„Малхоланд Драјв“: Лавиринт на сонот и распадот на идентитетот

Видеотека

  • „Малхоланд Драјв“ е филмско огледало што ја рефлектира состојбата на душата на оној што го гледа. Линч не нуди излез од лавиринтот; тој нуди свесност за неговото постоење. Со текот на времето филмот цврсто се вгнездува во канонот на најзначајните остварувања на 21 век. Неговото влијание се позиционира и подалеку од границите на артхаус-киното: во серискиот наратив, во визуелниот јазик на современиот филм и во подготвеноста на публиката активно да учествува во создавањето значење
  • Сцената во театарот „Силенцио“ е срцевината на филмската структура. Репликата „Сè е илузија“ не функционира како објаснување, туку како егзистенцијална аксиома, ехо на мистичните учења што светот го восприемаат како превез, а не како конечна форма. Единственото што останува е емоцијата – последниот доказ за реалноста

„Малхоланд Драјв“ (Mulholland Drive) годинава одбележува 25 години од своето премиерно пројавување, четврт век од еден од најрадикалните и највлијателни филмски експерименти на современото кино. Филмот, кој првично бил замислен како телевизиска серија, со текот на времето се трансформира во автономно, иконично филмско дело што ја надминува сопствената генеза и станува репер за нов начин на филмско мислење.
Ова остварување не може да се сведе на класична наративна логика. „Малхоланд Драјв“ постои како состојба на свеста, како внатрешен пејзаж во кој границите меѓу сонот и јавето се порозни, нестабилни и постојано променливи. Преку својот препознатлив авторски јазик, исполнет со симболи, фрагментирани нарации и хипнотичка атмосфера, Дејвид Линч го вовлекува гледачот во лавиринтот на потсвеста, каде што значењето не се артикулира експлицитно, туку се насетува. Филмот функционира истовремено како проекција и како иницијација, признание за уникатната визија на Линч и за неговото влијание врз современата филмска уметност.
Целината може да се толкува како сон, интимен сон на една распадната свест, но и како архетипски сон што ја отсликува вечната тензија меѓу илузијата и вистината. Сонот, кај Линч, е лиминален простор, зона на премин во која субјективната вистина ја разградува секоја претензија за објективна реалност. Тој создава кинематографски свет во кој нарацијата и симболот коегзистираат во кревка рамнотежа, повикувајќи го гледачот не да разбере, ами да се препушти.
Во оваа специфична филмска структура јасно се чувствуваат влијанијата на Буњуел, Кокто и Антониони, но особено се наѕира сродноста со Персона на Ингмар Бергман, каде што распадот на идентитетот и фузијата на личностите се прикажани со радикален минимализам и визуелна интензивност. Како што Бергман ги истражува границите помеѓу Јас и Другата, така Линч го трансформира тој принцип во психичка мапа на Холивуд, простор во кој маската, улогата и автентичната природа на субјектот се преплетуваат, создавајќи чувство на длабок, интимен, егзистенцијален страв.
Холивудскиот ноар, со своите фатални жени, двојните идентитети и моралните бездни, овде е превртен, претворен во психички пејзаж на распадната душа. Низ филмот пулсира долгогодишната фасцинација на Линч со трансценденталната медитација — свеста не е линеарна, туку слоевита, а вистината секогаш се наоѓа зад уште еден превез, зад уште една илузија.
Ликовите на Бети и Дајан, како и нивните двојнички Рита и Камил, не функционираат како класични карактери, туку повеќе како проекции на расцепена свест. Тие се огледуваат, се преклопуваат и се поништуваат, откривајќи ја дијалектиката меѓу идеализираното јас и неговите потиснати сенки. Во таа дуалност се наѕира принципот на соединетото спротивно — нужноста светлината и темнината да бидат признаени како дел од истото битие, предуслов за целовитост, но и извор на трагична неможност.
Насловот „Малхоланд Драјв“ е истовремено географска одредница и метафора за духовниот пат: траса исполнета со остри свиоци, магливи визури и ненадејни бездни, патување низ „ноќта на душата“, каде што губењето, неуспехот и распадот се нужни фази на внатрешна трансформација. Холивуд овде се појавува како архетип — митолошка машина за соништа и уништување, симбол на човечката потреба за илузија и самозалажување.


Сината кутија претставува скриен центар на филмот, јадрото во кое е затворена вистината. Нејзиното отворање е чин на иницијација, но и болно будење: миг во кој илузијата се распаѓа, а свеста останува сама со сопствената вистина, без утеха и без ветување за спас.
Сцената во театарот „Силенцио“ е срцевината на филмската структура. Репликата „Сè е илузија“ не функционира како објаснување, туку како егзистенцијална аксиома, ехо на мистичните учења што светот го восприемаат како превез, а не како конечна форма. Единственото што останува е емоцијата — последниот доказ за реалноста.
„Малхоланд Драјв“ е филмско огледало што ја рефлектира состојбата на душата на оној што го гледа. Линч не нуди излез од лавиринтот; тој нуди свесност за неговото постоење. Со текот на времето, филмот цврсто се вгнездува во канонот на најзначајните остварувања на 21 век. Неговото влијание се позиционира и подалеку од границите на артхаус-киното: во серискиот наратив, во визуелниот јазик на современиот филм и во подготвеноста на публиката активно да учествува во создавањето значење.
„Малхоланд Драјв“ останува како жив филмски организам — мрачен, поетски и вознемирувачки, езотериска мапа на современата свест. Филм што предизвикува, потсетувајќи дека вистинската уметност не нуди лесни одговори и солуции, ами отвора врати, а светлината, како и секогаш кај Линч, најчесто се појавува токму таму каде што најмалку ја очекуваме.

Јане Алтипармаков