Педро Алмодовар, добитник на „златен лав“ на Филмскиот фестивал во Венеција
На прашањето зошто ја измислила таа референца, таа му одговорила: „Виде ли колку ја израдува тоа?“, си приспомнува Алмодовар
Филмот на шпанскиот режисер Педро Алмодовар, „Соседната соба“, кој се занимава со теми како евтаназијата и климатската криза, ја доби престижната награда „златен лав“ на филмскиот фестивал во Венеција. Со Тилда Свинтон и Џулијан Мур во главните улоги, филмот доби 18-минутни овации кога беше премиерно прикажан во Венеција неделава, еден од најдолгите аплаузи добиени во последно време.
Алмодовар е миленик на фестивалите. Во 2019 година, во Венеција, тој ја доби наградата за животно дело. Тој исто така доби и „оскар“ во категоријата за најдобар филм на странски јазик за филмот „Сѐ за мојата мајка“ од 1999 година. Сега, на 74-годишна возраст, тој одлучи да се испроба во снимање филмови на англиски јазик, потенцирајќи дека тоа за него било како научна фантастика.
Говорејќи пред премиерата во интервју за престижниот „Гардијан“, тој рече дека неговиот филм ја истакнува важноста на негувањето на животот, но исто така јасно стави до знаење дека луѓето треба да можат да умрат достоинствено во моментот што ќе го изберат.
– Тоа е филм во корист на евтаназијата – рече тој, критикувајќи ги земјите како САД, каде што таканареченото „убиство од милост“ е нелегално, за разлика од неговата родна Шпанија.
„Вистината“ на неговата мајка лежи во срцето на „Последниот сон“
Шпанскиот режисер на сурови, реални животни искуства и приказни, за реномираниот британски таблоид „Гардијан“ раскажува за неговата прва збирка раскази. Неговата мајка е негова најголема инспирација, истакнува тој. Мајката како симбол и фигура е главен стожер во најголем број од неговите филмови.
Еден ден, кога имал девет години, живеејќи во своето мало родно место Калцада де Калатрава во Шпанија, град со импровизирани куќички од керпич, со стрмни и правливи улици и магливи хоризонти, Педро Алмодовар ја фатил својата мајка во лага.
Семејството неодамна се преселило на југ од Ла Манча, а Франциска Кабаљеро едвај врзувала крај со крај читајќи и пишувајќи писма за нејзините неписмени соседи. Додека читал преку рамото на мајка си, Педро сфатил дека пишаните зборови не одговараат на зборовите што ги изговара неговата мајка.
– Таа импровизираше и кажуваше работи што ги немаше во писмата. Мајка ми ги познаваше сите соседи. Таа сакаше да измислува работи. На пример, ако забележеше дека никој не прашал за бабата, ќе речеше: „Се надевам дека баба е многу добро и знае дека многу размислувам за неа“, иако тоа го немаше во писмото – вели тој.
На прашањето зошто ја измислила таа референца, таа му одговорила: „Виде ли колку ја израдува тоа?“, си приспомнува Алмодовар.
Почнав да одам во кино кога живеевме во Орелана и продолжив да одам кога се преселивме во блиското село. Од моментот кога го открив киното, открив паралелна реалност, која ме интересираше многу повеќе од секојдневната реалност – вели Алмодовар
Алмодовар многу размислувал за лагата. Но, како што минувале годините и почнал да пишува приказни на машината за пишување „оливети“, која му ја подарила мајка му кога имал десет години, тој го сфатил значењето на нејзините постапки.
– Сфатив колку голема лекција ме научи таа. На животот му треба фикција за да биде поднослив – вели тој, а таа нејзина лага го поттикнала да трага низ светот на измислените приказни и нивното значење.
