„Кум 2“ е извонреден поради одличната нарација и актерските изведби, а и поради кинематографијата на Гордон Вилис. Неговата работа со светлото и сенките, контрастите и композициите, инспирирана од сликарските дела на големите мајстори создава специфична атмосфера на мистерија и неизвесност, која совршено ги дополнува темите на корупција и моќ. Темните тонови и суптилната употреба на сенки ги нагласуваат темнината и корупцијата што го проголтуваат Мајкл, додека топлите, но сепак сурови сцени од младоста на Вито ја отсликуваат борбата за опстанок и изградба на нов живот. Контрастот во осветлувањето помеѓу двата временски периода ја зајакнува темата на губењето и трансформацијата
Рецензија за „Кум 2“
„Кум 2“ е филм што го продолжува епот за мафијашкото семејство Корлеоне и ги истражува длабоките, а пред сѐ комплицирани слоеви на моќ, наследство, вина и морална корупција. Френсис Форд Копола успева да создаде наратив со изразена комплексност преку две паралелни приказни: развојот и растот на криминалното царство на Вито Корлеоне (толкуван од Роберт де Ниро) и борбата на неговиот син Мајкл Корлеоне (Ал Пачино) да ги задржи своето влијание и интегритет во светот на организираниот криминал.
Филмот е навистина мајсторски структурирана приказна за две генерации – едната што го поплочува, го гради патот кон моќта и другата што се бори да ја зачува, иако тоа значи губење на семејството, љубовта и човечноста. Оваа двојност во нарацијата е една од клучните точки на филмот. Копола го користи флешбек-методот за да ги прикаже почетоците на Вито како имигрант што доаѓа во Америка и постепено гради криминално царство, додека Мајкл се соочува со предавство и разочарувања во сегашноста.
Ал Пачино го конструира ликот на Мајкл Корлеоне како трагичен карактер, кој, иако се обидува да го одржи семејството на куп и да ја задржи контролата, постојано е опкружен и исполнет со сомнеж и предавство. Неговата изведба е една од најсилните во филмот, прикажувајќи мрачна еволуција на ликот, кој постепено го губи своето чувство за морал. Неговата емотивна студеност и безмилосност го прават еден од најнезаборавните и највлијателни филмски антихерои во историјата.
На другата страна во нарацијата, Роберт де Ниро ја портретира младата верзија на Вито Корлеоне со суптилност и смиреност. Неговата трансформација од обичен човек во моќен мафијаш е грациозна и исполнета со емотивна тежина. Де Ниро доби „оскар“ за споредна машка улога за својата прецизна изведба, со што само уште повеќе се зацврсти значењето на ликот Вито во филмската историја.
„Кум 2“ е извонреден поради одличната нарација и актерските изведби, а и поради кинематографијата на Гордон Вилис. Неговата работа со светлото и сенките, контрастите и композициите, инспирирана од сликарските дела на големите мајстори создава специфична атмосфера на мистерија и неизвесност, која совршено ги дополнува темите на корупција и моќ. Темните тонови и суптилната употреба на сенки ги нагласуваат темнината и корупцијата што го проголтуваат Мајкл, додека топлите, но сепак сурови сцени од младоста на Вито ја отсликуваат борбата за опстанок и изградба на нов живот. Контрастот во осветлувањето помеѓу двата временски периода ја зајакнува темата на губењето и трансформацијата.
Филмот се одликува со бавно и внимателно темпо. Копола ги користи тишината и моментите на интроспекција за да ја засили напнатоста, додека кулминацијата доаѓа како неочекувана сила. Последните сцени во филмот, особено моментот кога Мајкл останува сам, ја заокружуваат неговата карактерна еволуција. Тишината и меланхолијата ја рефлектираат трагедијата на ликот и семејството, што е резултат токму на маестралната режија на Копола.
Музиката на Нино Рота дополнително го зајакнува емоционалниот интензитет на филмот, правејќи го секој кадар вистинска визуелна симфонија.
„Кум 2“ е продолжение на култниот оригинал, а истовремено е и филм што функционира како самостојна трагедија за распадот на едно семејство. Тој е метафора за моќта и нејзината способност да уништи сè што е вредно во и за човекот. Филмот поставува важни морални прашања за одговорноста, жртвите и последиците на одлуките што се направени во име на семејството, но кои водат до изолација и самодеструкција.
„Кум 2“ е еден од најдобрите филмови во историјата на кинематографијата и е пример за тоа како продолжението може не само да го одржи туку и да го надгради успехот на оригиналот.
Јане Алтипармаков