„Конклава“ ги предводеше номинациите со вкупно 12, пред 11-те на „Емилија Перез“ во режија на Жак Аудиар и деветте на „Бруталист“. Со ирскиот биографски филм за хипхоп, аутсајдерот на овие награди, „Никап“, Рич Пепиат влезе во историјата на „Бафта“ со израмнување на рекордот за номинации за дебитантски режисер со вкупно шест. Тој замина дома со една „бафта“. Најпријатното изненадување се случи во категоријата за најдобра актерка бидејќи Мајки Медисон од „Анора“ ги победи поискусните Деми Мур и Маријана Жан-Баптист

Извонредната мистериозна драма за заговорот во Ватикан, „Конклава“, го победи фаворизираниот „Бруталист“ на доделувањето на последните награди „бафта“, кое се одржа на 16 февруари, во спектакуларната „Кралска фестивалска сала“ во Лондон. Ова 78. издание на најдобрите филмски остварувања според Британската филмска академија го водеше популарниот шкотски актер Дејвид Тенант, кој е познат по портретирањето на десеттата инкарнација на Докторот во научнофантастичната серија „Доктор Ху“. Во 2022 година, тој се врати во шоуто како четиринаесетта инкарнација. Неговите други значајни улоги на екранот ги вклучуваат Алек Харди во британската крими-драма серија „Бродчерч“ и нејзиниот американски римејк „Грејспоинт“, потоа Килгрејв во суперхеројската серија „Џесика Џонс“, Кроули во фантастичната серија „Добри предзнаци“ итн.
„Конклава“ на Едвард Бергер, во кој Ралф Фајнс ја игра улогата на кардинал што го надгледува изборот на нов папа, учествуваше на годинашната церемонија „Бафта“ со десетина номинации, најмногу од сите други кандидати. Заврши со четири награди: за најдобар филм, извонреден британски филм, адаптирано сценарио и за монтажа. Оваа елегантна драма базирана на бестселерот на Роберт Харис беше рамномерно номинирана во однос на бројките со „Бруталист“, но ја однесе главната награда на вечерта. Доаѓајќи од сенка, „Конклава“ ги доби симпатиите кај гласачите на „Бафта“, кои беа воодушевени од главната изведба на Ралф Фајнс како проблематичен кардинал. Тие беа восхитени од неговиот визуелен процут, од неговиот интелигентен, но пристапен дијалог за религиозните прашања, и од неговиот пресвртен крај. Овој филм, всушност, претставува сублимат од современата дебата, која е мошне исцрпно анализирана.
Бергер, кој се најде на листата на наградените и пред две години со неговиот воен римејк насловен „Сѐ е тихо на западниот фронт“, кој освои седум награди, рече: „Живееме во време на криза на демократијата. Институциите навикнати да нѐ зближуваат се користат за да нѐ разделат. Понекогаш е тешко да се задржи вербата и затоа снимаме филмови“.
Бергер, чиј филм ја прикажува битката меѓу либералите и традиционалистите што се заканува да ја уништи Католичката црква однатре, го заврши својот говор цитирајќи го Леонард Коен: „Во сè има пукнатина, така влегува светлината“.
Филмот „Бруталист“, пак, може да се смета себеси за речиси заеднички победник. Епската драма на Брејди Корбет за унгарскиот модернистички архитект што работи во повоена Америка си замина од церемонијата со награда за најдобар режисер, најдобар главен актер (Адриен Броди), кинематографија и за партитура.
При изборот на наградата за најдобар режисер, Корбет рече дека навистина не постои такво нешто како што е награда за најдобар режисер.


– Тоа е шега – тврдеше тој, оддавајќи им почест на сите други номинирани режисери во знак на благодарност додека ја примаше својата награда.
Во својот говор, ѕвездата Адриен Броди ѝ се заблагодари на британската јавност што ја препозна креативноста, велејќи дека во последно време, сѐ повеќе ја чувствува Англија како дом.
Тој потоа ѝ се заблагодари на својата партнерка, дизајнерката Џорџина Чепмен. Конкуренција на Броди за освојување на оваа награда му беа Тимоти Шаломе, ѕвездата од биографскиот филм за Боб Дилан, „Целосно непознато“, кој си замина дома со празни раце, и Ралф Фајнс, седум пати номиниран за „бафта“ и некогашен победник.
