Рецензија

Интересно е колку еден филм може да добие лавина лоши критики, а по него и неговиот режисер, и тоа само поради неговите претходни филмски промашувања. Филмските љубители како да немаат повеќе нерви и внимание да ги следат „авантурите“ на популарниот индиски режисер М. Најт Шјамалан, па побрзаа да го оценат и неговиот последен филм „Стапица“ како „филмски неред“, и покрај тоа што се работи за пристоен, мошне гледлив, можеби не одличен, но сепак поднослив филм.

Колку брзо ја доби, толку брзо и ја загуби својата популарност. Стрмоглавиот пад на Шјамалан на професионален план започна веднаш по номинацијата за „оскар“ на неговиот најпопуларен филм „Шесто сетило“ од 1999 година. Од дело во дело неговиот лик губеше сѐ повеќе вредност кај филмската јавност, а секој негов нов филм беше пречекуван со сѐ повеќе фрустрации и потсмев.

Првиот негов благ чекор наназад беше микробуџетниот хорор „Посета“ од 2015 година, а потоа следуваа помалку успешните „Разделба“ од 2016 година, „Стакло“ од 2019 година и епскиот дебакл со апокалиптичниот психолошки трилер „Чукање во кабината“ од 2023 година.

И покрај овие лоши критики што доаѓаат на негова сметка, гледачите со нетрпение го очекуваат секое негово ново филмско остварување. Тоа се должи на максималната посветеност и оригиналност што го красат неговото име и способноста како уметник да создаде дело што ќе биде уникатно и оригинално.

Неговите филмови секогаш биле поле на дискусии и полемики, за тоа што сакал авторот навистина да каже и дали филмската публика успеала дословно да ги одгатне неговите „скриени симболи“.

Па така, пристигнувањето на неговиот најнов филмски хит „Стапица“ предизвика голема популарност, по која тешко можеше да остане незабележан.

Концерт на голема светска тинејџерска ѕвезда, која ја глуми ни помалку ни повеќе, туку баш ќерката на Шјамалан. Внимателен татко ја води својата 12-годишна ќерка, голем нејзин обожавател. Тој е луд по својата ќерка и прави сѐ за да биде среќна. Но сепак се чини дека тој е и буквално луд. Тој е класичен сериски убиец. ФБИ му постави стапица и ја опколува големата арена каде што се одржува концертот. Таткото мора да направи план како да избега.

Дејствието во „Стапица“ е малку неурамнотежено и неизедначено, па така, првата половина е многу подобра, меѓутоа драмската тензија кулминира во втората половина од филмот. Мајсторска употреба на неизвесност и тензија низ целиот филм е апсолутна препорака за гледање. Се чини дека Шјамалан направил „пресметано глупав“ филм, толку глупав за да биде интересен и би им го задржал вниманието на гледачите.

И покрај многубројните пропусти и мани, кои лесно можат да се воочат во сценариото, „Стапица“ е исклучително допадлив филм. Спротивно од неговите претходни филмови, овој филм има почеток, крај, интересна концепција и на крајот, „Стапица“ има многу впечатлив главен лик (Џош Хартнет), кој со своите докажани глумечки способности успеа да добие преодна оцена од пребирливата публика.

Впечатлива е неговата неочекувано одлична актерска креација, при што од првичниот впечаток за неговиот лик на татко што е „смотан“ и кој некако несмасно се снаоѓа во комуникацијата со својата ќерка, која припаѓа на генерацијата З, веднаш и крајно убедливо се трансформира во друга личност, која во ниту еден момент не паничи и не ги губи прибраноста и самоконтролата. Притоа во неговата актерска изведба доаѓаат до израз сите оние обележја на високофункционален психопат/социопат во едно општество: вешт манипулатор со високо ниво на самоконтрола, симулирана нормалност, одговорно извршување на работните и домашните обврски, симпатична надворешност на која никој не може да одолее, поради што е и сакан и омилен меѓу своите колеги и своето семејство, од кои никој не знае, ниту пак претпоставува дека е во друштво на садистички сериски убиец итн. Сите овие карактерни црти доаѓаат до израз во актерскиот портрет на главниот лик, и тоа до таа мера што сѐ друго паѓа во втор план и станува помалку битно, вклучувајќи и некакви пропусти и недоследности.
Во секој случај, поради сценаристичката оригиналност, да се смести главниот настан во концертна сала, но и непретенциозноста на Шјамалан, која во претходните филмови во голема мера е присутна, конечниот впечаток по гледањето на „Стапица“ сепак е ветувачки. Уште и ако не сте негов заколнат „хејтер“, многу е веројатно дека тешко ќе ги забележите или во најлош случај чесно ќе му ги простите симпатичните грешки и пропусти.

Може да се забележи дека темата на сериски убиец како малку потешка и посериозна можеби е надвор од лигата на Шјамалан, чии филмови претежно се занимаваат со теми од областа на суперхерои и апокалипси, така што изненадување е да се види дека режисерот овој пат е малку надвор од неговата зона на комфор, иако одлично се снаоѓа со еден ваков филм, кој би се покажал како преголем залак и за многу поголеми и поискусни режисерски имиња.

Во „Стапица“ сме сведоци дека се работи за посериозна тема, која бара посериозен третман, но тоа не значи дека поради тоа Шјамалан нема да пропушти да им понуди забава на своите „фанови“. Примарна цел е да понуди тензична авантура со понекој неочекуван пресврт и ништо повеќе од тоа.

Барање доследност и логичност во филмовите на Шјамалан e исто како да бараш и да очекуваш логика и реализам во бајки и цртани филмови за деца, така што секој сериозен коментар во врска со филмот би требало да се земе со доза резерва. Впрочем, и целата филмска критика некако сѐ уште како да се држи настрана со оглед на многубројните „црвени знаменца“, кои ги има режисерот низ својата кариера.

Според Шјамалан, клучен момент е ефектот што филмот го има врз гледачот. Имено, ако во првата половина од филмот гледачите, или барем некои од нив, отворено навиваат главниот лик на негативецот или антихеројот да се извлече од стапицата, веќе во вториот дел се забележливи поместување во оската и преференциите на гледачите, кои овој пат навиваат против негативецот, надевајќи се дека нема да го стори тоа што планира да го стори и дека во последен момент некој или нешто ќе го спречи.
Способноста од страна на режисерот, кој сака да си поигрува со чувствата и очекувањата на гледачите, го прави овој филм еден од ретките што имаат таков ефект врз публиката, бидејќи иако се работи за пресметан ризик, последиците може да бидат непредвидливи и непресметливи. За среќа, во случајот на „Стапица“ тој пресметан ризик се покажа во голема мера исплатлив.