„Пред портите на вечноста“ – поглед во душата на еден гениј

Видеотека

„Пред портите на вечноста“ („At Eternity’s Gate“, 2018 година) е филм на ликовниот уметник и режисер Џулијан Шнабел. Кога станува збор за Шнабел, мора да се додаде епитетот ликовен уметник сликар, затоа што тој стана познат по длабокото соживување со ликовите на сликарите страдалници, на начин на кој само сликар може да го согледа животот на друг сликар.
Првото, веќе култно остварување на тој план е филмот за њујоршкиот урбан сликар Жан Мишел Баскијат. „Пред портите на вечноста“ е филм за Винсент ван Гог, еден од оние сликари што се сметаат за „проколнати“ и кои во својот живот до агонија се мачеле да се изборат за своите естетски и авторски принципи. Но тоа не е класична биографија, ниту пак приказна што историски го следи патот на проколнатиот уметник како што беше во случајот со филмот на Винсент Минели – „Жед за живот“ по истоимената книга на Ирвинг Стоун. Филмот на Шнабел е интимен, поетско-духовен портрет на еден уметник што се движи брзо на острите рабови меѓу визијата и бездната, меѓу заслепувачката светлина на сликарството и густата темнина на светот. Времето во кое живее Винсент е непријателски настроено кон небуржоаската култура, а уметниците на импресионизмот и постимпресионизмот, буквално се бореле за да преживеат. Неговиот случај е уште поекстремен. Заедницата во Арл потпишува петиција против лицето Винсент ван Гог, барајќи веднаш да биде исфрлено од градот или однесено во лудница. Само поради тоа што бил „странец“ што не комуницира со никого. Освен со еден добар поштар…
Главниот лик не случајно му е доделен на актерот Вилијам Дефо, веќе виден во легендарниот филм на Скорсезе – „Последното Христово искушение“ како аскет и страдалник, кој сепак (според сценариото на Казанцакис) се клати на границите меѓу верата и сомнежот. Иако реалниот живот на Винсент ван Гог завршува на триесет и осум години, актерот Дефо е многу постар во филмот од возраста на Ван Гог, но тоа не ѝ пречи на визијата на Шнабел, кој сака да создаде безвременски лик и карактер, човек што остарел пред своето време, носејќи ја тежината на целиот свет врз својот искривен грб. Дефо двапати носи крст на филмското платно. Едниот во улогата на Исус Христос, другиот (во форма на штафелај и платна) во улогата на Винсент ван Гог.
Структурата на филмот не е наративна. Таа ги опфаќа последните две години од неговиот живот, по заминувањето на уметникот од Париз, престојот во Арл и во лудницата кај Сен Реми, на југот од Франција. Шнабел, и самиот сликар, со нервна и експресивна природа, не се интересира за историски факти, тие се второстепени во случајов, туку за внатрешниот свет на Винсент. Камерата често е рачна, немирна, со силни контрасти на светлина и боја. Кинематографот ги доловува четката и ритамот на цртежот во делата на сликарот. Филмот изобилува со долги внатрешни монолози и борби. Наместо погледот на гледачот да оди врз историската личност, ние како да гледаме низ главниот лик. Самиот гледач станува Винсент. Мотивите од неговото сликарство, полињата со пченица, сонцето, камењата – сè е прикажано како духовно искуство, не како пејзаж. Сликарството е една голема борба каде што се борат темнината и светлината, сатаната и Бог. Чудесни се приказите кога сликарот ги прегрнува билките, високите суви треви во полето, кога долго медитира гледајќи го ѕвезденото небо и разбирајќи ја тајната на универзумот. Тој постојано е на чекор кон вечноста. Портата на преминот се наѕира. Режисерот успешно го покажува патот до сликата, не само формата туку и суштината – како се доаѓа до реализација на едно генијално дело.


