Ретрокино

Кога зборуваме за филмови во кои се обработуваат зависноста и нејзините негативни ефекти, не можеме да не се сетиме на неколку револуционерни филма што оставиле длабока трага кај филмската публика. Пред сѐ, тука е „Реквием за еден сон“, филм што претставува „мементо мори“ за многу минати, сегашни и идни генерации. Маестралноста на режисерот Дарен Аронофски во комбинација со бравурозната глума на Џарет Лето, Елен Барстин и Џенифер Конели обезбеди овој филм да добие култен статус меѓу младите и нивната борба со зависностите, но чие детство поминало без да се восхитува на улогата на легендарниот Леонардо ди Каприо во еден од најхрабрите филмови „Кошаркарски дневник“. Или, пак, култната биографска драма од 1980-тите за борбата со хероинот „Танцувам најбрзо што можам“ на Џеф Хофсис…
Но и покрај кошмарните визии за негативните ефекти од дрогата, сите овие филмови би изгледале како „Пепелашка“ во споредба со еден заборавен, правлив дијамант на филмската уметност, кој со својата суровост заслужено го носи епитетот еден од најшокантните филмови на сите времиња.
„Кристијане Ф.“ е тажен, морбиден поглед кон ужасите на зависноста од дрога. Кристијане (Наја Брунхорст), 13-годишна девојка, која е сликата на невината и наивна младост, набрзо станува жртва на сопствениот разврат. Несреќната љубов, невнимателната мајка, ѓаволскиот ритам на рок-музиката и брзиот ритам на животот во градот на забавите, Западен Берлин во 1970-тите години, кога подемот на хероинот е во полн ек во Европа, ја водат Кристијане директно пред портите на Адот. Нејзиниот живот е претставен со огромна доза на реализам, кој кај гледачот предизвикува уште поголем страв.
Промените што ѝ се случуваат на Кристијане се фрапантни и ужасни. Нејзиниот тен потемнува. Нејзиното младешко руменило исчезнува. Нејзината кожа добива зеленикаво бледило. Таа е нем сведок како дрогата ги носи нејзините пријатели на работ на смртта.
Низ очите на Кристијане го гледаме секој валкан тоалет во Берлин, секој морничав лик со кој таа мора да има односи за да обезбеди пари за дрога. Секој момент на ужас и очај е хиперреалистично претставен, како пеколот на земјата да се наоѓа баш таму, во местото наречено Гропиштат, навистина мрачен, опасен дел од Нојколн, Западен Берлин.

Се чини дека пресвртниот момент во животот на Кристијане е концертот на легендарната попрок-суперѕвезда Дејвид Боуви, кој настапува во Западен Берлин. Боуви, кој се појавува накратко, е доволна причина да ја натера Кристијане да проголта грст апчиња.
Таа го открива местото наречено „Звукот“, прикриена дискотека што се наоѓа во близината на луксузниот туристички кварт Курфуерстендам. „Звукот“ е место каде што се дружат тинејџери што имаат проблеми со зависностите, преплавено со дрога и со дилери што како пресреќни родители ги хранат своите деца со валиум и хероин, желни да избегаат од нивната реалност и здодевно секојдневие и да се забавуваат. Тука Кристијане го запознава Детлеф, момче на нејзина возраст. Детлеф почнува да користи хероин веднаш откако ќе се запознаат, а Кристијане, исплашена да не го изгуби поради дрогата, му се придружува.
Присуството на Боуви, и овде и на саундтракот, е најдоброто нешто во филмот, па затоа можеби силната реакција на Кристијане може да се дешифрира на тој начин. Прекрасната музика на Дејвид Боуви, кому Кристијане му се поклонува често, се слуша во текот на првиот дел од филмот. Откако таа и нејзините пријатели ќе станат зависници, музиката на Боуви исчезнува, што е многу симболично.
„Кристијане Ф.“ е филм заснован на книга на двајца новинари за вистинска тинејџерска проститутка и зависничка. Книгата, како и филмот, постигна голем успех во Западна Германија, а режисерот Улрих Едел ја адаптира во речиси документарен стил. Некои снимки од млади зависници собрани во мрачната подземна станица во зоолошката Банхоф се снимени со скриена камера, но тие речиси и не се разликуваат од оние делови што се сценски изведени.
Особено е важно да се забележи дека филмот не го глорифицира хероинот. Напротив, штом започнува употребата на тешки дроги, расположението на филмот веднаш се менува. Ефектите на хероинот врз овие деца се зачудувачки. Тие се претвораат во болни сенки на нивното поранешно јас, како зомби, во потрага по својот следен шприц.

За среќа, режисерот не ја направил грешката што ја прават многу американски режисери кога снимаат приказни за тинејџери. Актерите овде се вистински тинејџери, на околу 14-15 години. Тоа го прави филмот многу помоќен и пошокантен. Но и многу поверодостоен.
Неговата актерска екипа е претежно составена од непрофесионалци и актерски аматери. Како што објаснува тој во продукциските белешки: „Актерската екипа беше толку природна што би помислиле дека се или актери или зависници целиот свој живот. Факт е дека ниту еден од нив немал никакво сценско искуство, а само еден од нив имал искуство со хероин“.
Во светот на филмот речиси не постои толку мрачна визија за деца изгубени во надреален пекол на зависност од дрога. И за дополнително да се зголеми интензитетот, филмот е долг цели 138 минути, во кои од минута во минута станува помрачен и посериозен. Зачудувачки, во текот на целиот филм режисерот во ниеден момент не посегнува по сентименталност, што е чест случај кај повеќето американски филмови за дрога. Стилот на филмот е студен, германски, европски. Се сомневам дека некој американски режисер би можел да создаде толку мрачен и тврд филм за толку млади луѓе. „Кристијане Ф.: Ние децата од зоолошката градина Банхоф“ останува еден од најпознатите и најпочитувани филмови што излегле од Германија.