Осврт кон филмовите „Неврзани: Сцени од фондот на Лабудовиќ“ и „Киногерила: Сцени од фондот на Лабудовиќ“

Декада по премиерата на документарниот деби-филм „Синема Комунисто“ (2010), режисерката Мила Турајлиќ се враќа со два нови возбудливи документарни филма. Мила беше гостинка на Културниот дневник на РТС, каде што режисерката го образложи концептот на филмовите, што сериозно ме испровоцира да ги погледнам. Набрзо по тоа можноста се реализираше, а филмовите беа прикажани на годинашното издание на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“.
„Неврзани и Киногерила: Сцени од фондот на Лабудовиќ“ е документарен диптих составен од два филма, кои нѐ водат на архивско патување низ процесот на создавање на проектот „Трет свет“. Токму тој (гео)политички и историски потконтекст, толку актуелен за денешната доба, дополнително ме инспирираше дека морам да ги погледнам.
Филмовите се засновани на досега необјавените филмски материјали снимени на 35 мм ленти, од страна на Стеван Лабудовиќ, снимателот на југословенскиот претседател Тито, кој ги документира неговите патувања во Африка и Азија за да ги промовира третиот пат и овој глобален сојуз среде Студената војна (1950-тите и 1960-тите години).
„Неврзани“ покрај тоа што го отсликува значењето на движењето на неврзаните во тој историски и геополитички контекст, наедно и го актуализира во денешниот, и дава одговор на прашањето зошто Југославија била толку значајна во времето на Студената војна, а наедно и зошто била уништена од страна на Западот. Како генерација што барем малку (десетина години) ги почувствува Југославија и нејзиното значење, овој приказ дава дополнителна слика и политичка артикулација на нејзината големина. Сепак, во тие детски години, иако интуитивно сме го чувствувале, не сме можеле свесно да го доживееме политичкиот контекст, што преку овој филм ги добива своите контури.


Она што започнува како истражување на снимки од вести од самитот на неврзаните во Белград во 1961 година, станува кохезивен документарец за исчезнатата земја и нејзините надежи за иднината, историја на раните денови на Движењето на неврзаните и документ за спојот меѓу двајца филмаџии – Турајлиќ, во своите четириесетти години, и Лабудовиќ, на 90 години. За среќа, овие 35 мм ленти останале во депото на редакцијата на „Филмске новости“, каде што Лабудовиќ работел. Дел необележани, кријат парче од неверојатната историја на веќе непостојната земја. Овој филм претставува и осветлување на тој дел од историјата, која за секунда можела да исчезне. Тоа е доказ и за фрагилноста на историјата и колку е таа подложна на манипулации. Само мала немарност или пожар, сите овие снимки можеле да отидат во заборав, а со тоа и мемориските траги од едно друго време (што барем кај нас е редовна постапка).

Вака и ние, последната генерација на Титовите пионери, изворно можеме да видиме што всушност се случувало тогаш. Движењето на неврзаните ги кани новоослободените земји од Азија и од Африка да се приклучат на нов политички проект, кој не е усогласен со ниту еден од блоковите од Студената војна (Истокот и Западот), и има цел да создаде поправеден светски поредок. Додека студената војна го поларизирала светот на исток и запад, Тито тргнал некаде посреде, поведувајќи ги со себе новите големи лидери од тукушто ослободените земји. Во меѓувреме, лидерите што го дефинираа ова движење беа прогласени за диктатори, а нивните земји уништени, вклучително и Југославија.
Истата таа генерација на Титовите пионери, но и оние што се родени во независните држави произлезени од распадот на Југославија, живеат според синтагмата „оној што не го познава минатото е осуден да го повторува“. Во еден хегелијански прогресивен развој на историјата, денеска повторно сме сведоци на истиот тој историски процес што се повторува преку антиколонијалната војна во дел од африканските земји и преку наѕирањето на контурите на мултиуполарниот свет (формирањето на БРИКС).
Ако првиот филм „Неврзаните“ ја реконструира појавата на Движењето на неврзаните, доведувајќи го во прашање степенот до кој филмската слика имаше удел во создавањето на глобалниот проект на политичка еманципација, вториот „Синегерила“ оди зад сцената на медиумската битка што се води за време на Алжирската војна за независност и ја открива улогата на филмската слика во политичката борба против колонијализмот. Бидејќи Алжир нема развиено таков вид пропаганда, а Франција има, Тито го праќа Лабудовиќ директно на фронтот во Алжир, каде што поминува три години снимајќи документарен филм за војната.
Иако значењето на Лабудовиќ во југословенскиот контекст е мошне бледо, во Алжир тој има свое место во историскиот музеј и се изучува на часовите по историја! За среќа, додека сѐ уште е жив (за жал, починува за време на снимањето на „Синегерила“), тој го посетува Алжир, каде што е пречекан со сите почести.
По повод премиерата, Мила Турајлиќ ќе изјави: „Овој диптих е создаден како резултат на средбата и пријателството со Стеван Лабудовиќ, снимател на „Филмске новости“, кој беше задолжен да го придружува претседателот Тито на познатите мировни патувања со бродот „Галеб“. По тој повод беше создаден вреден материјал снимен во неврзаните земји. Првиот филм во диптихот го следи создавањето на Движењето на неврзаните до историскиот самит во Белград во 1961 година, а вториот ја открива улогата на Стеван Лабудовиќ во снимањето на Алжирската ослободителна војна. Ми причинува огромно задоволство да го претставам овој филм пред белградската публика во главната програма на ФАФ, особено на такво симболично значајно место како што е некогашниот дом на синдикатите, кој беше прес-центар на првиот самит на неврзаните“.
Филмовите се снимени во Белград, Њујорк и во Алжир, со архивски снимки од целиот свет, снимени во времето кога моќта на киното сѐ уште била единствениот начин да се изрази политичкиот сон (и да се искористи во пропагандни цели). Ова се суптилни и комплексни документарци, во кои сепак преовладува ведар и оптимистички дух и кои вешто ги спојуваат личните и глобалните истории. Создадени можеби во вистинскиот момент, овие филмови треба да претставуваат не само (југо)носталгична реминисценција и историски потсетник туку и патоказ кон иднината што ќе го контекстуализира и насочи политичкиот „заитгеист“. Искуството (и спознанието од минатото) го имаме, само треба да го примениме, со тоа избегнувајќи ја осуденоста истото тоа повторно и повторно да го повторуваме.

Тони Димитров