Во специјално интервју за магазинот „Пипл“, по повод јубилејот на романтичната комедија „Откачената русокоса“, режисерката на овој филм од 1995 година, Ејми Хекерлинг, смета дека неговата 30-годишнина „не изгледа толку важна“, додека ѕвездите со задоволство се сеќаваат на работењето на култниот класик
„Откачената русокоса“ наполни 30 години
Речиси три децении откако „Откачената русокоса“ првпат се појави во кината, обожавателите и ѕвездите на оваа тинејџерска комедија се собраа во Музејот на филмската академија за да ја прослават својата значајна годишнина со специјална 35-милиметарска проекција.
Филмот, кој е инспириран од „Ема“ на Џејн Остин, веднаш стана класик, благодарение на духовитото сценарио, модерниот стил и незаборавните изведби на Алиша Силверстоун, Британи Марфи, Пол Рад и други.
Режиран и напишан од сега 71-годишната Ејми Хекерлинг (за време на снимањето на овој филм имаше 40 години), „Откачената русокоса“ помогна да се дефинира една генерација и ја лансираше својата млада екипа кон патеките на славата.
Иако наследството на филмот продолжува да расте до ден-денес, Хекерлинг вели дека годишнината нема исто значење за неа како што има за обожавателите и пошироката јавност.
„Како да не се поминати три децении“, изјави таа ексклузивно за „Пипл“ кога ја прашаа за 30-годишнината од филмот на 19 јули. „За мене, овој филм не изгледа толку важно“.
Хекерлинг забележа дека некои од нејзините други популарни проекти, како што е „Брзи времиња во средното училиште Риџмонт“ од 1982 година, постојат многу подолго.
Впрочем, 48-годишната Силверстоун и 54-годишната Елиса Донован, кои ги играа ултрапопуларните Шер и Амбер во иконскиот филм, соодветно го повторија ставот на Хекерлинг, забележувајќи дека „Откачената русокоса“ е евергрин за кој навистина е тешко да се почувствува дека се минати 30 години со оглед на неговата свежина и актуелност.
– Овој филм се слави секоја година. Мислам, секако, има годишнина, но… се сеќавам дека слушнав за 10-та, 15-та и 17-та – вели Силверстоун.
Сепак, Донован ја призна важноста на моментот, додавајќи: „30 години е сепак важна цифра и голем јубилеј“.
Иако пресвртницата можеби не се чувствува монументална за сите вклучени, емоционалната врска со филмот и неговото наследство е неоспорна.
За време на панел-дискусијата, Хекерлинг објасни како снимањето на филмот е „универзум“ во кој сака да остане засекогаш.
– Едноставно се чувствував како ова среќно место полно со овие прекрасни луѓе и сите овие брилијантни креативни луѓе. И не сакав да одам никаде на друго место – рече таа.
Донован, исто така, се осврна на трајното влијание на „Откачената русокоса“, изразувајќи длабоко чувство на благодарност за нејзината улога во филмот.
– Се чувствувам многу гордо што сум дел од нешто што има толку долготрајност и им донесе толку многу радост на луѓето. Мислам дека тоа е неверојатен дар. Се чувствувам навистина среќна и мислам дека тоа е доказ за фактот дека духот е толку позитивен и толку светол и навистина се однесува на луѓе што се добронамерни. И мислам дека ни треба повеќе од тоа. И затоа сум навистина горда што сум дел од тоа – рече таа.
Брекин Мејер, 51, кој го играше Тревис во овој култен класик, исто така го сподели своето длабоко восхитување кон Хекерлинг дури и пред да ја добие улогата, нарекувајќи се себеси „фанбој“, кој веќе ги знаеше нејзините филмови „Џони опасниот“, „Види кој зборува“ и „Брзи времиња во средното училиште Риџмонт“ напамет.
– Смешно е што нешто што го направивме пред 30 години сега им е омилен филм на другите луѓе – рече тој, споредувајќи го овој филм со класици како „Ајкула“ и „Клубот за појадок“ во однос на културното влијание.
– Моето дете сака да слави 13-годишен тематски роденден инспириран од „Откачената русокоса“. Тоа е неверојатно, имајќи предвид дека се поминати толку години од неговото прво објавување. Овој филм како да не старее – заклучува Мејер.
Отстапувајќи од чувствата на сите други, Силверстоун додаде дека е „навистина горда“ што глумела во филм што им носи толку многу радост на луѓето.
– Мислам дека е прекрасно што толку многу луѓе сè уште го сакаат. Бев среќна што бев таму и среќна што ја имав улогата и што го завршив успешно овој проект – рече таа.
Тогаш младата Алиша Силверстоун, во улогата на Шер, русокоса, ултрапопуларна тинејџерка што ужива во својата популарност стана симбол за секоја девојка што сонува да биде посакувана и најпопуларна девојка во средното училиште. Шер и нејзината најдобра другарка Дион (Стејси Даш) уживаат во моментите на слава и популарност. Секое момче сонува да биде во нивно опкружување, а нивните соученички буквално горат од љубомора. Заплетот доаѓа со појавувањето на Таи, која е тотална спротивност од нив две. Таа доаѓа во нивното училиште и е непопуларна, нејзиниот стил на облекување е здодевен и евтин, а нејзиното однесување е како од некое мало приградско место. Шер и Дион, како главни ѕвезди во нивното средно училиште, со голема радост прифаќаат да ја преземат комплетната трансформација на Таи како нивен следен проект што би им дал уште поголема популарност, но и доза влог кон човештвото. Таи е пресреќна. Но работите не се одвиваат како што Шер очекува. Набргу, по една несреќна случка во трговскиот центар, Таи станува мегапопуларна и се заканува да ја засени Шер. Таа се зближува и со нејзината најдобра другарка Дион. Шер се чувствува како да креирала чудовиште што ќе ја проголта сета нејзина слава.
Палавштините, наивните, но крајно симпатични реакции и случки што ги следат хероите во овој филм, проследени со култни реплики што не се забораваат, го прават овој филм еден од најпопуларните филмови за периодот на адолесценција. Преслатката Шер и нејзините „проблеми“ да се одржи на пиедесталот на популарноста во тие фрагилни години на тинејџерството до денес се мотив за многу млади девојки, кои во овој нејзин лик гледаат херој со кој ќе се идентификуваат. Нејзините слатки маки се дел од секојдневието на секоја млада девојка, а начинот на кој таа на неодоливо искрен начин се справува со овие мали предизвици го прави нејзиниот лик да биде еден вид тотем на едно модерно време. „Откачената русокоса“ и покрај својата лесна приказна, сепак нуди решенија за проблемите што тангираат една цела генерација млади луѓе, со што на овој филм му се дава безвременска рамка.
Според „Варајати“, во подготовка е серија за продолжение на „Откачената русокоса“ за Пикок, а Силверстоун треба да го повтори својот иконски лик.