Видеотека: дваесет години по премиерата
Фигурата на Никола Тесла се појавува како архетип на забранетото знаење, а не како историски лик. Интерпретацијата на Дејвид Боуви му дава вонвременска, речиси метафизичка аура. Тесла е медијатор меѓу светови, алхемичар на електричната ера, кој ја согледува опасноста содржана во секој вистински пробив. Во неговото присуство, технологијата се открива како форма на магија, а изумот како отворање врата што никогаш целосно не може да се затвори
„Престиж“ („The Prestige“, 2006) на Кристофер Нолан како кинематографско дело одбива да се сведе на наративна конструкција или интелектуална загатка. Филмот функционира како затворен систем, како прецизно обликувана формула во која илузијата, науката и човечката опсесија непрекинато се преобразуваат една во друга. Магијата овде не е мотив или атракција, ами онтолошки проблем, прашање за исчезнувањето и за природата на она што повторно се појавува откако ќе биде жртвувано.
Структурата претставува клучен семантички механизам на филмот. Поделбата на „Залог“, „Пресврт“ и „Престиж“ функционира како своевиден код. Залогот го означува светот на стабилното и препознатливото; пресвртот ја отвора пукнатината во која сигурноста почнува да се распаѓа; престижот ја носи опасната илузија на обновување, уверувањето дека нешто може да се врати без соочување со цената што неизбежно следува. Токму тука филмот го формулира својот највознемирувачки увид: секое враќање претпоставува жртва што мора да остане невидлива.
Ривалството меѓу Роберт Анџиер и Алфред Борден е конфликт меѓу две спротивставени егзистенцијални логики. Борден избира живот на радикална поделба – идентитетот се удвојува и се живее низ постојана таинственост и самопоништување. Анџиер го отфрла тој облик на внатрешна дезинтеграција и се определува за бескрајна репродукција на сопственото тело. Филмот го поставува морничавото прашање дали е потрагично постоењето што се дели на половинки или животот што се одржува преку повторлива смрт во име на совршената илузија.
Фигурата на Никола Тесла се појавува како архетип на забранетото знаење, а не како историски лик. Интерпретацијата на Дејвид Боуви му дава вонвременска, речиси метафизичка аура. Тесла е медијатор меѓу светови, алхемичар на електричната ера, кој ја согледува опасноста содржана во секој вистински пробив. Во неговото присуство, технологијата се открива како форма на магија, а изумот како отворање врата што никогаш целосно не може да се затвори.

Машината на Тесла функционира како уред за удвојување и материјализација и на некој начин го артикулира најдлабокиот егзистенцијален страв вкоренет во филмот: можноста „јас“-от да биде умножен, заменет и уништен без воспоставување на потребната рамнотежа. Во „Престиж“, науката не ја разоткрива магијата; таа ѝ дава смртоносна прецизност и ја претвора во инструмент на насилство.
Режијата на Нолан е строга, наместа исконтролирана до најситен детаљ. Времето е фрагментирано, нарацијата расцепкана, а дневниците функционираат како огледала што заведуваат исто колку и сценските трикови. Гледачот не останува надвор од механизмот; тој е вовлечен во самата логика на илузијата и станува нејзин соучесник.
Дваесет години по премиерата, „Престиж“ се наметнува како едно од концептуално најзаокружените и најрадикални остварувања на Кристофер Нолан. Често засенет од подоцнежните филмови обележани со форми на спектакл и наративна експанзија, овој филм го задржува неговиот најчист авторски исказ. „Престиж“ не нуди утеха, ниту конечни одговори; тој инсистира на внимателно гледање и интелектуална одговорност. Како филмски приказ на самата илузија, останува редок пример каде што формата, темата и мислата се поврзуваат во строго контролирана, вознемирувачка целина.

Јане Алтипармаков
































