Брижит Бардо во „Презир“ ја остварува можеби најсуптилната и најранлива улога во својата кариера. Годар свесно ја демонтира нејзината репутација на секс-симбол, претворајќи ја во фигура на болка и внатрешно повлекување. Камил не објаснува, не се оправдува, не бара разбирање — таа веќе ја има препознаено празнината. Мишел Пиколи го толкува ликот на Пол како интелектуалец заробен меѓу моралниот компромис и емотивната немоќ, додека Џек Паланс го персонифицира бруталниот и агресивен јазик на индустријата што уметноста ја редуцира на производ
Неодамна починатата филмска икона Брижит Бардо е една од највлијателните и најконтрадикторни фигури во историјата на седмата уметност. Таа не беше само актерка туку и културен феномен, симбол на епоха во која европското кино ги редефинираше телото, женственоста и слободата на екранот. Во „Презир“, под режисерската палка на Годар, Бардо ја достигнува својата најчиста филмска есенција, настрана од гламурот и митот што ја следеа.
„Презир“ (Le Mépris, 1963) е едно од клучните дела во опусот на Жан-Лик Годар и едно од најзначајните остварувања на францускиот нов бран. Снимен според романот на Алберто Моравија, филмот се обликува како саморефлексивна филмска студија за судирот меѓу уметноста и комерцијалната логика, меѓу љубовта и недоразбирањето, меѓу изговорениот збор и тишината што останува по него. Ова е филм што истовремено зборува за создавањето на киното и за тивкото, но неминовно распаѓање на интимноста.
Наративот го следи Пол (Мишел Пиколи), писател ангажиран да го преработи сценариото за филмска адаптација на „Одисеја“ од Хомер. Додека продуцентот Џереми Прокош (Џек Паланс) настојува класичното дело да го сведе на пазарна формула, бракот меѓу Пол и неговата сопруга Камил (Брижит Бардо) постепено, речиси незабележливо, се движи кон распад. Овие два процеса течат паралелно и се преплетуваат, претворајќи го филмот во алегорија за современиот свет во кој компромисот станува норма, а љубовта – нем сведок на сопственото исчезнување.
Брижит Бардо во „Презир“ ја остварува можеби најсуптилната и најранлива улога во својата кариера. Годар свесно ја демонтира нејзината репутација на секс-симбол, претворајќи ја во фигура на болка и внатрешно повлекување. Камил не објаснува, не се оправдува, не бара разбирање — таа веќе ја има препознаено празнината. Мишел Пиколи го толкува ликот на Пол како интелектуалец заробен меѓу моралниот компромис и емотивната немоќ, додека Џек Паланс го персонифицира бруталниот и агресивен јазик на индустријата што уметноста ја редуцира на производ.

Посебна тежина носи присуството на Фриц Ланг, кој во филмот се појавува како самиот себе – режисерот на „Одисеја“. Преку оваа епизода, Годар воспоставува дијалог со историјата на киното, судирајќи ја класичната авторска етика со самосвеста и референцијалноста на новиот бран. Ланг е тивка, но цврста фигура на достоинство, сведок на свет во кој уметноста постепено ја губи својата автономија.
„Презир“ е снимен во раскошна колор-синемаскоп техника, чија визуелна широчина намерно контрастира со емотивната дистанца меѓу ликовите. Боите – црвената, сината и жолтата – се внимателно кодирани и носат симболичка тежина, артикулирајќи ги напнатоста, отуѓеноста и постепениот распад на интимноста. Просторите, особено вилата на Капри, дејствуваат студено и рамнодушно, како неми сведоци на човечкиот презир.
Годаровиот авторски ракопис се препознава преку долгите кадри, испрекинатата нарација и згуснатата мрежа од цитати – од Хомер и Ниче до тогаш актуелни филмски и културолошки референци. Класичната музика на Жорж Делеру, повторувана со речиси опсесивна упорност, функционира како емоционален рефрен – не води, туку оплакува, одекнувајќи како ехо на љубовта што веќе исчезнала.
Влијанието на „Презир“ е длабоко и трајно. Филмот остави силна трага врз автори како Бертолучи, Вендерс и Антониони, како и врз подоцнежните метафилмски и артхаус практики. Неговата храброст да го преиспита самиот чин на создавање и да ја разобличи илузијата на филмската индустрија го утврдува како темелно дело на модерната кинематографија.
„Презир“ денес се толкува како филм за неможноста за комуникација, за јазот меѓу кажаното и почувствуваното, за тишината што расте меѓу луѓето. Повеќе од шест децении подоцна, тој не старее – продолжува да провоцира и да потсетува дека презирот секогаш започнува таму каде што љубовта престанува да опстојува.

































