Рецензија за „Гол пиштол“ од 2025 година
- Она што го прави филмот навистина забавен е начинот на кој Нисон се препушта на хаосот. Познат по мрачни акциони филмови, тој овде целосно го задржува својот препознатлив сериозен израз, што ја прави секоја шега уште посмешна. Кога Дребин Џуниор со целосна сериозност објаснува апсурдна ситуација, резултатот е магија што би ја одобрил и самиот Лесли Нилсен
Пред да постојат „Страшен филм“, „Вжештени глави“ или мемиња на Твитер, постоеше Френк Дребин. Со пиштол во една рака, значка во другата и мозок што постојано го саботираше, Лесли Нилсен ја водеше најглупавата, но и најдрага полициска франшиза на сите времиња.
Трилогијата „Гол пиштол“ не само што го дефинираше жанрот на пародијата туку ја направи и културна институција, доказ дека понекогаш најпаметното нешто што можеш да го направиш е да изгледаш апсолутно глупаво.
Оваа трилогијата беше врвот на американската пародија. Наследник на „Има ли пилот во авионот“ и духовен предок на цели генерации комедии. Од 1988 до 1994 година, таа ги редефинираше границите на визуелниот гег и го претвори апсурдот во прецизна уметност. Под водство на тимот Закер-Абрахамс-Закер, филмовите ја претворија полициската процедура во циркус на недоразбирања, а Френк Дребин стана симбол на добата кога смеата не се објаснуваше, туку се случуваше.
Тој посебен тип хумор денес речиси исчезна. Хумор што не зависи од навреди, ниту од цинизам, туку од чиста човечка глупост изведена со мртво сериозно лице.
Во осумдесеттите, тој стил беше крунисан токму со „Гол пиштол“ – франшиза што ја претвори полициската некомпетентност во уметничка форма и го создаде еден од најголемите комични јунаци на сите времиња: Френк Дребин, во интерпретација на незаборавниот Лесли Нилсен.
Триесет и пет години подоцна, Холивуд повторно ги вади значката и пиштолот – и повторно тргнува во немилосрден апсурд. Но овој пат со нов Дребин: Лијам Нисон, актер познат по улоги во кои обично убиствено сериозно спасува ќерки, патници или целата планета.
Само што сега, неговата најважна мисија е да остане жив меѓу бесмислени експлозии, летање на фрижидери и хумор што одбива да порасне. И неверојатно, но успева! Е па, добре дојде назад, апсурде!
Во режија на Акива Шафер, „Гол пиштол“ се обидува да го оживее духот на класичната пародија од осумдесеттите и успева. Ако не целосно, барем делумно.
Главната ѕвезда, Лијам Нисон, ја презема улогата на Френк Дребин Џуниор – син на славниот, но безнадежно несмасен полициски детектив.
Кога една жена (Памела Андерсон) бара помош по убиството на својот брат, Дребин тргнува во истрага што бргу се претвора во бесмислен, но урнебесен лавиринт од заговори, лакрдија во која се вклучени технолошки милијардери и експлозии без логика.
Хуморот на старата школа во ново време
Шегите се нижат со темпо што ретко се гледа во модерни комедии. Визуелни гегови, дијалошки досетки, апсурдни недоразбирања и бесмислени сценски катастрофи – филмот не дава простор за здив. Со траење од само 85 минути, „Гол пиштол“ е брз, краток и бескрајно симпатичен.
Шафер и неговите сценаристи Ден Грегор и Даг Менд вешто ги мешаат старомодните комични трикови со современи пречки: Тикток, инфлуенсерите, хакерските скандали и вештачката интелигенција добиваат свое место во апсурдниот универзум на Дребин Џуниор.
Лијам Нисон – сериозен до апсурд
Она што го прави филмот навистина забавен е начинот на кој Нисон се препушта на хаосот. Познат по мрачни акциони филмови, тој овде целосно го задржува својот препознатлив сериозен израз, што ја прави секоја шега уште посмешна.
Кога Дребин Џуниор со целосна сериозност објаснува апсурдна ситуација, резултатот е магија што би ја одобрил и самиот Лесли Нилсен.
Но ова не е имитација – тоа е трансформација. Нисон не се обидува да биде Нилсен, туку го создава својот тип комичен антијунак: строг, несвесен и бескрајно комичен токму затоа што не се труди да биде смешен.
Каде филмот потскокнува и каде се сопнува
Иако има многу енергија и љубов кон оригиналот, „Гол пиштол“ не е филм без мани.
Не сите шеги удираат – дел се предвидливи, некои изгледаат како остатоци од пародии на други филмови.
Споредните ликови, освен Дребин, остануваат недоволно развиени и често служат само како кукли во веќе препознатливите гегови од претходните делови.
Но тоа што филмот го губи во наративна длабочина, го надоместува со искреност. Ова не е иронија – ова е вистинска љубов кон еден вид хумор што речиси изумре во Холивуд.
Освежување во време на премногу сериозни комедии
Во ера кога комедиите од типот на „Вистинска болка“ или „Пријателство“ често се пренатоварени со политички контекст или интелектуални намери, „Гол пиштол“ без срам избира да биде глупав. И тоа е неговата најголема доблест. Ова е филмот што без сомнеж со душа го чекате.
Пародијата се враќа во својата најчиста форма: хумор од погрешно разбрани наредби, паѓања низ прозорци и безобразно глупави досетки.
Тоа е искрена и старомодна забавна форма што знае што е и не се извинува за тоа.
Љубовно писмо до Лесли Нилсен
„Гол пиштол“ можеби не ја надминува оригиналната трилогија, но дефинитивно ја почитува. Лијам Нисон блеска во улога што ја тестира границата помеѓу сериозноста и апсурдот, а Акива Шафер докажува дека гротеската сè уште има место на големото платно.
Ако барате филм што ќе ве натера да се насмеете на апсолутни глупости – ова е тоа. Ако очекувате сложена пародија со суптилен коментар за општеството – барајте понатаму.
Ова е чиста недоправена забава. И тоа денес е поретко од кога било.