Рецензија на претпоследниот филм на Јоаким Трир, освојувач на гран при на последниот филмски фестивал во Кан
Понекогаш е потребно време за еден филм длабоко да се пробие во душата на гледачот, но „Најлошата личност во светот“ нема потреба од тоа. Овој филм е љубов на прв кадар и штом почне одјавната шпица, јасно е дека тоа е филм што ќе остане долго со вас. На крајот на краиштата, тој само ја прикажува суровата реалност на животот. Но, понекогаш, тие краеви удираат најсилно
Норвешкиот филмски режисер Јоаким Трир освои гран при за својот најнов филм „Сентиментални вредности“ на последното издание на филмскиот фестивал во Кан. Трир е еден од најдобрите, најуспешни и најнаградувани норвешки режисери од поновата генерација. Роден во Осло, Норвешка, тој ја започна својата филмска кариера во 2000 година, со три кратки филма („Пиета“, „Челик“ и „Проктер“), кои ги режираше три години по ред.
Веќе во 2005 година, Трир го режираше својот прв долгометражен филм „Реприза“, а во 2011 година филмот „Осло, 31 август“ и ги лансираше во орбитата филмските ѕвезди. Потоа следуваа филмовите „Погласно од бомба“, „Телма“ и документарецот „Другиот Мунк“, со кој режисерот го зацврсти своето место меѓу големите режисерски имиња, но вистинското признание стигна дури во 2021 година, кога на фестивалот во Кан своја премиера доби „Најлошата личност во светот“. За овој филм доби 44 меѓународни филмски награди и над 150 номинации, меѓу кои и номинации за „оскар“, за „златна палма“ и за БАФТА, а главната актерка Ренате Реинсве ја доби најпрестижната награда, најдобра актерка на канскиот фестивал.
Јоаким Трир во моментов е актуелен со својот најнов филм „Сентиментални вредности“, за кој беше второнаграден на последното издание на фестивалот во Кан, веднаш зад „Тоа беше само несреќа“ на иранскиот режисер Џафат Панахи, кој ја доби „златната палма“.
Норвежанецот Јоаким Трир доби бурни реакции за филмот „Сентиментална вредност“, во кој глумат Стелан Скарсгард, Ел Фенинг и долгогодишната актерска соработничка на Трир, Рената Рејнсве. Екипата имаше причина за радост, имајќи предвид дека филмот доби 15-минутни овации на светската премиера, најдолго од фестивалската публика за кој било филм во конкуренција оваа година. За споредба, дури и „Паразит“ на Бонг Џун Хо, кој потоа освои „златна палма“ и четири „оскари“, доби само осум минути.
Доколку аплаузот би бил барометар за успех, ова би го направило „Сентиментална вредност“ јасен фаворит за претстојните филмски фестивали и можеби би бил близу да го повтори успехот на „Анора“ на Шон Бејкер, да ја достигне идеалната точка меѓу авторското кино и комерцијалната одржливост, привлекувајќи различни генерации во кината.
Во очекување на овој веќе докажан и награден филм да доживее премиера низ светските киносали, со задоволство се присетуваме на претпоследниот филм на Јоаким Трир, „Најлошата личност во светот“, кој и покрај тоа што беше премиерно прикажан во 2022 година, три години подоцна овој филм сѐ уште е голем хит и еден од најомилените филмови на филмската публика.
Хероината „Најлошата личност на светот“, Ренате Реинсве, која ја игра слатката, но неодлучна Џули, има околу 30 години, и сè уште не успеала да најде професија што ќе ѝ даде целосна смисла на животот. Таа не го нашла ниту, пак, мажот со кого би сакала да биде и да го помине остатокот од животот ниту, пак, што би можело да ја направи среќна. Ова е филм за нејзините пребарувања и неуспехот на овие пребарувања во еден забрзан и индивидуалистички свет. Оваа современа норвешка контрахероина е еден од најсложените, најинтересни и најсимпатични женски ликови на екранот во последниве години. Импресивната изведба на Рената Рејнсве ѝ донесе заслужена награда за женска изведба на Канскиот филмски фестивал. Рејнсве со својата извонредна натуралност и маестрална глума е една од причините поради која вреди да се погледне овој филм.
