„Дебела девојка“ е вистински претставник на таканаречената нова француска екстремна школа. Брејлат ја сместува оваа драма во рангот на филмови како што се „Висока тензија“, „Маченици“, „Внатрешност“… Навидум поневина од претходните, оваа драма на моменти речиси како еден од оние софистицирани француски филмови за раниот лет на љубовта, излегува дека е поболна и пошокантна отколку што очекуваме

Видеотека

Осврт кон „Дебела девојка“, филм на француската режисерка Кетрин Брејлат од 2001 година

Навлегувајќи подлабоко во адолесцентските години, младиот човек станува сѐ поопседнат со физичкиот изглед. Тој станува една од клучните компоненти на неговото развивање како личност во тие кревки години на себеспознавање. Љубовта, привлечноста и желбата да се биде прифатен е посилна од сѐ. Па така, тие често се идеализирани до нереални граници, така што првите љубовни и сексуални искуства засновани на лаги, често знаат да бидат несмасни и трапави и да донесат голема болка.
„Дебела девојка“, филм на француската режисерка Кетрин Брејлат од 2001 година, е комплексен, груб и искрен приказ за женската адолесценција. Брејлат на брутално искрен начин ни раскажува една фиктивна вистина за првите сексуални спознанија на две сестри додека се на семеен одмор со своите родители. Елена Пинго (Роксана Мескида) има 15 години. Таа е млада сексапилна девојка, која ја красат прекрасна става и неверојатна самодоверба. Таа е дури и многу повеќе развиена и сексуално будна за нејзините години. Додека, пак, нејзината помлада сестра Анаис (Анаис Ребо), која има 12 години, е полничка и незадоволна од својот физички изглед. Нејзините фрустрации и љубомора во однос на својата постара сестра се јасно видливи. Желбата за натпревар и ривалството меѓу нив две од ден на ден станува сѐ поопасна.
Елена го привлекува вниманието на локалните момчиња, а нејзината сестра со прекумерна тежина гледа со љубомора, која тлее и се заканува да експлодира. Анаис, пак, исто така има свои добри страни. Таа, за разлика од својата лаковерна постара сестра, е попаметна и на одреден начин повозрасна. Таа е желна за сексуално искуство, иако нема многу идеја што подразбира тоа. Во една тажно-слатка сцена во базенот на одморалиштето, таа замислува романтично ривалство за нејзините наклонетости.
Страстите целосно зовриваат кога на сцена се појавува младиот и згоден студент Фернандо. Тој се наклонува кон Елена. Нивниот однос зоврива и сѐ повеќе ја надминува границата на пријателство. Тој е постар, студент по право, исто така на одмор. Елена смета дека неговото внимание е ласкаво. Зборува за љубов, нејасен е за иднината, но упорен за своите барања. Тоа предизвикува завист кај младата Анаис. Тоа што можеме да го забележиме (режисерката Брејлат успеала многу успешно да ни го предочи) е дека Елена не е воопшто наивна девојка. Таа е свесна за сопствениот изглед и својата сексуалност.

Но исто така таа е и претпазлива и не сака така лесно да ја загуби својата невиност, додека, пак, Анаис безглаво би се фрлила во една таква авантура. Но невиноста и чистотата за Елена се две многу различни работи. Како љубовник во латинска сапуница, Фернандо една вечер влегува низ прозорецот од спалната соба, а „заспаната“ Анаис гледа како Елена и Фернандо имаат секс. Што прават тие? Брејлат нема лажна сентименталност кон жените. Таа е ослободена од шовинистичките ставови кон мажите.
Нејзините ликови можеби зборуваат за љубов, но тие ретко ја чувствуваат и не мора да ја бараат: нејзините жени, како и мажите, имаат искрена љубопитност за тоа што можат со своето тело.
Нејзиниот претходен филм, озлогласениот „Романса“ обработуваше тема за сексуално незадоволна жена што оди во намерна потрага по подобар секс, а знае дека тоа би ѝ причинило голема штета. „Романса“ беше филм посветен на љубовна екстаза. Тој беше горка новела за болка, повредување, лажење и омраза.
Приватните сцени помеѓу Анаис и Елена се внимателно набљудувани. Девојките меѓусебно си кажуваат навреди до омраза, како што веројатно прават младите адолесценти, но исто така споделуваат доверба и наклонетост и зборуваат со апсолутна искреност за она што ги засега. Забавувањето на Елена со Фернандо завршува несреќно, се разбира на начин на кој и таа и ние од оваа страна на платното знаевме дека ќе заврши. Анаис уште повеќе ја разбеснува оваа случка.

Таа, наивна и неискусна, останува разочарана во љубовта, од искуствата вкусени од нејзината постара сестра. Штом девојка како Елена е третирана на тој начин, таа полека ја губи вербата дека еден ден вистински ќе биде сакана.
Горките искуства на двете млади девојки го водат филмот во екстремно брутален и шокантен крај, кој ќе ги остави гледачите вчудовидени.
„Дебела девојка“ е вистински претставник на таканаречената нова француска екстремна школа. Брејлат ја сместува оваа драма во рангот на филмови како што се „Висока тензија“, „Маченици“, „Внатрешност“… Навидум поневина од претходните, оваа драма на моменти речиси како еден од оние софистицирани француски филмови за раниот лет на љубовта, излегува дека е поболна и пошокантна отколку што очекуваме. Да, Анаис на крајот постигнува лична пресвртница и сатисфакција, но по која цена? Дали доколку „Дебела девојка“ имаше помек крај, ќе успееше да се докаже и преслика студената и тешка логика на Анаис? Не би се обложиле на тоа.