Фото: ЕПА

„Со длабоко жалење ние, неговото семејство, ја објавуваме смртта на човекот и уметник Дејвид Линч. Би ценеле одредена приватност во овој момент. Чувствуваме голема празнина во нашиот свет, сега кога тој повеќе не е со нас. Но, како што би рекол тој, бидете среќни за крофната, а не за дупката“. Вака гласеше пораката што во четвртокот напладне ја објави семејството на Дејвид Линч преку Фејсбук.
На 78-годишна возраст нѐ напушти мајсторот на надреализмот и режисер што бизарното и експерименталното успеа да ги доведе до граница на мејнстримот. Дејвид Линч, кој беше креатор на култните „Твин пикс“ и „Мулхоланд драјв“, без сомнеж беше еден од најголемите режисери на сите времиња.
Минатиот август, Линч објави дека му била дијагностицирана болеста емфизам, хронична опструктивна белодробна болест, која му предизвикувала тешкотии во дишењето и движењето, а некои извори објавија дека здравјето на Линч се влошило откако тој морал да се евакуира од својот дом поради шумските пожари што го зафатија Лос Анџелес овој месец и направија голема штета врз локалното население.
Линч остави неизбришлива трага во американската кинематографија. Неговите почетоци беа како студент по уметност, кога тој правејќи експериментални кратки филмови за првпат се појави на филмската сцена. Култниот успех го доживеа со својот прв долгометражен надреален филм „Ирејсерхед“, а потоа следуваа низа наградувани филмови, како на пример „Синиот сомот“, „Диви во срцата“, „Мулхоланд драјв“ и многу други. Меѓу нив, публиката можеби најмногу ќе го памети по легендарната серија „Твин пикс“ преку која успеа надреалното и бизарното да ги доближи до пошироката филмска јавност. Тој доби три номинации за „оскар“ за најдобар режисер (за „Синиот сомот“, „Човекот слон“ и „Мулхоланд драјв“), а му беше доделен и почесен „оскар“ за животно дело во 2019 година. Линч исто така ја освои и „златната палма“ на филмскиот фестивал во Кан за филмот „Диви во срцата“ во 1990 година.
Освен со филмот, Линч во својата богата креативна кариера се занимаваше и со уметност, издаваштво, а поседуваше и ноќен клуб во Париз. Тој исто така страсно практикуваше и медитација, формирајќи ја фондацијата „Дејвид Линч“ за образование заснована на свест и светски мир во 2005 година. Во 2018 година тој го најави своето повлекување од јавниот живот. Неговата животна навика и пасија, прекумерното пушење и зависноста од цигари конечно го доведоа до болест што го исцрпи неговото здравје.
Роден во Мисула, Монтана, во 1946 година, Линч отишол на уметнички колеџ во 1960-тите и го снимил својот прв експериментален краток филм „Шест мажи се разболуваат“, додека бил студент на Академијата за ликовни уметности во Пенсилванија. Линч се преселил во Лос Анџелес во 1971 година и студирал филмска камера на конзерваториумот АФИ, каде што започнал да го снимил својот прв долгометражен филм. Конечно завршувајќи ја во 1976 година, неговата надреална црно-бела приказна беше претежно примена со збунетост и отфрлена од повеќето филмски фестивали, но во доцните 70-ти конечно ги доби признанијата што ги заслужуваше.

Влијанието на „Ирејсерхед“ доведе до понуда од продуцентската куќа на Мел Брукс да го режира „Човекот слон“, биографскиот филм за Џозеф Мерик во кој глуми Џон Херт. Филмот за човекот со обезличена глава беше номиниран за осум „оскари“ и го обезбеди холивудскиот статус на Линч. Откако ја одби понудата да го режира „Враќањето на џедајот“, Линч се согласи да направи адаптација на епскиот научнофантастичен роман на Френк Херберт, „Дина“, но филмот значително беше пресечен во постпродукција и се покажа како комерцијална и критичка катастрофа. Наместо планираното продолжение на „Дина“, Линч реши да сними нов филм. На ред дојде неговиот мрачен ноар-трилер „Синиот сомот“. Овој филм на Линч осамна како култен хит и имаше огромно влијание на критиката при неговото прво прикажување во 1986 година. Со ова Линч ја доби втората номинација за „оскар“ за најдобар режисер.
Новиот предизвик на Линч беше уште еден голем проект, мистериозниот „Твин пикс“, кој невообичаено за значајните филмски режисери од тој период, беше замислен како ТВ-серија. Линч го развил овој проект со поранешниот писател на „Хил стрит блуз“ и Марк Фрост. Мешавина од комедија за малиот град, полициски процедурален и надреален свет на соништата, оваа серија опишана како „најоригинално дело направено за американската телевизија“ им пркоси на раните предвидувања за неуспех на емитувањето во 1990 година. Тоа е веројатно највлијателната работа на Линч. Втората серија беше емитувана подоцна во 1990 година, приквелот на играниот филм „Огну прошетај со мене“, кој беше објавен во 1992 година, а третата серија беше промовирана повеќе од четвртина век подоцна во 2017 година.
Како што „Твин пикс“ почна да се продуцира, Линч почна да работи на играна адаптација на романот на Бери Гифорд, „Диви во срцето“, и главните улоги во овој филм им ги додели на Николас Кејџ и Лора Дерн. „Диви во срцето“ беше премиерно прикажан во Кан во 1990 година и ја освои „златната палма“.
Во 1997 година, Линч почна да се навраќа на своите авангардни корени преку филмот „Загубениот автопат“, надреален трилер со Бил Пулман и Патриша Аркет во главните улоги, кој доживеа голем неуспех во киноблагајните.