Џули е интелигентна и интелектуално надарена млада жена. Таа почнува да студира медицина, а потоа се откажува, почнува да студира психологија и го напушта и тоа, одлучува да стане фотограф и паралелно работи како продавач на книги во книжарница. Нејзините родители се разведени, таа е поблиска со нејзината мајка (која е загрижена за неодлучноста на нејзината ќерка), додека нејзиниот далечен и рамнодушен татко е негативен модел што веројатно ја прави претпазлива во врските со мажите. Сепак, таа се заљубува, не во еден маж, туку во двајца: во писател на стрипови и карикатурист околу 14 години постар од неа, кој сака дете. Нејзината втора љубов е продавач во слаткарница, кој сака да се забавува и можеби да се ослободи од својата поранешна девојка, која е повеќе заинтересирана за екологија и вегетаријанство. Времето минува, животот напредува, но она што јасно е дека Џули од ден на ден лови во празно. Нејзиното време немилосрдно изминува. Една од сцените со која Трир маестрално, на пластичен начин ни доловува како Џули е очајна да го сопре барем на кратко времето, е онаа во која, во моментот кога таа се сретнува со својата љубов, едноставно целиот свет се скаменува и останува неподвижен, додека тие двајцата трчаат еден кон друг, во прегратки.
Ваквите уметничко-експериментални сцени, кои се појавуваат одненадеж, среде филм со нормален тек, потсетуваат на сѐ постарите филмови на Вуди Ален, кој се смета дека е еден од изворите на инспирација на Јоаким Трир, за овој филм. Организацијата на приказната во 12 поглавја плус пролог и епилог, добро усогласената употреба во овој случај на глас надвор од екранот, односот меѓу љубовниците разделени поради разликата во годините, присуството на родителите во животите на зрелите луѓе, и многу други сегменти, многу потсетуваат на раните дела на Ален, како на пример, пред сѐ „Ени Хал“, но и „Менхетн“. Дури и речиси исклучиво урбаната средина изгледа инспирирана од неговите филмови, со локален допир, се разбира. Ако не сте го посетиле Осло, додека не завршите со гледањето на овој филм, ќе почувствувате желба да го посетите овој град, кој изгледа шарено, софистицирано и топло.
Локацијата во времето е јасна, благодарение на маските за пандемија што ликовите ги носат во епилогот. „Најлошиот човек на светот“ е приказна за несовршена жена со несовршен живот, која се обидува да ја види појасната слика за својот живот преку инцидентно користење халуциногени печурки. Таа е жена што сигурно не е најлошиот човек на светот, но Трир извонредно лукаво го избрал овој наслов, алудирајќи на тоа дека и најдобрата личност, во светот на друга, може да биде најлоша.
Понекогаш е потребно време за еден филм длабоко да се пробие во душата на гледачот, но „Најлошата личност во светот“ нема потреба од тоа. Овој филм е љубов на прв кадар и штом почне одјавната шпица, јасно е дека тоа е филм што ќе остане долго со вас. На крајот на краиштата, тој само ја прикажува суровата реалност на животот. Но, понекогаш, тие краеви удираат најсилно.
Овој филм не би бил тоа што е без Рената Рејнсве. Таа е фасцинантна за гледање. Таа вложува сè што има во себе. Изведбата е бестрашна и фасцинантна колку што е дозволено да биде. Освен Рејнсве, Андерс Даниелсен Ли, кој игра клучна улога во овој филм, исто така фасцинира. Тоа е навистина одлично напишана улога и можеби е ликот со кој би се поврзале многумина од машката популација. Дијалозите се на друго ниво. Тие се толку длабоки и промислени. Бројот на реплики што ќе останат со вас е огромен. Филмот никогаш не се чувствува како да се обидува премногу да импресионира. Едноставно ги прикажува работите природно и случајно тие се толку добри што ве погодуваат право во срце.