Според изборот на „Кинонома“
Годината што измина беше плодна на филмски план. Таа ни остави во наследство голем број филмски остварувања, кои сигурно долго ќе се емитуваат на филмските платна. Дел од нив доживеаја големи успеси, дел помалку, а некои од нив, пак, беа комплетни разочарувања за филмската публика. Филмската индустрија беше вредна и продуктивна како никогаш досега. Се чини дека 2024 година значеше конечно закрепнување од тешките кризи и предизвици што ги предизвика пандемијата, па потоа и економската криза, па така, оваа година љубителите на филмот повторно можеа да уживаат во огромниот избор и хиперпродукцијата во филмската индустрија. Киносалите исто така доживеаја вртоглави заработки. Во 2024 г. се снимија енормно голем број филмови и серии во кои дел од познатите имиња од светот на седмата уметност ги реоживеаја своите кариери. Некои од можеби подзаборавените режисерски имиња повторно, можеби и за последен пат, снимија свои остварувања што претставуваат дела што ќе остават трага и во иднина.
„Кинонома“ се обиде да направи пресек на филмските остварувања во 2024 година и направи свој избор на најдобрите филмови за годината што измина. Ова е еден вид личен и субјективен избор, според еден вид наше рангирање, со кој може, но и не мора да се согласат сите љубители на филмот. Затоа, на оваа листа се најдоа некои можеби неочекувани наслови, а нема да ги најдете можеби најголемите филмски хитови, кои, според многумина, би морале да имаат место во една ваква топ листа.
Во продолжение ја пренесуваме нашата листа на десетте најдобри филма за 2024 година.
10. „Анора“ и „Супстанцијата“
Последното десетто место го делат двата најрекламирани филма од кои можеби се очекуваше најмногу. Според многу рангирања, овие два филма требаше да се најдат во самиот филмски врв. Сепак, се чини дека гледачите можеби и премногу очекуваа од нив, па финалните импресии, за жал, успеаја некого и да разочараат. Како и да е, „Супстанцијата“ оствари огромен успех и заработка во киносалите, додека, пак, филмот „Анора“ се закити со една од најпрестижните филмски награди како што е „златната палма“ во Кан.
9. „Видови добрина“
Најновиот филм на познатиот грчки режисер насловен „Видови добрина“ дојде веднаш по неговиот последен филмски хит од 2023 година, филмот „Кутри суштества“, кој беше масовно прифатен од филмската јавност. Но може да се каже дека и неговиот последен филм не остана незабележан кога станува збор за добрите критики. „Видови добрина“ ја освои филмската публика, која едногласно одлучи дека овој филм е еден вид враќање на режисерот кон своите корени.
8. „Доселениците“
Овој вестерн кој е во чилеанска продукција, зборува за предизвиците што ги имал домородниот народ во Јужна Америка со британските колонијалисти, во периодот од 1900 година. Овој филм можеби неочекувано се најде на листата на најдобрите десет филма за минатата година. Оваа тивка историска драма е полна со мистерии, но и историски факти што ни ги одгатнуваат темната историја на колонијализмот и борбата на чилеанскиот народ за слобода.
7. „Лудите“
Уште еден аутсајдер се најде на нашата топ листа. Се работи за францускиот трилер-хорор „Лудите“ на францускиот режисер Давид Моро. Ова тинејџерско апокалиптично зомби-остварување е уште еден голем блесок на новата француска екстремна филмска школа. Сензибилитетот, филмскиот речник и енергијата што ги поседува „Лудите“ многу потсетува на делата на големиот француски режисер Гаспар Ное, па така, љубителите на неговите филмови ќе можат да уживаат во нешто сосема ново, но со призвук на стариот познат филмски мајстор.
6. „Бањата на ѓаволот“
Уште еден хорор се најде на листата на топ десет филма за 2024 година. „Бањата на ѓаволот“ е фолк-хорор приказна на австриското режисерско дуо Северин Фиала и Вероника Франц, познато по озлогласениот хорор „Добра ноќ мамо“ десет години претходно. Овој филм исто така се смета за аутсајдер земајќи ги предвид неговите просечни оцени од филмската критика, кои со сигурност може да се каже дека се неправедни.
5. „Допирот“
Исландско-јапонската романтична и возбудлива приказна, која опфаќа неколку децении и континенти, „Допирот“ на режисерот Балтазар Кормакур, го следи емотивното патување на еден човек за да ја пронајде својата прва љубов, која исчезнала пред 50 години, пред да му истече времето. Овој елегантен и префинет филм е уште еден бисер на европската кинематографија и по својот сензибилитет многу потсетува на мегахитот од минатата година „Минати животи“.
4. „Диди“
„Диди“ е приказна за последниот месец од летото пред почетокот на средното училиште на едно впечатливо 13-годишно тајванско момче од Америка. Станува збор за американско-тајванска тинејџерска драма, која со својата невиност ќе ве насмее, но и ќе ве расплаче, суптилно и внимателно раскажувајќи приказна за невините детски моменти и авантури на едно симпатично момче. Режисер на овој филм е Шон Ванг.
3. „Конклава“
На третото место очекувано се најде еден од најдобрите филмови во изминатата година. „Конклава“ е мистериозна трилер-драма за тајните заговори во папската палата во време на избирањето нов папа. Овој бавен, но фасцинантен филм на режисерот Едвард Бергер е уште еден омаж на големите филмски легенди како што се Изабела Роселини, Стенли Тучи и Ралф Фајнс.
2. „Премин“
Можеби некој ќе рече дека оваа топ листа е составена од премногу аутсајдери и анонимни филмови за пошироката филмска јавност, меѓутоа филмот „Премин“ на германскиот режисер со турско потекло Леван Акин е дело за кое допрва многу ќе се чуе. Овој филм е топла и смела драма за разликите и богатствата на ориенталната култура наспроти европските текови, и предизвиците на луѓето што се соочуваат со различностите.
1. „Никап“
И конечно дојдовме до победникот за 2024 година. Можеби неочекувано, но сосема заслужено, филмот „Никап“ на режисерот Рич Пепиат го избираме за најдобар филм за годината што измина. Станува збор за филм во кој главната улога ја толкува наставник од источен Белфаст, Северна Ирска, кој судбината го носи во орбитата на хипхоп-музиката. Тој заедно со двајца млади рапери води движење за спас на нивниот мајчин јазик. „Никап“ е урнебесно смешен, но и непроценливо богат филм, кој во суштина и одблизу ни го пресликува животот полн со поделби што го живеат граѓаните на Белфаст.
Доколку би правеле поширока филмска листа за минатата година, на неа без сомнеж би се нашле уште многу филмови, меѓу кои пред сѐ би имале предност наслови како што се „Надминување“, „Црниот пес“, „Лонглегс“, „Поинаков човек“, „Телма“, „Предизвикувачи“, „Семето на жртвената смоква“,„“ и многу други. Се надеваме дека оваа 2025 година, која е пред нас, ќе ни овозможи да уживаме барем онолку колку што уживавме во изминатава година, а зошто да не и повеќе.