„Диди“ беше вистинско освежување на годинашното издание на „Санденс“. Ова топло, интимно и искрено филмско дело на Шон Ванг несомнено е еден од најуникатните филмови што се појавија минатата година на фестивалите. Гледајќи го „Диди“ го добивате она чувство дека некогаш претходно сето тоа веќе сте го виделе, но сепак ви е мило што го гледате повторно. Преку овој филм, секој од нас, со доза носталгија, ќе се наврати на своето детство

Осврт кон „Диди“, дебитантскиот филм со кој Шон Ванг се претстави на „Санденс“

Независниот филм на режисерот Шон Ванг, „Диди“, ја освои наградата од публиката на фестивалот „Санденс“ во 2024 година. Ова беше мало пријатно изненадување на филмските платна. Станува збор за филм што повеќе го испорачува потенцијалот на премисата за полнолетство и пробива нови терени за жанрот со изнаоѓање уникатни начини за развивање на неговите ликови. Оваа навидум лесна детска комична драма за полнолетството и предизвиците што ги носи периодот на созревањето во себе носи многу подлабока, дури и брутална вистина. Ова прво режисерско деби на Ванг нурнува длабоко во невината детска природа и е многу посилно и повлијателно отколку што првично може да ви се чини.
„Диди“ нуди искрен и трогателен поглед во животот на еден млад тајванско-американски тинејџер додека тој се движи низ незгодните турбуленции и крстопати на адолесценцијата. Како што напредува филмот, Крис, младиот централен лик, се осмелува да се открие себеси и да го најде своето место во координативниот систем. Гледаме како тој расте и е принуден да научи многу од универзалните животни лекции, а сето тоа го исцртува неговиот пат низ младоста.
Оваа позната, па и за некого можеби излитена премиса ја имаме видено во повеќе филмови. „Цик“ на Фатих Акин, „Деца“ на Лери Кларк, „Зашеметен и збунет“ на Ричард Линклејтер, „Речиси познат“ на Камерон Кроу и многу други. Но „Диди“ на Шон Ванг прави нешто ново и посебно, отстапувајќи од формулата и дополнувајќи ја целата работа со суптилни допири на реализам, од кои многу елементи никогаш не се видени на филмските платна. Овие новитети, како и експерименталниот пристап/стил на филмот помогнаа овој филм да зрачи со свежина. Дејството и приказната за созревањето на Крис совршено го доловуваат растењето во 2000-тите.

Постојат универзални квалитети во приказната на Ванг што не случајно се појавуваат во овој филм. Крис Ванг (Изак Ванг), кој неговата мајка од милост го нарекува Диди, но сите други со потсмев го нарекуваат „Ванг Ванг“, е на крајот на летниот распуст. Неговите детски летни безгрижни авантури наскоро ќе бидат пресретнати и брутално прекинати од предизвиците што ги носат годините на преодот од адолесценција во тинејџерство. Тој се чувствува по малку отфрлен во неговата претежно бела енклава Фримонт, Калифорнија. Тоа е причината зошто, категорично, тој се опкружува со други деца со доселенички корени, како Фарад (Раул Диад) и Џими/Супа (Арон Чанг). Но дури и тие се асимилираат во еден вид токсичен бел отров што станува вообичаен на таа возраст. Нивното бавно оддалечување од него уште повеќе го отуѓува Крис.
Изгледа дека Крис не може да најде љубов или наклонетост никаде. Тој е благо зачуден од заинтересираноста на Мади (Махаела Парк), млада, но зрела девојка со која се спријателува на забава и со која сѐ почесто разговара на социјалните мрежи. И покрај тоа што неговите пријатели го тераат да ги помести своите сексуални граници, Крис, кој е сè уште многу млад, е премногу нервозен за да направи чекор напред. Крис мошне лесно се снаоѓа во четувањето со Мади. Но што ќе се случи кога од таму ќе треба да се премине во акција? Младиот Диди се соочува со брутална ситуација што ги отсликува сета негова срамежливост и збунетост. „Ти си мошне сладок, за момче од Азија“, вели Меди, која можеби има проблеми со сопствениот идентитет.
Во „Диди“ има многу расни фалсификати, како на пример, моментот кога Крис им кажува на луѓето дека е само половина Азиец или, пак, кога ја обвинува својата грижлива мајка дека е премногу Азијка, или начинот на кој група момчиња го додаваат зборот „Азиец“ на „Крис“ кога тие скандирајќи го неговото име го јакнат неговото его на погрешен начин. Крис сака да ја преземе улогата на кул дете, но тоа едноставно не е во него. Неговите обиди стануваат брутално осуетени и тој завршува засрамен и повреден.

За своите неуспеси Крис обвинува многу луѓе, но никогаш себеси. Жртви на неговите воочени недостатоци се неговата сестра (Ширли Чен), која е негов противник сѐ додека не ја сфати неговата болка, неговата мајка, која е во канџите на нејзината злобна свекрва што ја задушува со своите традиционални азиски принципи и шаблони, додека таткото на Крис е отсутен на работа во Тајван. Крис бара утеха и прифаќање, но неговите другари се отуѓуваат од него. Тој ја наоѓа во друштво на постари скејтери, кои уште на прв поглед не изгледаат дека се негово природно друштво. Крис е восхитен од нив, но начинот на кој се обидува да ги придобие е лажен. Тие го сакаат каков што е, но тој воден од своето тинејџерско неискуство и незрелост се обидува да им се допадне на погрешен начин. Лагите излегуваат на виделина, а Крис останува засрамен и понижен.
Кинематограферот Сем А. Дејвис направил извонредни напори и успеал да ја рекреира 2008 година, заедно со естетиката што таа ја носи со себе. Со компонирање светлечки композиции што изгледаат како да ја доловуваат светлината на калифорниското сонце, тој понекогаш е строг при користењето сенки до тој степен што прикривајќи ја трогателната проштална сцена меѓу Крис и Вивијан доловува чувство на тежина во стомакот кај гледачот.
„Диди“ беше вистинско освежување на годинашното издание на „Санденс“. Ова топло, интимно и искрено филмско дело на Шон Ванг несомнено е еден од најуникатните филмови што се појавија минатата година на фестивалите. Гледајќи го „Диди“ го добивате она чувство дека некогаш претходно сето тоа веќе сте го виделе, но сепак ви е мило што го гледате повторно. Преку овој филм, секој од нас, со доза носталгија, ќе се наврати на своето детство.