СПОРЕД ЛИСТАТА НА ФИЛМСКИОТ ПОРТАЛ „ТЕЈСТ ОФ СИНЕМА“

Спротивно на популарното верување, денес сè уште се снимаат голем број оригинални филмови, кои всушност се обидуваат да ја поместат бариерата и да продолжат да ја туркаат границата наместо едноставно да се движат по веќе зацртаните траектории на своите претходници, бесрамно да ги препакуваат идеите и да прават плагијати и клишеа. Како и да е, навистина е тешко да се најдат вистински уникатни филмови што се истакнуваат сами по себе.
Филмскиот портал „Тејст оф синема“ направи листа на десет филма, кои се целосно различни во нивните дијалози, карактеризација, наративен распоред, истражување на темите и формална презентација, притоа не придржувајќи се до строгите правила на кои сме навикнати. Од психоделични хорор-фестивали до авангардни „скапоцени камења“, следните наслови укажуваат на безграничните можности на филмската форма и нè потсетуваат за што сѐ е способно киното во своите најдобри моменти.

1. „Куќа“ – Нобухико Обајаши (1977)

Злите духови, лебдечките глави, демонската домашна мачка, опседнатите лубеници и месојадното пијано се само дел од многуте чуда во екстравагантниот филм на Нобухико Обајаши, кој е 88-минутен целосен напад на сетилата. По неговото домашно прикажување во САД и денес опстојува и го одржува својот култен статус, како модел за филмските љубители и љубителите на јапонската кинематографија.
Ретко кога едно филмско искуство едноставно те проголтува. Оваа треска со опседната куќа, надвор од шините раскажува за шест јапонски ученички што престојуваат во затскриена селска куќа каде што се случуваат бизарни работи. Експерименталното филмско дело ќе ве натера да се смеете, да врескате или да плачете во очај, но не грижете се, дозволете целата работа да ве облее наместо да се обидувате да разберете што точно се случува во секој момент.

2. „Света Гора“ – Алехандро Јодоровски (1073)

Ако по случаен избор избирате и гледате наслов од филмографијата на Алехандро Јодоровски, големи се шансите дека на крајот ќе го користите терминот „уникатен“ за да го опишете она што штотуку сте го виделе, без разлика дали тоа е неговиот ацид-вестерн „Ел Топо“ од 1970 година, „Санта Мадре“ или неговата автобиографска лебедова песна од 2013 година „Бескрајна поезија“. Се работи за неговото најозлогласено бизарно неприкосновено ремек-дело, култниот миленик „Света Гора“ од 1973 година, кое само е показател за тоа колку високо е поставен реперот.
Од грдите сеништа на западниот колонијализам, духовни ритуали каде што човечки измет се претвора во злато и осакатени војници што се молат пред олтарот – ништо навистина не може да ве подготви за нападот на надреални, религиозни и скандалозни слики што се прикажуваат.
Само на визуелно ниво, „Светата Гора“ гарантирано ќе ви ги собори сите очекувања.

3. „Бојата на калинките“ – Мартин Скорсезе (1969)

„Секоја рамка е слика“ може многу добро да стане единствената најмачна и преупотребувана фраза што се користи во филмската критика за да се издигне лирската содржина за кој било филм што е малку над просекот или подобар во одделот за визуелност, но неконвенционалниот став на Сергеј Парајанов за животот и времињата на познатиот ерменски поет и музичар од 18 век Сајат-Нова темелно ја заслужи оваа разлика.
Миленик на режисерот Мартин Скорсезе, кој првично беше забранет од советските власти поради радикалното поместување на традиционалниот наратив во корист на импресионистичка колекција на апстрактни визуелни елементи, неизбришлива иконографија, екстремно долги снимки и статични сцени што црпат од поезијата, танцот, музиката, ерменскиот фолклорот и архитектурата, „Бојата на калинките“ е празник за очите, кој самостојно ќе го промени вашиот поглед кон киното.

4. „Мулхоланд Драјв“ – Дејвид Линч (2001)

Со оглед на неговите ингеренции како популистички надреалист на кинематографијата, логично е името на Дејвид Линч да стане препознатлив термин за секој неконвенционален филм полн со надреални елементи или логика слична на соништата. Но во изминатиот половина век, ниту еден филм не беше поблиску до дестилирање на најмрачните длабочини на потсвеста во љубовната приказна „Мулхоланд Драјв“ – во градот на соништата (како што гласи официјалниот налог), обележје во современата американска кинематографија, и веројатно врвот на работата на Линч.
Оваа визија од соништата во Лос Анџелес е сплет на рифови со сите видови класични арт-ноар поезии за да ги повлече гледачите во расцепканиот ум на русокосата старлета. Бети Елмс (Наоми Вотс, во нејзината главна улога) пред да се втурне во својата фантазија, која ве држи во темнина за да ве остави со желба уште еднаш да се спуштите во „зајачката дупка“.

