Главниот лик Анџела вози низ Букурешт како продуцентска асистентка, работејќи 16 часа на ден. Индексот на глобални сообраќајни застои го става Букурешт на осмо место како најнаселен град во светот и на четврто место во Европа. Исто така, улиците на главниот град се преплавени со билборди и рекламни паноа, кои ја само ја заокружуваат заситеноста на романското општество од консумеризмот што владее во капиталистичкиот систем. И покрај физичката исцрпеност поттикната од недостигот од сон (Анџела преспива неколку часа во својот автомобил) и од прекумерната работа, Анџела сепак не ги губи својата енергија и елан. Таа, спротивно од обврските што ѝ се трупаат, продолжува да ја работи својата работа додавајќи сѐ повеќе и повеќе обврски врз својот грб. Таа е активна на својот тикток-профил со својот имагинарен лик Бобица направен преку тикток-филтер, стереотипен млад човек што треба да го претставува сето она што е гнило во романското општество

Рецензија на филмот „Не очекувајте премногу од крајот на светот“ на Раду Јуде

Некои филмски обожаватели можеби би сметале дека е сосема обесхрабрувачки да го гледаат светот со циничен поглед, но, со оглед на условите што преовладуваат во денешниот свет, тоа понекогаш може да биде неизбежно. Цинизмот и сатирата во овој случај би биле нужен атрибут што се рефлектира во многу контексти, вклучувајќи ги уметноста и киното. Токму тоа го направи романскиот сценарист и режисер Раду Јуде во своето последно долгометражно остварување, остра, мрачно сатирична комедија драма што разоткрива многу од секојдневните фрустрации што ги доживуваат неговите сонародници во области како што се политиката, корупцијата и економските можности.
Филмот „Не очекувајте премногу од крајот на светот“ од 2023 година е силна сатира за човечката природа во капитализмот, со корпоративни култови, реклами насекаде, експлоатација, неморал и вулгарности.
Филмот ја раскажува оваа приказна преку искуствата на Анџела Радучани (Илинча Манолаче), работно преоптоварена, максимално експлоатирана, недоволно платена и лишена од сон, асистентка во филмска продукција, додека се бори да ја надмине својата секојдневна работна рутина, неценет напор не различен од оној што им е наметнат на многу современи Романци.
Главниот лик Анџела вози низ Букурешт како продуцентска асистентка, работејќи 16 часа на ден. Индексот на глобални сообраќајни застои го става Букурешт на осмо место како најнаселен град во светот и на четврто место во Европа. Исто така, улиците на главниот град се преплавени со билборди и рекламни паноа, кои ја само ја заокружуваат заситеноста на романското општество од консумеризмот што владее во капиталистичкиот систем.
И покрај физичката исцрпеност поттикната од недостигот од сон (Анџела преспива неколку часа во својот автомобил) и од прекумерната работа, Анџела сепак не ги губи својата енергија и елан. Таа, спротивно од обврските што ѝ се трупаат, продолжува да ја работи својата работа додавајќи сѐ повеќе и повеќе обврски врз својот грб.
Таа е активна на својот тикток-профил, со својот имагинарен лик Бобица направен преку тикток-филтер, стереотипен млад човек што треба да го претставува сето она што е гнило во романското општество.
Филмот е направен паралелно со еден постар филм, „Анџела мерге маи департе“, за животот на жена што вози низ Букурешт во 1980-тите како таксистка. Анџела во комунистичкиот Букурешт изгледа посмирено и живее поедноставен живот, уживајќи во својата работа како таксистка. Како што напредува филмот, таа се соочува со различни проблеми, особено мизогинистички средби. Исто така, гледаме еден поинаков Букурешт, помалку автомобили, сите автомобили изгледаат исто, без реклами, има некои лути возачи, но дефинитивно не толку лути како Анџела во модерниот Букурешт. Преку овие две алегории, режисерот Раду Јуде прави јасни паралели за животот во комунистичка Романија, кој го претставува како мирен и едноставен, наспроти брзиот, динамичен и исцрпувачки живот што го живее модерна Романија.