Во зенитот на својата кариера, Линч се впушти во уште еден многу успешен проект. „Мулхоланд драјв“, првично се чинеше дека тргна катастрофално погрешно, бидејќи Линч ја претстави како ТВ-серија во стилот на „Твин пикс“. Пилотот бил закажан, а потоа откажан од ТВ-мрежата ABC. Но материјалот го подигна француската компанија „Студио канал“, која му овозможи финансиски средства за да го преправи како игран филм. Мистериозна драма во ноар-стил беше уште еден голем критички успех, му обезбеди на Линч трета номинација за „оскар“ за најдобар режисер. Во 2016 година, „Мулхоланд драјв“ беше избран за најдобар филм на 21 век. По овој мегауспех, во 2006 година следуваше тричасовниот надреален трилер „Внатрешна империја“, мистериозна и надреална приказна за американска актерка, која мајсторски и со огромна доза мистерија ја одигра актерката Лора Дерн. Овој филм предизвика збунетост и шок кај гледачите, кои се обидуваа да ја сфатат поентата на дејството.
По овој филм, Линч полека се повлекуваше од својата работа. Единственото поголемо дело во тоа време беше само третото продолжение на „Твин пикс“ во 2017 година. Освен во улога на режисер и уметник, Линч се испроба и од другата страна на камерата. Тој имаше улога во автобиографскиот филм на Стивен Спилберг, „Фабелманс“ од 2022 година, глумејќи го ликот на Џон Форд. Освен во светот на филмот, Линч режираше и музички спотови, меѓу кои најпознат е оној на Крис Исак за темата „Злобни игри“, кој ќе остане запаметен како едно од најсензуалните видеа некогаш направени.
Линч беше во брак четири пати, а имаше и долгогодишна врска со ѕвездата од „Синиот сомот“, легендарната италијанска актерка Изабела Роселини.
Замаглената реалност што се среќава со надреализмот ќе стане препознатливо стилско средство во делото на Линч, рефлектирано во неговите кошмарни визии преточени преку филмовите „Изгубен автопат“, „Мулхоланд драјв“ и „Внатрешна империја“. Писателот Мајкл Пементал го опиша режисерот како мајстор на психолошката драма. Неговите чудовишта и духови се тајните и злото што се кријат во луѓето, зад затворените врати и зад темните ходници и агли од собата. Неговите приказни не се за надминување на пречките, туку за тоа што значи да се живее пеколен живот. Неговиот занает допира до егзистенцијалното што на почетокот изгледа нормално, но полека се разоткрива за да открие нечистотија и ужас. Не само што уметноста на Дејвид Линч е уметност на надреални кошмари туку и претстава за тоа како ужасот е вткаен низ егзистенцијалните ткаенини на животот, заклучува Пементал.

Уметникот, креатор и режисер ја сакаше својата работа и не дозволи здравствените проблеми да го забават, ветувајќи им на обожавателите дека никогаш нема да се пензионира, дури и кога минатата година го објави новиот албум „Мемории од целофан“, неговата последна соработка со пејачката и актерка Кристабел.
Има уште толку многу работи да се кажат за Дејвид Линч. Можеби нешто што најблиску ги отсликува неговата работа и неговата уникатност е тоа што Оксфордскиот англиски речник го препознава терминот „линчовски“ како карактеристичен или имитативен на филмовите или телевизиските дела на Дејвид Линч. Тоа е термин што исто така означува каква огромна загуба носи смртта на уметникот. И покрај големата загуба, светот на филмот и филмските љубители засекогаш ќе останат благодарни за целиот труд и наследство што ги остави зад себе Дејвид Линч. Вечна му слава!