Револуционерниот миг на модерната кинематографија

Безвременското дело „До последниот здив“ на Жан-Лук Годар слави 65 години

Годинава се одбележува значајна годишнина – 65 години од премиерата на „До последниот здив“ (À bout de souffle, 1960), ремек-делото на Жан-Лук Годар што засекогаш ја смени насоката на светската кинематографија. Овој култен филм ги урна дотогашните наративни и визуелни парадигми и го означи почетокот на новата епоха – онаа на францускиот „Нувел ваг“, каде што естетиката, идеологијата и личната визија на авторот добиваат примат над индустриската логика на продукцијата.
Револуционерен филмски јазик и формални иновации
Со „До последниот здив“, Годар го воведе светот во нов, разнишан, но мошне живописен филмски универзум. Најзнаменитата формална иновација – техниката на „Џамп-кат“ – во целост го разби традиционалниот „невидлив“ стил на монтажата. Наместо мазен и кохерентен тек на нарацијата, Годар создава визуелен ритам што пулсира, шокира и провоцира. Монтажата е расцепкана, сцените се растреперени, а времето и просторот стануваат еластични категории, со што филмот добива невидена кинетичка енергија.
Камерата на Раул Кутар, еден од клучните соработници на движењето, е речиси партиципативна – таа се движи меѓу ликовите, ги следи од улица до соба, од близок кадар до непредвидливи агли, градејќи еден реалистичен, но во исто време поетски свет. Резултатот е филм што изгледа како фрагментарен дневник на една изгубена генерација, но кој истовремено ја дефинира естетиката на едно ново време.
Наративна деконструкција: минимализам и егзистенцијален немир
Наместо класичен заплет, Годар нуди наративна деконструкција. Приказната за Мишел Пуакар (Жан-Пол Белмондо), криминалец што бега од полицијата и се обидува да ја убеди младата американска студентка Патриција (Џин Сиберг) да побегнат заедно во Италија, е сведена на низа ситуации, разговори и недоразбирања. Вистинската тежина не е во она што се случува, туку во начинот на кој се доживуваат времето, просторот и постоењето.
Мишел е антихерој со фасцинација кон холивудските гангстери, особено Хемфри Богарт. Тој е ироничен симбол на егзистенцијалната апатија – циничен, импулсивен и фасциниран од сопствената маргиналност. Патриција, пак, со својата интелектуална дистанца и амбивалентна природа, ја отелотворува недефинираноста на младата поствоена генерација. Тие не се толку заљубени колку што се заглавени во меѓусебната проекција на желби и сомнежи.
Дијалозите се понекогаш импровизирани, често филозофски, но речиси секогаш неочекувани. Годар го одбива традиционалното драматуршко устројство и гради нов модел – кино што размислува додека се одвива.

Глумата как о органскоприсуство

Неможно е да се замисли овој филм без магнетската изведба на Жан-Пол Белмондо. Со својата природна лежерност и разиграна ароганција, Белмондо стана икона на „Нувел ваг“, лик што истовремено плени и предизвикува одбивност. Џин Сиберг, пак, во улогата на Патриција, зрачи со суптилност и таинственост. Нејзината емотивна недофатливост и однесување создаваат лик што ја изразува суштината на модерната отуѓеност. Хемијата меѓу нив е тивка, но постојано напнато електризирана — токму затоа секоја нивна заедничка сцена е вистински кинематографски момент.

Естетика на бунтот и манифест на слободата

Во својата суштина, „До последниот здив“ е политичко дело. Не политичко во традиционална смисла, туку како уметничка позиција против формата, пазарот и догмата. Годар со овој филм го укинува моделот на контролирана продукција и му дава предност на филмот како простор на размислување, истражување и спротивставување.
Влијанието на „До последниот здив“ е длабоко, суштинско и трајно. Од Мартин Скорсезе до Џим Џармуш, од Вим Вендерс до Квентин Тарантино – многумина од најважните режисери на 20 и почетокот на 21 век отворено го признаваат овој филм како пресуден во нивниот уметнички развој. Годар покажува дека филмот може да биде филозофија, поезија, политичка интервенција и игра – сè во исто време.
„До последниот здив“ не е само филм, тој е манифест, експеримент, уметнички протест и историски момент. Тоа е дело што не се приспособува, туку, напротив, присилува на нов начин на гледање и размислување за филмот. Тој е сведоштво за тоа дека уметноста, кога е искрена, може да го промени светот.