„Џокер: Лудило за двајца“ се насочува кон рано деби на платформите за стриминг,
бидејќи неговата лоша заработка на благајните продолжува со вртоглав пораст
Новото продолжение на „Џокер“ е на пат за катастрофална финансиска загуба до 200 милиони долари (153 милиони фунти) додека неговата лоша продукција на благајните продолжува во услови на серија критики и слаба гледаност на публиката.
Според извештајот во „Вараети“, индустриските аналитичари велат дека овој филм се предвидува да заработи вкупно 65 милиони долари на северноамериканскиот бокс офис и околу 215 милиони долари на друго место за вкупно 280 милиони долари – далеку под проценетите 300 милиони долари филмски трошоци за производство и промоција. Поради поделбата на приходите во кината, „Вараети“ вели дека всушност филмот треба да заработи околу 450 милиони долари за да се изедначи, иако продуцентското студио „Вернер брос“ вели дека рентабилната бројка е всушност 375 милиони долари. Во обид да се повратат приходите, филмот се насочува кон рано деби на платформите за домашна забава и стриминг на 29 октомври. Во меѓувреме, веб-страницата за рејтинг на „Ротен томатос“ забележа низок процент од 32 отсто.
Како резултат на тоа, се проценува дека филмот би можел да ги загуби своите предвидени помеѓу 125 и 200 милиони долари. Сепак, изјавата на „Вернер брос“ ја оспорува точноста на бројките, велејќи: „Секоја процена предложена од анонимни „инсајдери“ или „ривалски директори“ е крајно погрешна и го продолжува трендот каде што гласините се пријавуваат како факт“.
Сето ова е сосема спротивно од појавата на првиот „Џокер“. Со истата ѕвезда Хоакин Феникс и режисерот Тод Филипс, „Џокер“ го освои престижниот „златен лав“ на Филмскиот фестивал во Венеција на неговата премиера во 2019 година, а беше и добитник на „оскар“ за најдобар актер за Феникс; исто така беше огромен комерцијален успех, заработувајќи 1,08 милијарда долари на глобалниот бокс офис, вклучувајќи 335 милиони фунти во Северна Америка.
Вината за неуспехот на второто продолжение е распределена на голем број фактори. Изненадувачкиот успех на првиот филм го стави Филипс, неговиот режисер и косценарист, во моќна позиција, дозволувајќи му наводно да ги игнорира или да ги заобиколи барањата на студиото „ДЦ“, чувар на интелектуалната сопственост на Бетмен/Џокер. Во ретроспектива, неговата одлука да го направи „Џокер: Лудило за двајца“ мјузикл во кој глуми Лејди Гага, се чини дека ги отуѓи обожавателите на стриповите, витален дел од публиката ако филмот сака да биде главен хит.
Чарлс Гант, уредник на благајните на „Скрин интернејшнал“, вели дека Филипс може да ја преземе вината. „Мантрата во Холивуд е секогаш да ѝ се понуди на публиката исто, но различно. Со ’Џокер: Лудило за двајца‘, се чини дека Тод Филипс понуди погрешен вид различно. Основната публика доби порака дека не само што филмот е многу различен од првиот филм, туку и дека на луѓето им се допадна првиот Џокер од погрешни причини. Тоа е пораката што обожавателите ја примија“.
Иако ниту еден од филмовите за Џокер оддалеку не наликува на конвенционален филм за суперхерои од стрипови, Холивуд се помирува со „суперхеројскиот замор“, бидејќи следењата на навидум неранливите ликови и брендови забележуваат разочарувачки бројки. Филмовите како што се „Аквамен и изгубеното кралство“ (со заработка од 434 милиони долари) и „Марвелс“ (со заработка од 200 милиони долари) се покажаа далеку под очекувањата, иако спротивно, „Дедпул“ и „Вулверин“ (со заработка од 1,33 милијарда долари) ги надминаа.
Зголемените трошоци за снимање на продолженијата исто така одиграа улога, Феникс и Филипс заработија по 20 милиони долари, а Лејди Гага 12 милиони долари.
Гант додава: „Филмот изгледа сега заробен во спирала на пропаст. Извештаите за неговиот неуспех ја плашат пошироката публика потребна за да се намали падот на билансот. Всушност, ’Џокер: Лудило за двајца‘ има свои обожаватели, а меѓу корисниците на платформата ИМДБ што досега го оцениле, 18 отсто го оцениле со 8, 9 или 10. Секако, тоа е малцинство, но тие резултати не се совпаѓаат со она што стана стигма на тотален неуспех“.