Сместен во поделениот Берлин, филмот го следи распаѓањето на бракот помеѓу шпионот Марк (Сем Нил) и неговата сè понепредвидлива сопруга Ана (Изабел Аџани). Она што започнува како приказна за неверство и емоционален колапс брзо се претвора во гротескно, халуцинаторно спуштање во опсесија и монструозно губење на идентитетот. Застрашувачки реалната изведба на Изабел Аџани во овој филм е една од најдобрите женски улоги на сите времиња. Нејзината драматична трансформација ѝ дава особено жестока доза на и онака непредвидливата и мистериозна приказна

Видеотека

Филмот „Поседување“ на полскиот писател и режисер Анджеј Жулавски е еден од оние филмови што уште со самото свое појавување се урнале под притисокот на својата тежина, го допреле дното, и од својата пепел, како Феникс, се кренале до најголемите височини на филмската критика. Впрочем, овој филм на Жулавски, кој својата премиера ја имаше во 1981 година на Канскиот филмски фестивал, предизвика реакции на паника и бес кај публиката. И покрај фактот што Изабела Аџани беше наградена за најдобра актерка, а самиот Жулавски беше номиниран за „златна палма“, овој филм низ годините го уживаше епитетот на еден од најозлогласените филмови.
„Поседување“ беше редовен и составен дел од сите листи на филмови што беа ставени под кованицата „шокантни видеа“ (video nasties).
Овој филм доживеа тотален колапс на боксофисот, потоа следуваше забрана за емитување во Обединетото Кралство поради неговата, наводно, штетна содржина, а во САД наиде на уште полош прием, па, така, „Поседување“ беше отфрлен и две години не смееше да се емитува воопшто. Кога по две години тој беше прикажан, третина од неговата содржина беше отстранета, во обид да се прикаже како едноставен хорор-филм, кој подлегна на ужасни критики од малкуте критичари што се потрудија да го гледаат. Овој контроверзен филм на Жулавски со години се сметаше за еден од најозлогласените филмови што се видени.

Филм што е невозможно да се класифицира

Ова трескавично филмско дело на Анджеј Жулавски, режисер што беше еден од главните пропагатори на европскиот филмски арт-хаус и уметник што жестоко се бореше против комерцијализмот и мејнстримот во филмската индустрија, дојде како пролог на „Ѓаволот“ од 1971 година и епилог на „На сребрениот глобус“ од 1988 година, филмови што ја обележија кариерата на овој режисер.
Ова метафизичко вознемирувачко филмско дело, кое е исклучително тешко да се класифицира и стави во одредени маргини, содржи во себе доза на еклектика многу поголема од која било жанровска етикета. Како психолошки хорор, со примеси на современа драма и супернатурална научна фантастика, е еден обид да се доближи до некакви рамки, но и тоа е залудно.
Сместен во поделениот Берлин, филмот го следи распаѓањето на бракот помеѓу шпионот Марк (Сем Нил) и неговата сè понепредвидлива сопруга Ана (Изабел Аџани). Она што започнува како приказна за неверство и емоционален колапс, брзо се претвора во гротескно, халуцинаторно спуштање во опсесија и монструозно губење на идентитетот.

Изведбата на Изабел Аџани – една од најдобрите женски улоги во историјата на филмот

Застрашувачки реалната изведба на Изабел Аџани во овој филм е една од најдобрите женски улоги на сите времиња. Нејзината драматична трансформација ѝ дава особено жестока доза на и онака непредвидливата и мистериозна приказна.
Сурова, животинска и застрашувачки ранлива. Нејзината озлогласена сцена во метрото, каде што таа се грчи, вреска и се спушта во надреален чин на физичко и емоционално расплетување, останува една од најстрашните секвенци во историјата на киното. Сем Нил со својата преплашеност и очај долева масло на ескалацијата и паранојата, бидејќи емоционалната имплозија на двојката се манифестира на насилни, безмалку митски начини.

Како се случи пресвртот во филмската критика?

Филмот е озлогласен по својот интензитет, и со право. Но кога, каде и зошто овој отпишан филм од филмската критика одеднаш доживува свое воскресение?
Озлогласеноста околу филмот овозможи да се развие култ околу него со текот на годините, дури и во Америка, каде што целосната верзија на крајот конечно доживеа свои репертоарски проекции.
Во денешно време, по речиси половина век, „Поседување“ значи да се сфати дека тој останува едно од најисцрпувачките, најмоќни и неверојатно интензивни кинематографски искуства што веројатно ќе ги имате во вашиот живот. Овој филм низ годините изгради статус и стана симбол на оние филмски обожаватели што ја ценат филмската уметност како таква, а не поради комерцијална цел. Од денешна перспектива, „Поседување“ има да понуди многу.
Начинот на кој Жулавски снима со манична енергија – вртложењето на камерата, дезориентирачките монтажи и непредвидливите промени во тонот создаваат кошмарна логика. Градот Берлин, студен и расцепкан, станува метафора за психичка и емоционална поделба, додека притаениот натприроден елемент стои како симбол на неподносливата непозната во човечката интимност.
„Поседување“ не е филм што треба да се разбере во линеарна смисла; тој е наменет да се почувствува – во стомакот, во нервите, во несвесното. Станува збор за лудилото, тагата, застрашувачката комплексност на љубовта и чудовиштата што ги создаваме кога не можеме да се соочиме со себе.
Вознемирувачки, хипнотички и сосема единствен, денес „Поседување“ е кинематографски егзорцизам. Филм што е спасен и избавен од своите сопствени демони и овековечен во златна рамка. Незаборавно патување во емоционална и егзистенцијална крајност.


„Крамер против Крамер“ и „Потомството“ – млака споредба со „Поседување“

Во својот единствен англиски труд во својата кариера, Жулавски црпел инспирација од разводот со актерката Малгожата Браунек во 1976 година, трансформирајќи ги гневот и депресијата што произлегле од него во кинематографски исконски крик. Можеби некој ќе најде сличности со „Крамер против Крамер“ (1979) и „Потомството“ (1979) на Дејвид Кроненберг, два филма што ги испитуваат емоционалните последици од разводот низ призмата на еден морничав хорор-филм (важи за „Потомството“), но дури и тој забележителен напор изгледа речиси мирно во споредба со бесот што во себе го носи „Поседување“. Сцените во кои Марк и Ана се кинат еден во друг, кои се направени со таков гнев и свирепост што речиси се чувствувате како да се мешате во нешто што не треба да го гледате, се толку привлечни и длабоко трауматични што на моменти можете да доживеете чувство на воајеризам.