Рецензија на „28 години подоцна“ во режија на Дени Бојл
Дваесет и три години по премиерата на сега веќе култниот дистописки зомби-хорор „28 дена подоцна“ и осумнаесет години по неговото второ продолжение „28 недели подоцна“, Дени Бојл се враќа на сцена со долгоочекуваното трето продолжение, логично насловено „28 години подоцна“. Легендарниот британски филмски режисер и писател, познат по своите филмови, меѓу кои „Ноќна стража“ од 1989 година, „Плажата“ од 2000 година, „Милионерот од предградието“ од 2008 година, за кој беше одликуван со „оскар“ за достигнување во режијата, „127 часа “ од 2010 година, но секако за филмската публика најпознат и најценет по неговото ремек-дело „Треинспотинг“ од 1996 година (кое во 2017 година го дочека своето не толку славно второ продолжение), конечно пред своите обожаватели го претстави третото продолжение од неговата научнофантастична хорор-франшиза, која во минатото успеа да ги собори сите табуа за зомби-филмовите и постави нови, повисоки критериуми.
Првиот од овие три дела, „28 дена подоцна“, во кој Дени Бојл соработуваше со тогаш младиот и надежен дваесет и шестгодишен актер Килијан Марфи, а меѓу водечките ролји беа и Наоми Херис и Кристофер Еклстоун, се појави на филмското платно во сега веќе далечната 2002 година и веднаш предизвика посебно внимание кај љубителите на овој жанр.
Постапокалиптичниот зомби-хорор, во кој група активисти за права на животните влегуваат во лабораторија и ги ослободуваат мајмуните од нивните кафези за да ги спасат, и покрај предупредувањата од еден научник дека мајмуните се заразни, резултира со катастрофална епидемија, која се шири низ Велика Британија и инфицира голем број луѓе. Џим, кој паднал во кома по велосипедска несреќа кратко пред да се ослободи вирусот, излегува од кома и открива дека Лондон е пуст. Тој сфаќа дека не е сам, бидејќи во градот има и такви што биле заразени.
Овој прв обид на Бојл како да не наиде на преголемо внимание кај филмската критика, па, така, „28 дена подоцна“ не се најде на списокот на најнаградуваните филмови таа година. Но тоа нималку не го намали влијанието на овој филм, кој во меѓувреме доби култен статус.
Во „28 недели подоцна“ режисерот Хуан Карлос Преснандило и Роуен Џофи, заедно со актерите Џереми Ренер, Роуз Бурн и Роберт Карлајл, ја разработуваат и ја развиваат приказната од првиот дел, а дејството се развива во речиси епски размери.
Речиси шест месеци откако Лондон беше уништен од незапирливиот вирус на бес во „28 дена подоцна“, американската армија го врати мирот и го насели повторно градот под карантин. Сепак, смртоносната епидемија се разбудува кога еден носител на високо преносливиот патоген влегува во мртвиот главен град со првиот бран бегалци што се враќаат. Овој пат ужасниот вирус е поопасен од кога било.
Филмските обожаватели што беа импресионирани од првиот дел беа екстремно разочарани од неговото продолжение. Не поради лошата режија или несмасната приказна, „28 недели подоцна“ доби најмногу критики поради агресивната и нестабилна работа на камерата. Стилот на филмот се карактеризира со брзи, нагли движења и брзи кадри, кои може да бидат дезориентирачки и да го отежнат следењето на дејството. Овој стил, наменет да создаде чувство на хаос и непосредност, се чини дека беше премногу за некои гледачи.
Дени Бојл не го режираше „28 недели подоцна“, туку тоа задоволство му го препушти на својот колега Хуан Карлос Преснандило, бидејќи беше зафатен со други обврски, поточно со режирањето на филмот „Сончева светлина“. Иако остана вклучен како извршен продуцент, режисерските должности комплетно му беа предадени на Фреснадиљо. Бојл изјави дека не сакал да се повторува со продолжение и дека тој и Алекс Гарланд претпочитале да истражат поинаква насока за франшизата, што довело до „28 години подоцна“.
Па, како што најавија, така и сторија. Дени Бојл и Алекс Гарланд го објавија третото продолжение.
На почетокот на 2000-тите, „28 дена подоцна“ стана најпопуларниот и највлијателен зомби-филм во последните децении, со неговите брзи вирусно заразени зомбија, кои беснеат низ постапокалиптична Англија. Сега Бојл и Гарланд се соединија со „28 години подоцна“, еден од најочекуваните филмови (заедно со „Грешници“) за 2025 година. Во споредба со безбројните познати зомби-филмови и ТВ-емисии што се појавија од оригиналниот филм, „28 години подоцна“ е трнливо, предизвикувачко, непредвидливо дело, што значи дека предизвикува внимание и дискусија, без оглед на тоа кому, колку и дали воопшто ќе му се допадне овој филм.
