот свет на филмот: свет во кој човекот буквално мора да нурне во нечистотијата за да ја извлече својата следна доза надеж. Слично функционира и сцената со бебето што ползи по таванот, момент во кој психолошката траума се спојува со надреалната визуелна фантазија. Во тие сцени границата меѓу реализмот и субјективната перцепција се распаѓа, создавајќи искуство што е истовремено шокантно, апсурдно и вознемирувачко.
Монтажата е брза, фрагментирана и музички ритмизирана. Филмот пулсира со темпо што потсетува на клупска култура, нешто што воопшто не е случајно ако се има предвид дека деведесеттите беа период на експлозија на електронската музика и новите урбани супкултури. Токму во таа динамика филмот ја гради својата специфична енергија: комбинација од анархичен хумор, брутален реализам и стилска ексцесивност.
Музиката во „Треинспотинг“ не е само придружба на нарацијата туку таа е нејзин суштински составен дел. Саундтракот функционира како вистински звучен документ на деведесеттите години. Експлозивната енергија на Иги Поп, хипнотичкиот електронски ритам на „Андреворлд“, бритпоп-атмосферата на „Блур“ и амбиенталната суптилност на Брајан Ино создаваат звучен пејзаж што совршено ја рефлектира културната еклектичност на времето.
Особено е незаборавен моментот кога песната „Perfect Day“ од Лу Рид ја придружува сцената на предозирање. Иронијата на оваа комбинација е речиси разорна: меланхоличната убавина на песната стои во остар контраст со телото што паѓа во бездната на зависноста. Во таа сцена филмот ја достигнува својата емоционална кулминација, момент во кој естетиката и трагедијата се спојуваат во едно единствено, длабоко вознемирувачко кинематографско искуство.

Една од најпрепознатливите секвенци во филмот е легендарниот монолог „Choose Life“. Овој говор, кој Рентон го изговара со мешавина од сарказам и огорченост, всушност претставува жестока критика на потрошувачкото општество. „Избери живот“, вели тој, но веднаш потоа ја распарчува таа фраза во бескрајна листа од баналности: хипотеки, телевизори, работни рутини и општествени очекувања. Во таа иронична деконструкција, филмот отвора една подлабока егзистенцијална дилема: дали зависноста од дрога е навистина толку различна од зависноста од конформизмот? Во таа смисла „Треинспотинг“ не е само приказна за хероинската култура туку тој е и остра критика на системот што ги создава условите за таква култура.
Ретко кој филм од деведесеттите успеал толку силно да го фати и да го дефинира духот на своето време. Комбинацијата од брутален реализам, црн хумор и визуелна експерименталност создава дело што е истовремено шокантно и фасцинантно. Но можеби најголемата вредност на филмот лежи во неговата искреност. Тој не нуди морализаторски лекции, ниту пак романтизирани спасувања. Наместо тоа, прикажува свет во кој изборите се ограничени, а бегството најчесто е само привремена илузија.
Токму затоа „Треинспотинг“ и денес останува едно од клучните дела на современиот британски филм. Со него Дени Бојл создаде филм што не само што ја обележа културата на деведесеттите туку и отвори простор за нов тип урбан реализам – естетика во која реализмот, иронијата и стилската ексцесивност коегзистираат во една експлозивна и незаборавна кинематографска форма.

Јане Алтипармаков