Ќе се снима римејк на легендарниот филм „Суштество од црната лагуна“

Режисерот Џејмс Вен ќе снима римејк на култниот научнофантастичен треш-хорор филм „Суштество од црната лагуна“ од 1954 година.
Во текот на изминативе години многу режисери, меѓу кои и славниот Гилиермо дел Торо, се обиделе да направат римејк на овој филм, во кој група научници се среќаваат со митско чудовиште од водите на Амазонија, но ниту еден од нив не успеал во тоа.
Дали тоа ќе му се посреќи на режисерот на популарниот „Аквамен“ и „Аквамен и изгубеното кралство“ ќе дознаеме по преговорите што тој ги води со „Универзал пикчрс“.
Во меѓувреме, Ван работи на претпродукција на филмот „Повикот на Ктулу“ според кратка приказна напишана од еден од најценетите писатели на жанрот – Х.П. Ловкрафт.
Оригиналниот филм од 1954 година имаше и две продолженија. „Одмазда на Суштеството“ од 1955 година и „Суштеството е меѓу нас“ од 1956 година.


Од филмски каубој до американски претседател

На 30 август во САД е најавена премиера на филмот „Реган“, во кој го следиме животот на Роналд Реган, од неговото детство до претседател на САД, следен низ визурата на Виктор Иванов, бивш агент на КГБ.
Филмот е заснован на книгата „Крстоносец: Роналд Реган и падот на комунизмот“, чиј автор е Пол Кенгор.
Главната улога ја толкува Денис Квајд. Во неговите детски години го глуми Томи Реген, а како тинејџер Дејвид Хенри.
Во другите улоги, Пенелопе Ен Милер ја глуми Ненси Реган, Џон Војт – Виктор Иванов, Томас Хауел – Каспер Веинбергер, Лесли Ен Дон – Маргарет Тачер, Александер Крупа – Михаил Горбачов и Роберт Дејви – Леонид Брежњев.
Режисер на ова филмско остварување е наградуваниот Џон Мекнамара, кој е потписник на дури 87 филмски проекти.


Литвански хорор-победник на Филмскиот фестивал во Локарно

Литванската хорор-драма „Токсично“ е прогласена за најдобро остварување на годинашниот Филмски фестивал во Локарно.
Сонувајќи за бегство од темнините на родниот индустриски град, две тинејџерки (Марија и Кристина) создаваат единствена врска во локалната манекенска школа, каде што ветувањата за подобар живот ги тераат двете девојки да ги експлоатираат своите тела на екстремни начини.
Режисерка и сценаристка на овој филм е Сауле Блиуваите, која е дебитантка во светот на долгометражните филмови.


„Претекнување“ – солидна британска драма

По прикажувањето на годинашниот филмски фестивал „Санденс“, а потоа и во Берлин, за 27 септември е најавено редовното прикажување на британската драма „Претекнување“ во киносалите. Филмот е заснован на бестселер-мемоарите на Ејми Липтрот, позната шкотска писателка и новинарка.
Откако живее на работ во Лондон, поради борбата со алкохолизмот, Рона се обидува да се помири со своето проблематично минато. Таа се враќа на дивата убавина на шкотските Оркни Острови (каде што пораснала) со надеж дека ќе оздрави.
Режисерка на оваа продукција е наградуваната Германка Нора Фингшајд, авторка на криминалниот филм „Непростливото“ од 2021 година, во кој главните улоги ги толкуваат Сандра Булок, Виола Дејвис и Винсент Д’Онофрио.