Ако „28 дена подоцна“ беше сѐ што не сме виделе во веќе познатите зомби-филмови на Џорџ А. Ромеро (бавно влечење полумртви луѓе што се распаѓаат), Бојл го засили чувството на страв, бидејќи во неговиот филм опасноста демне од инфицирани луѓе што со голема брзина се движат кон својата цел, ширејќи ја заразата со нескротлив бес. Тие се жртви на вирус протечен од лабораторија, кој се чини дека се шири практично со секое изложување на крв или плунка од заразено лице. Во рок од една или две минути, новозаразените повраќаат крв и напаѓаат секого околу себе во лудост. Жртвите се аналогни на зомби поради нивната навидум жед за човечки масакр (иако никогаш не е јасно дали навистина се хранат со луѓе) и безумноста со која го следат тоа, но тие се помалку натприродна варијација од некои од нивните предци. Истото тоа важеше и за продолжението од 2007 година – „28 недели подоцна“.
Сето ова сѐ уште е случај и во „28 години подоцна“, но со текот на времето, Бојл и Гарланд воведуваат нови варијанти на поствирусната популација, која ја вградуваат во нова приказна. Сè уште има жртви на вирусот, често во партали или без облека, кои талкаат по селата на Обединетото Кралство. Но, 12-годишниот Спајк (Алфи Вилијамс) и неговиот татко Џејми (Арон Тејлор-Џонсон) исто така се среќаваат со заразени што биле гротескно отечени од вирусот, а сега се влечкаат низ калта, честопати хранејќи се со црви. На другиот крај од спектарот, нашите херои се исто така загрозени од алфа зомби, кој е поголем, посилен и поподмолен од другите. Тој исто така се чини дека е способен да се размножува, што е дополнително застрашувачки.
Во „28 години подоцна“ Бојл и Гарланд ја прошируваат нарацијата во повеќе аспекти. Присутни се политички паралели, теми во кои се зборува за животната средина и нејзиното можно нарушување до целосен колапс, бремени зомбија што раѓаат здрави, незаразени бебиња, третирање на веќе постојни болести (како карциномот) со алтернативна медицина, но и еден сосема необичен крај, кој дефинитивно остава простор за нов развој на оваа франшиза.
Овие нови сегменти дефинитивно ќе предизвикаат нови возбудувања, но и нетрпение за тоа што сѐ може да очекуваме од следното продолжение, кое несомнено ќе дојде.
Како режисер, Бојл, кој е познат по својот уникатен стил, во „28 години подоцна“ го развива овој свој препознатлив стил уште повеќе. За продолжението, Бојл и кинематограферот Ентони Дод Ментл користеле уреди ајфон за да снимаат слики што ќе кореспондираат со реалноста и ќе бидат повивидни за гледачот. Бојл и Ментл ја користат оваа технологија за да снимаат од препознатливи екстремни агли и неочекувани гледишта, додаваат замрзнати микрокадри на сцени со особено напната акција и вешто користат вистински локации. И покрај сите неконвенционални начини на снимање, неговата работа никогаш не се чувствува како преоптоварена или сензационалистичка. Наместо тоа, визуелните ефекти ја водат публиката низ серија промени што ги менуваат очекувањата, вклучувајќи пасуси во кои филмот повеќе личи на темна бајка отколку на традиционален хорор-филм. Дигиталната кинематографија сега е норма, Бојл заедно со Мајкл Ман, Стивен Содерберг и Дејвид Финчер спаѓа меѓу ретките мејнстрим-режисери што се способни да ги прифатат придобивките од новата технологија и да ги применат на вистински начин.
Во однос на идејата што ја носи „28 години подоцна“, овој филм нѐ носи во свет што сè уште ги носи лузните и ги слуша одгласите на пандемијата на ковид-19, порастот на авторитаризмот и безброј оружени конфликти, вклучувајќи го и оној што се одвива на Блискиот Исток токму сега. Бојл конкретно го спомена брегзит како точка на допир во развојот на „28 години подоцна“, во кој навистина се гледа Британија изолирана – со сила, а не по избор. Иако филмот не ги подвлекува премногу смело паралелите со пандемијата на ковид, може да се следи како постпандемиска алегорија, со желбата на Спајк повторно да му се придружи на светот, без оглед на тоа како е изменет од она што го знаеле неговите родители, во спротивност со строгоста на заедницата во која е роден – во карантин. Д-р Келсон, во меѓувреме, е решен да ги одбележи мртвите со својот импозантен храм од черепи, наместо да ги користи своите ресурси за да продолжи понатаму или да ја зајакне својата одбрана (што исто така ги истакнува разликите кон отвореното негирање на ковид-19 или антиваксерството). Бојл и Гарланд ја насочуваат нивната мантра за да се справат со тоа. Како колективна човечка раса, се очекува да продолжиме како преживеани од толку многу современи катастрофи. Колку од тие катастрофи се случиле во остатокот од светот е уште едно од привлечните отворени прашања на филмот што Бојл претпочита да ги скрие, барем сега за сега. Додека не дојде следното продолжение.