„Вистината“ што ја пренесе неговата мајка тој ден лежи во срцето на „Последниот сон“, збирката раскази сега објавена на англиски јазик. Како што неговите филмови станаа временски капсули на неговиот живот и неговата ера, така и десетината приказни што го сочинуваат „Последниот сон“, кој е преведен од Френк Вин, се снимки од неговиот развој како личност, писател и режисер. Немајќи трпение и склоност да напише автобиографија, Алмодовар, наместо тоа, се одлучи да му понуди на читателот брза, еклектична и идиосинкратска обиколка на неговите сеќавања и имагинација.
Една приказна раскажува за писател чиј живот се живее наназад, почнувајќи од неговиот погреб и завршувајќи со тоа што го ставаат меѓу нозете на мајка му за да умре, додека друга за ранетата душа на свештеникот што го малтретирал како дете. Трета, пак, за уморен вампир што бара утеха во манастир, а на крајот од книгата преовладува меланхолично чувство на повлекување на режисерот од хедонизмот и прекрасниот хаос од седумдесеттите, осумдесеттите и раните деведесетти години од минатиот век, како што е хронично опишано во неговите рани филмови.
Мешавина од фикција, набљудување и автобиографија, колекцијата постои во голема мера благодарение на грижата и ефикасноста на долгогодишната асистентка на Алмодовар, Лола Гарсија, која уредно ги чувала парчињата во текот на децениите, зачувувајќи ги при неговите чести преселби. Некои беа напишани во неговите доцни тинејџерски години и раните 20-ти, други во текот на неговите први години во Мадрид, а некои дури минатата година.
– Решив дека сакам да го вклучам читателот во овие приказни, кои на некој начин ја опишуваат мојата генеза како филмски режисер и како сценарист. Преку нив, на некој начин можете да го видите универзумот во кој живеам, мојот менталитет и како се справувам со одредени теми. Постои биографска линија што се провлекува низ нив, иако некои од нив се чиста фикција. Тоа е начин да се навратам на нешто што ми било интересно, затоа што се препознав себеси во сите тие приказни. Дури и ако некои беа напишани кога имав 17 или 18 години, јас сепак сум истата личност. Да, работите се менуваат, времето минува. Ништо не можете да направите во врска со тоа, но јас сега сум истата личност како што бев кога дојдов во Мадрид пред четириесет и нешто години – вели Алмодовар за „Гардијан“.
И покрај спојот на имагинарното и реалното во „Последниот сон“, Алмодовар смета дека ова е автобиографија, во смисла дека претставува различни фази од неговиот живот и ги претставува на начин што е длабок, а понекогаш и мистериозен.
– Тоа не е очигледно. Но секоја страница и секој ред зборуваат за мене – вели Алмодовар за „Гардијан“.
Купувањето камера ги претвори моите идеи во слики
Иако Алмодовар е скромен во однос на неговите литературни способности, пишувањето беше неговата почетна точка и онаа со која се занимаваше уште од раните денови на старата машина „оливети“. Тој сакал да пишува уште од мал, но пресвртна точка во неговата кариера било купувањето камера „супер 8“, со која сите тие литературни идеи ги претворил во слики.
– Открив и дека сум подобар во раскажувањето приказни со слики отколку со зборови. Многу често, почнував да пишувам приказна, но таа завршуваше како филмско сценарио – вели тој.
Киното долго време беше бегство од клаустрофобичните граници на неговото провинциско воспитување.
– Почнав да одам во кино кога живеевме во Орелана и продолжив да одам кога се преселивме во блиското село. Од моментот кога го открив киното, открив паралелна реалност, која ме интересираше многу повеќе од секојдневната реалност – вели Алмодовар.
По пристигнувањето во Мадрид, тој ги препознал разликите помеѓу пишувањето расказ или роман и филмското сценарио.
– Ова последново вообичаено не е нешто од голема книжевна вредност бидејќи упатствата што им ги давате на актерите или на некој лик или на директорот на фотографија за осветлувањето би биле раскажани во роман и раскажани со стил. Тоа го нема овде. Само велиш: Штотуку влеговте во собата низ вратата и седнавте спроти мене. Почнуваме да зборуваме- вели тој.