Едно од најголемите и можеби најпријатни изненадување на годинашното издание на „Бафта“ се случи во категоријата за најдобра актерка, бидејќи Мајки Медисон од „Анора“, која, пак, загуби од Дејвид Џонсон за наградата за ѕвезда во подем, ја доби наградата пред фаворизираната Деми Мур за „Супстанцијата“ и, исто така, пред големата ѕвезда од „Тешките вистини“, Маријана Жан-Баптист.
Во „Анора“ на Шон Бејкер, добитник на „златната палма“, Медисон игра егзотична танчарка што започнува романса со син на руски олигарх. На подиумот таа ја повика заедницата на сексуалните работници, велејќи: „Ве гледам, заслужувате почит и човечка пристојност. Јас секогаш ќе бидам пријател и сојузник и ги молам другите да го сторат истото тоа“.
При добивањето на својата „бафта“, Медисон сподели дека нејзината мајка е нејзиниот најголем поддржувач во кариерата и ѝ се заблагодари што ја водела на толку многу аудиции и ѝ помогнала да се подготви за секоја аудиција.
Медисон исто така беше почестена со наградата за кастинг за Шон Бејкер и Саманта Куан, додека Зои Салдања ја заработи статуетката за најдобра споредна женска улога за нејзиниот труд во мјузиклот „Емилија Перез“, за кој режисерот Жак Аудиар и Паскал Кошето ја добија наградата за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје. И покрај 11-те номинации, овој трилер за мексиканскиот картел доби само две награди.
Засрамувачкиот хаос околу старите твитови на ѕвездата на „Емилија Перез“, Карла Софиа Гаскон, во кои таа откри ужасни фанатични мисли за Хитлер, Џорџ Флојд, исламот и за различноста на „оскарите“, што секако беше неверојатно, не ги уништи целосно шансите на филмот, па така, овие награди на некој начин го измија срамот што Гаскон ѝ го донесе на својата екипа.
Слично на Салдања, Киеран Калкин од „Вистинска болка“ го зацврсти својот статус на неизбежен добитник на „оскар“ за споредна машка улога со наградата „бафта“ за неговата изведба како проблематичниот братучед на Џеси Ајзенберг на турнејата низ еврејската историја во Полска.
Тимот зад „Супермен: Приказната за Кристофер Рив“ ја освои наградата за најдобар документарен филм, а децата на Рив на сцената предизвикаа голем аплауз.
Претходно вечерта, Ник Парк и неговите колеги од „Ардман анимација“ освоија две почести за „Валас и Громит“, за најдобар анимиран филм и инаугуративната награда за деца и семејство.
„Конклава“ ги предводеше номинациите со вкупно 12, пред 11-те на „Емилија Перез“ во режија на Жак Аудиар и деветте на „Бруталист“. Со ирскиот биографски филм за хипхоп, аутсајдерот на овие награди, „Никап“, Рич Пепиат влезе во историјата на „бафта“ со израмнување на рекордот за номинации за дебитантски режисер со вкупно шест. Тој замина во неделата со една „бафта“, за извонредното деби на британски писател, режисер или продуцент. Пепиат беше и писател и режисер на филмот.
За време на неделниот настан, Ворвик Дејвис ја прими стипендијата „Бафта“ од Том Фелтон по видеото за почит во кое се појавуваат Џорџ Лукас, Марк Хамил и Рон Хауард, додека Сајмон Пег ја одликуваше „МедиСинема“, болничката добротворна организација што обезбедува кино на пациентите. Хамил ја заврши вечерта на наградите кога на сцената го откри победникот за најдобар филм.
Во забавниот дел на британските филмски награди интересно беше и појавувањето на британските музички легенди „Тејк дет“ со преработка на нивната хит-песна „Greatest Day“, која е претставена во „Анора“. И Џеф Голдблум, исто така, даде музички придонес, свирејќи ја „As Time Goes By“ на пијано за време на сегментот „Ин мемориам“ на „Бафта“.
„Бафта“ е последната церемонија за доделување филмски награди пред доделувањето на „оскарите“ за две недели и многумина ги сметаат за последната аудиција за „оскарите“. Има значително преклопување помеѓу 8.000 члена на Британската академија со право на глас и нивните 10.000 американски колеги, од кои многумина чекаат да ги пополнат своите гласачки ливчиња, за што впрочем гласањето треба да се одржи во вторник, за да видат како ќе се одвива доделувањето на наградите „бафта“.
Како и да е, со минатогодишната доминација на „Опенхајмер“, „Бафта“ стана помалку веродостојна претходница за доделувањето на „оскарите“ откако воведе низа радикални мерки зад сцената во пресрет на контроверзноста на #BaftasSoWhite пред пет години, кога сите 20 номинирани актери беа бели.