5. „Збогум, Драгон Ин“ – Цаи Минг-лианг (2003)

Со само десетина дијалози овој филм бавно се развива според глацијалното темпо на Цаи. „Збогум, Драгон Ин“ е прослава на кинефилијата за разлика од која било друга, интимно, но епско љубовно писмо до филмот, кое всушност успева да предизвика целосна широчина на емоции, кои доаѓаат од доживувањето на поезијата во движење со 24 фрејма во секунда.
Филмот се збогува со одамна изгубената ера, која е и поттик за насловот.

6. „Влез во празно“ – Гаспар Ное (2009)

„Влез во празно“ денес несомнено важи за грандиозно кинематографско дело. Потфат што можеше да го направи само гениј со голема храброст и уште поголем талент зад камерата како што е режисерот Гаспар Ное.
Се работи за психоделична приказна извлечена од Тибетската книга на мртвите за млад човек што живее на маргините на Токио, со својата сестра, кој го доживува својот пад по една зделка со дрога. „Влез во празно“ е делириозен спој на виртуозни камери и наративни витли што може да ви предизвикаат параноја, но ефективно наликува на она што може да го почувствувате кога сте заглавени во неизвесност гледајќи ги последиците од сопствената физичка смрт.
Ова е филм што не е за оние со слабо срце и еден од најхрабрите и најреволуционерни филмски дела во поновата светска кинематографија.

7. „Дрвото на животот“ – Теренс Малик (2011)

Контроверзни се чувствата кога ќе притиснете на „плеј“ на овој филм на Теренс Малик за местото на човештвото во космосот. „Дрвото на животот“ се обидува да опфати многу сфери на човечката природа. Но оние на кои не им пречи да седат низ речиси две и пол часа чиста поезија, сигурно ќе најдат многу работи што ќе им се допаднат, па дури и ќе ги отворат очите пошироко кога најмалку го очекуваат тоа.
Семејната драма за меморијата, верата, траумата и загубата, добитник на „златна палма“ од 2011 година, снимен од Емануел Лубезки, без напор отскокнува од своето време и проткајува низ различни поглавја од животот на средовечниот извршен директор (Шон Пен), кој се присетува на своето мирно, но трагично детство во 1950-тите во рурален Тексас. Тоа е амбициозен, сеопфатен и трансцендентен филм преполн со високи филозофски идеи и егзистенцијални прашања, кои се задржуваат во вашиот ум.

8. „Селин и Џули одат на пловење“ – Жак Ривет (1974)

Филм што изгледа како извонредно вкрстување помеѓу „Алиса во земјата на чудата“, филм од Вес Андерсон и Бергмановата „Персона“ низ постмодерниот поглед на Жак Ривет. Изведбите на Жулиет Берто и Доминик Лабурие како пар чудни млади жени што се среќаваат случајно и се впуштаат во различни алтернативни реалности и слоеви на наратив откако ќе јадат магични бонбони.

9. „Жан Диелман, 23 ке ду комерс, 1080 Брисел“ – Шантал Акерман (1975)

Најдобриот филм на сите времиња, според последното издание на десетгодишната анкета на „Сајт енд саунд“, ја превртува реалноста. Всушност, извртеното темпо на дејствието на овој филм има тенденција да ги иритира обичните гледачи, во што се крие уметничкиот израз на Шантал Акерман.
Со детали за секојдневните домашни задолженија на една средовечна белгиска домаќинка (Делфин Сејриг), белгискиот режисер ни го испорачува ова екстремно бавно кино, каде што жестоко се манифестира сочувствителен феминистички манифест. Очајот што го доживува носечкиот лик, претворајќи ја приказната за затворена фрустрација на самохрана мајка, всушност е приказна за секоја жена што некогаш била дел од мачо-светот.

10. „Ракописот на Сарагоса“ – Војчех Хас (1965)

Во оваа адаптација на романот од три и повеќе часа на полскиот мајстор Војчех Хас, кинематографска сложувалка, го става вашиот мозок низ тобоган што не запира и се движи во хаос.
Ги опфаќа Наполеонските војни, а „Ракописот на Сарагоса“ се одвива во мало гратче на северот на Шпанија додека се запознаваме со двајца офицери од спротивните страни, кои наидуваат на стар дневник во изолирана гостилница. Филмот ја користи оваа почетна рамка за френетично вкрстени наративни нишки и приказни изградени во приказни што постојано се вртат и навлегуваат една во друга кога најмалку очекувате. И покрај тоа што беше издвоен од страна на Луис Буњуел, Мартин Скорсезе и Дејвид Линч, „Ракописот на Сарагоса“ денес не е ни приближно виден или ценет како што целосно заслужува.