РЕТРОКИНО
Четириесетгодишен јубилеј од првото прикажување на еден од најбруталните документарци на сите времиња
Секој љубител на жанрот хорор ќе се согласи дека од година на година оваа филмска категорија се обидува да ја помести таа невидлива замислена граница, за да постигне поголема ефективност и да остави што поголем впечаток кај гледачите. Моментот на шок е значаен фактор кога станува збор за хорор-филмот. Гледајќи ги „Розмариното бебе“ на Роман Полански и „Сјаење“ на Стенли Кјубрик како поставуваат речиси ненадминливи граници, од година на година филмската хорор-продукција сѐ повеќе се бори да отиде што подалеку во однос на тој сегмент. Страшното и шокантното како категорија често варира во зависност од темата. Имагинарните стравови кај човекот може да бидат предизвикани од различни доживувања. Но кога станува збор за стравот, сепак, човекот како битие најмногу се плаши од реалниот хорор, поточно од ситуација што може да му се случи во реалноста.
На 23 септември пред 40 години, на јавниот британски сервис Би-би-си за првпат беше емитуван документарецот наречен „Нишки“ (Threads). Тоа предизвика ретко виден страв, паника и голема доза на шок кај гледачите.
Овој документарец даде детална и прецизна слика што ќе се случи доколку светот се соочи со нуклеарна војна. Од почетната експлозија преку радијациската болест до недостигот од каква било поддршка или инфраструктурата потоа. Најлошиот дел ги покажува долгорочните ефекти од тоа. Вродените дефекти, недостигот од лекови и помош, фактот дека одеднаш храната и чистата вода, работите што ги земаме здраво за готово, стануваат најскапоцени ресурси. „Нишки“ без никаков проблем ги надминува сите филмови во кои тема се какви било катастрофи, вклучувајќи ги тука и високобуџетните филмови од продукцијата на Холивуд. Многу малку филмови ја имаат способноста да го исцицаат животот од гледачот и да го остават да се чувствува исцедено и потресено на ист начин како што тоа го прави овој документарец.
Светот можеби би продолжил понатаму, но главната порака е дека политичарите имаат моќ за неколку минути да го уништат целиот свет и да го збришат животот каков што го знаеме. Најлошото во таа порака сепак е што таа е екстремно релевантна во денешно време. Ако барате потресни и катастрофични сцени, во „Нишки“ ги има во изобилство. Од каде да започнете? Пеплосани животни, уништена природа, мртви луѓе, животни затрупани во урнатини, измутирани луѓе, синхронизирано повраќање, болнички подови преплавени со измет, крв и урина, пукотници, мртвородени деца. Списокот е бесконечен. Ако ве вознемири сцената во која е фрлена бомба во центарот на градот Шефилд во текот на раздвижено утро во работен ден, тогаш реална препорака е да го исклучите што поскоро, бидејќи остатокот од филмот е незапирливо мрачен, морничав и без надеж. „Нишки“ не е филм што треба да се гледа, тоа е филм што треба да се издржи, а ретко кој би имал стомак за тоа.
Пораката што се обидуваат да ја пренесат сценаристите Мик Џексон и Бери Хајнс до гледачите е морничава. Грозотијата што е прикажана на филмското платно тој септемвриски ден има за цел тој хорор засекогаш да остане во меморијата на човечката свест како превентива дека на светот може да му се случи вакво нешто.
Политичките случувања во светот во моментов се такви што секој влијателен политичар би требало да го погледне овој брутален документарец. Секојдневните воени превирања и конфликти на различни места во светот сѐ повеќе го поттикнуваат стравот од можен нуклеарен судир меѓу светските сили, кој несомнено би довел до катастрофа. Сепак, на крајот, целта ги оправдува средствата, па не би требало да му замериме на Мик Џексон за ваквиот грозоморен приказ, бидејќи, за жал, не постои друг, понежен приказ за тоа што го очекува човештвото при еден таков конфликт.