Но, иако Алмодовар верува дека е потешко да се напише роман, да се биде одличен романсиер не е гаранција за успех како сценарист.
– Има многу примери за тоа, но оној што ќе ви го дадам е Кормак Мекарти, кој многу ми се допаѓа. Ќе помислите, или барем јас, дека овој човек би напишал добро филмско сценарио затоа што е многу добар во дијалози и неговите романи се засноваат на дијалози. Но тој напиша сценарио, сам, наречено „Советник“, кое го режираше Ридли Скот и во кое беа Пенелопе Круз и Бред Пит. Сценариото беше навистина слабо и филмот не функционираше. Тие се две различни дисциплини – вели Алмодовар.
Кога бил мал, а мајка му била премногу зафатена за да го носи со неа, таа го оставала кај соседите во Ла Манча.
– За некој што сака да стане раскажувач, тоа беше потеклото на фикцијата. Овие жени зборуваа за сè. Често зборуваа за страшни работи. Тие понекогаш зборуваа за среќни работи и се смееја и пееја, но понекогаш разговорот се свртуваше кон случаи на инцест. На тие жени не им пречеше сето тоа да го кажуваат пред седумгодишно момче- се присетува Алмодовар.
Приказните заглавени во неговата детска потсвест и темата за инцестот ќе се појават во филмот „Волвер“ од 2006 година.
– Приказните што ги раскажувам во Волвер, иако сите се измислени, се засноваат на приказните и на работите што ги слушнав како момче во тие дворови. Во тоа време не го сфаќате тоа затоа што го живеете само како дете -вели тој.
Декадентната декада, уметничките слободи и враќањето кон самиот себеси
Дваесет години подоцна дојде декадентната постфранковска контракултурна ерупција со која Алмодовар остана нераскинливо поврзан. По смртта на диктаторот, младите Шпанци го изгубија стравот и ги прифатија своите нови социјални, сексуални и уметнички слободи. За Алмодовар, тоа значеше забава на местото на настанот Рок-Ола и правење филмови како што се неговиот дебитантски долгометражен филм „Пепи, Луси, Бом и други девојки како мама“ и неговото следно дело од 1982 година, „Лавиринтот на страста“.
Но, и покрај сето создавање митови што ја опкружуваат Мовида, Алмодовар е скептичен за нејзиното опипливо културно наследство, тврдејќи дека повеќето од вклучените биле премногу слаби артисти за да создадат нешто повеќе од плочи и андерграунд-стрипови. Во однос на креативниот резултат, како што додава тој, тешко е да се рангираат заедно со генерацијата од 1898 година, чии водечки личности вклучуваа гиганти како Мигел де Унамуно, Рамон дел Вале-Инклан и Антонио Мачадо, или генерацијата од 1927 година, во која беа Федерико Гарсија Лорка, Рафаел Алберти, Висенте Алеисандре и Марија Тереза Леон.
Целоноќните забави од тоа време се далечен и носталгичен спомен на режисерот за тие денови. Приказните што ги напишал и филмовите што ги правел од доцните 1970-ти до средината на 1990-тите биле инспирирани од неговиот „експлозивен“ начин на живот. На почетокот на минатиот век, Алмодовар ги оставил зад себе ноќните активности, сфаќајќи дека е дојдено време да се избере помеѓу возбудата и можноста да продолжи да пишува и снима филмови. По три децении, тој сака да нагласи дека одлуката е практична.
Смртта на неговата мајка во 1999 година го натера Алмодовар да го сврти погледот навнатре кон себе. Поместувањето кон личното и автобиографското е евидентно во неговите понови филмови, не само во „Болка и слава“ од 2019 година туку и во неговите подоцнежни приказни, кои се полни со неизвесност и осаменост. Неговиот нов филм „Соседната соба“ е негов прв филм во кој тој сериозно се занимава со една тешка тема поврзана со болест и смртност.