Многу често совршеноста можеме да ја најдеме во едноставноста. Таков е и „Надминување“. Тој е интимен и искрен приказ за зависноста. Овој филм
фрла светло врз стапиците во кои може да се западне живеејќи во голем град. Овој филм на вешт начин го води гледачот низ патувањето од целосна загуба до повторното оживување и назад, во испреплетени приказни за минатото, сегашноста и иднината

Рецензија

Во човечката природа е понекогаш да си нанесуваме болка и штета самите на себе. Некогаш несвесно, но многу често свесно, не можејќи да се спротивставиме на нашите внатрешни стравови и слабости. Борејќи се со нив, секојдневно секој од нас доживува победи и порази, кои нѐ прават посилни (барем се надеваме). Фразата „времето лечи сѐ“, колку и да е излитена, ако има барем трошка вистина во неа, значи дека сепак вреди. Човечкото битие е способно да го допре дното и пак да се регенерира издигнувајќи се од сопствената пепел.
За една ваква борба со самодеструкцијата, младата германска режисерка Нора Фингшајдт ни раскажува во филмот „Надминување“, филм што е снимен врз основа на книгата на Ејми Липтрон, напишана од нејзините лични искуства и борби со алкохолизмот. Станува збор за една длабока срцепарателна драма, во која човекот и природата, според Фингшајд, претставуваат една целина. Тие коегзистираат еден со друг преку плимата и осеката низ урбаните градски пејзажи, величествените Оркни Острови (архипелаг во Шкотска) и прекрасниот остров Папа Вестреј (или Папај) во близината на брегот на Оркни.
Саоарс Ронан во една од нејзините најдобри изведби во кариерата, која меѓу другото е позната и по нејзините многубројни улоги, каде што прикажа извонредни актерски перформанси, како на пример во „Прекрасни коски“, „Помирување“, „Трагедијата на Магбет“, „Саканиот Винсент“, „Леди бирд“ и многу други, повторно брилира во улогата на Рона, млада девојка од Лондон, вљубена во нејзиниот сакан Данин (Папа Есиеду), но и во алкохолот. Данин е нешто најдобро што ѝ се случило во нејзиниот живот, додека алкохолот буквално ѝ го уништи сето тоа што таа толку многу го посакувала. Зависноста од алкохол толку многу влијае на нејзиниот карактер што од час во час нејзиното расположение се менува како кај доктор Џекил и мистер Хајд. Таа на моменти е нежна, забавна и симпатична девојка, следниот момент е агресивна, посесивна и деструктивна личност што го загубила целото чувство за контрола врз себеси и својот живот. Нејзините манични епизоди не се опасни само по неа, туку таа нејзина промена ја афектира и нејзината околина.
Во историјата на филмот ова не е прв приказ за човечката борба против зависностите или, поконкретно, против алкохолизмот. „Чист и трезен“, „28 дена“, „Драгстор Каубој“ и, можеби најдобриот од сите нив, легендарниот „Напуштајќи го Лас Вегас“ на режисерот Мајк Фигис и неповторливата улога на Николас Кејџ, глумејќи го Бен Сандерсон, за која во 1996 година доби „оскар“ за најдобра главна машка улога. Сето тоа укажува на комплексноста и тешкотијата на актерот да влезе низ тој лавиринт на замислениот лик и да ги извади на виделина сета траума, распад и борба со кои се соочува еден зависник. Но изведбата на Ронан овде е суптилна, префинета и интимна. Небаре, гледачот ја доживува сета нејзина голгота заедно со неа. Нејзиното алкохолизирано алтер его е толку непослушно во нејзиното тело што на моменти помислуваме дека таа е насилно опседната од некои мрачни сили, додека низ прстите ѝ се излизгува сѐ што ѝ е важно во животот. Глумата на Ронан е толку моќна и автентична што во одредени сцени буквално ќе ви го скрши срцето и ќе ве доведе до солзи.

Вешто и автентично адаптираната приказна од мемоарите на Ејми Липтрон од 2020 година, Фингшајд во својот филм „Надминување“ ни ги прикажува настаните на еден неконвенционален начин, кој не содржи традиционална хронологија или конвенционално уредена структура. Наместо тоа, покажувајќи ги својата креативност и стилска внимателност, во манир на голем мајстор, со инстинкт за беспрекорност смислува свој автентичен метод, рефлектирајќи ни ја на тој начин турбулентната животна линија на Рона. Брзите и немирни движења на камерата на Јунус Рој и перфектноста во едитирањето на Стефан Бехингер го дополнуваат ефектот на дезориентираност на главниот лик.
Поларизацијата во карактерот на Рона е толку многу нагласена. Кога е трезна, таа е грижлива партнерка, која безусловно го сака својот Данин. Заглавена во својот дом во Оркни со својата религиозна мајка, таа му помага на својот биполарен татко на неговата фарма со овци. Таа дури и помага при раѓањето на нивните младенчиња. Иако на почетокот изгледа измешано и претенциозно, дејството во филмот има голема смисла. Фингшајд и Бехингер не случајно и многу внимателно ги спојуваат сите временски линии и сегменти за да создадат една совршена целина преку која гледачот го осознава целиот живот на Рона. Не случајно Папај е местото каде што писателката Липтрон ги напишала своите мемоари.

Еден од највпечатливите моменти кога станува збор за временските линии се различните бои на косата на Рона. Таа ја бојадисува својата коса во зависност од своето расположение. Од ледена (сина) до огнена (портокалови), рефлектирајќи го така својот животен моментум. Многу често совршеноста можеме да ја најдеме во едноставноста. Таков е и „Надминување“. Тој е интимен и искрен приказ за зависноста. Овој филм фрла светло врз стапиците во кои може да се западне живеејќи во голем град. Овој филм на вешт начин го води гледачот низ патувањето од целосна загуба до повторното оживување и назад, во испреплетени приказни за минатото, сегашноста и иднината. Секоја од нив открива дел од животот на Рона. Безмалку документарниот приказ на овој филм е збогатен со мала но брилијантна актерска екипа, која на моменти изгледа толку реално што се чини дека воопшто не глумат, туку го живеат својот живот на платното.