Потоа, капиталистичката Анџела ја среќава комунистичката Анџела, во капиталистичко време, и двете се несреќни. Едната е екстремно експлоатирана од нејзината компанија, другата е огорчена од малата пензија и веројатно многуте трауматски настани од транзицијата кон слободен пазар во Романија. Модерната Анџела се буди лута покрај книга од Пруст, одвреме-навреме прави некои шеги чија цел е да бидат паметни и политички, се повикува на книги и историски настани. Изгледа како мошне цинично девојче, со пристоен внатрешен универзум, можеби груб поради преоптовареност. Филмот напредува и таа има ужасен начин на избор на облека за пригодата и страст за џвакање мастики кога е најнесоодветно. Во филтерот што таа го користи со помош на мобилниот телефон, повеќето од корпоративните ликови се однесуваат исто, постојано се повикуваат, па дури и се предаваат културни аспекти, филмови, книги, античка грчка филозофија. Се поставува прашањето: дали овие луѓе се незнајковци или капиталистичката средина е таа што ги убива духот и страста?
Заплетот се случува кога филмската компанија во која работи Анџела и гигантска компанија за мебел соработуваат за да произведат кратко видео за безбедност на работното место. Една од главните сцени е состанок преку Зум меѓу сите вработени, во кој можеме да ја видиме целосната и апсолутна неспособност на овие маркетинг-агенции, како и нивниот расизам, шовинизам и алчност за пари. Тие во основа ги оцрнуваат луѓето што претрпеле несреќи во фабриката за мебел, гледајќи ги не како жртви, туку како конкуренти за награда од 500 евра. Компанијата за мебел станува „црква“ на сите, терајќи ги вработените да заборават на пристојноста за да ги задоволат потребите на институцијата.
Исто така, се среќаваме со совршениот капиталист, кој ја уверува Анџела за одличните услови во кои гробот на нејзините баба и дедо ќе биде преместен за да се изгради нов станбен комплекс. Филмот е целосно урнебесен, со голема доза црна комедија што покажува масовна деградација на човечкиот дух. Исто така, сигнализира културна криза во која класичните книги се продаваат во сообраќај за малку пари.
Јуде, без сомнеж, е еден од најдобрите современи романски филмски режисери и сценаристи. Тој работеше како асистент режисер на долгометражни филмови, вклучувајќи ги „Амин“, во режија на Коста-Гаврас и „Смртта на г. Лазареску“, во режија на легендарниот Кристи Пуиу. Неговата кариера започна со неколку кратки филма со кои постигна огромни успеси, меѓу кои „Корп ла корп“ (2003), „Мареа Неагра“ (2004), „Лампа ку кациула“ (2006) – најнаградуваниот романски краток филм на сите времиња, добитник на големи награди на фестивалите „Санденс“, „Сан Франциско“, „Лос Анџелес“, „Хамбург“, „Билбао“, „Трст“, „Монпелје“ итн. Неговиот последен филм „Несреќно чукање или смешно порно“ од 2021 година беше добитник на „златна мечка“ во Берлин, додека неговата урнебесна комедија „Аферим!“ беше номинирана за оваа награда во 2015 година.

Речиси сите негови филмови изобилуваат со огромна доза сатира, поттикната од секојдневното живеење и од сето она со кое се среќава еден просечен Романец. Неговите филмови, исто така, се препознатливи по нивната неконвенционална должина, па оттука, потребни се и големо филмско внимание и храброст да се изгледаат. Оттука, многумина неговите филмови можеби ги сметаат за уметнички, експериментални и тешки за гледање.
Тој момент, всушност, можеби е и единствената пречка што се испречува меѓу овој филм и гледачот. Неговата должина од два часа и 43 минути сигурно одврати многумина обожаватели да го погледнат ова квалитетно филмско дело на режисерот Јуде. Приказната во која главната протагонистка повеќето од времето го поминува во својот автомобил, возејќи се низ Букурешт, како и црно-белиот фон, можеби го зголемува впечатокот за овој филм дека станува збор за нешто многу здодевно. Но, најверојатно, тоа е замката во која Јуде се обидува да ги улови оние филмски љубители, кои растргнати од секојдневните обврски наметнати од модерното живеење немаат време за неколку часа квалитетна уметничка содржина во денот, туку бараат лесна забава што ќе им ги оттргне мислите од тешките обврски.