„Медиум“ започнува како документарен филм за шаман опседнат од локално божество во североисточен Тајланд, но набрзо се развива во страшен и ѓаволски кошмар, кој долго ќе ве прогонува. Моќен, фасцинантен и еднакво вознемирувачки, овој тајландско-јужнокорејски натприроден хорор едноставно мириса на смрт
Филмот „Медиум“ на тајландскиот режисер Банџонг Писантанакун е еден од малкуте филмови во кои приказните за опседнатост имаат сосема друга димензија. Сите вообичаени клишеа што претходно сте ги виделе во историјата на хорор филмовите, во „Медиум“ ќе почувствувате дека ги доживувате на своја кожа. „Медиум“ е еден од најозлогласените филмови во последната декада кога станува збор за филм во кој темата е опседнатост со зли духови. Мистериозните предели и традиции на Индокинескиот Полуостров, збогатени со нивните мрачни ритуали и архаични приказни, го прават овој филм толку моќен и автентичен што ќе биде многу тешко да избледи од меморијата на гледачот.
Официјалниот кандидат на Тајланд за „Оскарите“ во 2022 година, кој, за жал, заврши без номинација, е најморничавиот филм за егзорцизам што некогаш ќе го гледате. Толку е страшен, брутален, волшебен и провокативен што го привлекува вашето внимание и ве држи цврсто залепени на работ од вашите седишта од почетокот до крајот. Филмските обожаватели што се вљубеници во хоророт неофицијално го прогласија „Медиум“ за најдобриот хорор-филм во 2021 година. Како што одминува времето, сведоци сме дека сѐ помалку филмови до ден-денес можат да се натпреваруваат со енергијата и атмосферата што ни ги нуди овој филм при првото гледање. „Медиум“ едноставно е филм што ја заледува крвта.
„Медиум“ започнува како документарен филм за шаман опседнат од локално божество во североисточен Тајланд, но набрзо се развива во страшен и ѓаволски кошмар, кој долго ќе ве прогонува. Моќен, фасцинантен и еднакво вознемирувачки, овој тајландско-јужнокорејски натприроден хорор едноставно мириса на смрт.
По сценарио на корејскиот мајстор Хонг-Џин, кој доживеа светска слава со натприродниот хорор „Плачот“ во 2016 година, и режија на Банџонг Писантанакун (познат по филмовите „Шатер“, „Фобија“, „Еден ден“ итн.), филмот го користи лажниот документарен формат за да ја раскаже својата приказна за вера, наследство, опседнатост и злоба и постепено ги внесува гледачите во својот свет на верувања, клетви и суеверија со природни дејства од информативниот пристап на кастингот. „Медиум“ почнува бавно и полека ја расчленува заплетканата приказна за да ги раздвижи работите дури откако публиката е целосно внесена во дејството.
Документарна екипа го следи секојдневниот живот на Ним (Савани Утома), шаманка што е медиум за локалното божество Бајан. Тоа е наследена улога пренесена кај жените од нејзиното семејство, а знаците почнуваат да покажуваат дека Минк (Нарилја Гулмонгколпеч), внуката на Ним и ќерка на нејзината сестра Нои (Сирани Јанкитикан), која првично требаше да ја добие улогата, може да биде следниот медиум за Бајан. Минк не е сигурна дали воопшто сака да биде вклучена во шаманизмот. Нејзината мајка ја отвора Пандорината кутија кога го отфрла Бајан години пред тоа, преминувајќи кон христијанската вера, а има и други фактори што сугерираат дека тоа можеби е само повеќе од бенигно божество што влијае на однесувањето на Минк.
Има нешто привлечно секојдневно во Ним. Да, таа можеби е локална шаманка, но таа исто така има и дневна работа и е многу директна и приземна жена. Дури и во нејзините шаманистички должности нема ништо претерано, таа само има одредена функција во заедницата и ја извршува. Таа има почит кон домашната локална духовност, нешто што нејзината сестра Нои го отфрла, што пак води кон влошување на работите кога Нои се обидува со други методи за ослободување од натприродната неволја на Минк.
„Медиум“ со својот „мокументарен“ стил потсетува на одличниот, но за жал недоволно популарен „Норои: Проклетството на Коџи Шираиши“. И двата филма се фокусирани на фолклорот и ритуалот, и двата имаат бавно развивање со градење на ликовите за да им дадат на настаните поголемо лично значење. И двата филма добро функционираат во прикажувањето на нивните приказни како загатки што ви даваат делови и парчиња и ви дозволуваат да ја изградите сликата за себе. „Медиум“ дури фрла и „мамци“ за да ве натера да погодувате по кој пат може да се развие оваа мистерија.
Една од работите што се многу освежувачки кај овој филм е што конечно можеме да гледаме филм што е надвор од традиционалниот католички објектив на кој западната публика е толку навикната. Не е свештеник тој што страда од криза на верувањето и нема превртени крстови на повидок. Верувањето е клучен фактор, само без многу клишеа што сме ги виделе десетици пати досега. Сепак, некои сè уште се присутни, но за заслуга на актерката Нарилја Гулмонгколпеч, таа добро се справува со основите на поседување: зјапање, морничава насмевка и искривување што би го направило секој учител по јога љубоморен. Некои можеби овие разлики нема да ги почувствуваат како доволни, но без сомнеж овие детали му даваат на филмот специфичен вкус. Во филмот можеби преовладуваат и низа настани што потсетуваат на „паранормална активност“ што се случува во семејниот дом додека одбројуваме до церемонијата за помош на опседнатата Минк.
Фиктивната филмска екипа всушност не ги зема предвид настаните од филмот. Тие и покрај документарниот пристап, изгледаат како пасивни набљудувачи наместо ликови. Кои се тие? Зошто конкретно го снимаат овој филм? Не знаеме, а филмот не се труди да ни покаже. Тоа значи дека фокусот на Ним и нејзиното семејство е најважна работа, но, сепак, на моменти се чувствува доза на непрофесионалност.
Овој филм е снимен во стилот на „пронајдени снимки“ и тоа е единствениот критичен момент во него. Често поставувано прашање од гледачите е зошто и покрај теророт што ги опкружува, „екипата“ сѐ уште продолжува да снима, дури и во моменти кога е загрозен нивниот живот.
„Медиум“ е интересен и на моменти длабоко вознемирувачки филм. Иако не е без недостатоци, тој ги конструира својата централна приказна и мистерија на начин што ве држи да инвестирате време во него.