Филмот успешно ја избегнува сензационалноста околу медиокритетски сфатеното „лудило“ на уметникот. Наместо тоа, режисерот човечки го прикажува страдањето како дел од екстремната чувствителност и радикална искреност на уметникот кон природата и луѓето. Само сликар можел до толку верно да го прикаже во кинематографија процесот на создавањето на една слика врз белото платно. Ако во други биографски филмови за сликари сме гледале наивни репродукции, кои наеднаш како со некој магиски трик се појавуваат во ателјеата на уметниците, овде имаме приказ на вистински сликарски процес (сцената со сликањето на старите чевли, на расцветаната градина).
Вилијам Дефо носи тивка, но експлозивна интерпретација. Ликот е на границите на имплозија, но тој успева да го задржи надворешниот мир, за да не ги повреди ближните, пред сѐ неговиот сакан брат Тео. Неговиот Ван Гог не е хистеричен гениј, туку човек со длабока ранливост и мирна решителност. Во неговите очи има и болка и светлина – што создава силна емотивна тежина. Градината во лудницата е главната инспирација на уметникот, место каде што се крши верата, како Гетсиманската градина во која Христос се молел – „Нека ме одмине оваа горчлива чаша“.
Незаборавна е извонредната улога на Медс Микелсен, кој го глуми свештеникот – проценител на душевно болните пациенти во болницата во Сен Реми. Како што постојат проценители на трговска стока и накит, така постојат и проценители на човечки души. А тие најчесто ја промашуваат дијагнозата.
Дијалогот на уметникот со свештеникот силно потсетува на дијалозите меѓу Моцарт и Салиери во филмот на Милош Форман. Свештеникот, иако човек чија дејност е духовно да ги пробуди луѓето, во случајов е со спротивна улога, тој сака да му ја одземе верата на уметникот и да го обесмисли неговиот творечки живот. Целата сцена е голема метафора на секојдневните борби што ги води кој било уметник со „проценителите“ на нивната успешност во уметничкиот подвиг.
– Кој ти рекол тебе дека знаеш да сликаш и дека си уметник? – сурово го прашува свештеникот, на што тивкиот и непоколеблив сликар – пророк одговара: „Јас сум сликар не за сегашноста, туку за некои луѓе во иднината… Тие можеби ќе разберат што сакав да насликам“.
Интересно е и тоа што вистинскиот „Салиери“ или соперник на сликарот, Пол Гоген, кој во книгите на Антонен Арто и Ирвинг Стоун е претставен како љубоморен и проблематичен лик, предизвикувач на трагедијата што ќе го доведе Винсент до нервен слом и лудница, во овој филм е само статист и небитен попатен лик. Ликот го глуми Оскар Исак.
Филмот отвори и ново прашање за смртта на сликарот. Дали уметникот што во животот нема допрено оружје решил да се застрела во полето со револвер, за време на една сликарска сеанса? Теоријата на Шнабел е дека сликарот е убиен во некаква апсурдна случајност, од група тинејџери што истиот ден за забава стрелале со пиштол во полето каде што сликал и Ван Гог. Истите „дечишта“ често го исмеваат сликарот и го третираат како лудак. Винсент е погоден во стомакот од залутан куршум и умира подоцна, по три дена агонија и маки. Трагите од убиството брзо биле скриени, а уметникот никому не му спомнал за децата, не ги пријавил иако можел да го направи тоа, затоа што верувал дека тоа е неговата судбина. Тој можеби премолчил и поради христијанскиот принцип, кој вели – да не го осудиш својот ближен, туку да ја преземеш неговата мака врз себе. Тајната за неговата смрт е запечатена во полето со жито и гавраните, кои ја кријат од светот во длабока тишина. Во историјата, за жал, Винсент ван Гог официјално е прогласен за самоубиец.
„Пред портите на вечноста“ не е филм што ќе ви го илустрира животот на Винсент ван Гог како историска читанка. Тој е суров и есхатолошки филм, кој ве носи до крајот на нештата, кој го преиспитува поредокот на светот каков што го познаваме. Но за оние што знаат и интуитивно чувствуваат дека уметноста е нешто повеќе од професија и забава, дека е судбина, потреба, па дури и крст или Сизифова карпа што по секоја постигната цел се струполува во бездната сосе самиот творец, овој филм може да биде длабоко откровение.
Тоа е филм што не слика портрет на Винсент ван Гог, туку портрет на секој творец и креативец што носи оган и светлина во светскиот мрак, како комета.

Никола Пијанманов

Авторот е ликовен уметник