„Јад“ – пет децении духовен немир

Филмски осврт по повод 50 години од премиерата на легендарниот филм
на Кирил Ценевски

Пет децении по својата премиера, „Јад“ (1975) на Кирил Ценевски останува запишан како мистичен и идеолошки интригантен уметнички проект во хрониките на македонскиот филм. Делото, само привидно историско, е повеќе од реконструкција на настани од крајот на 11 век и почетокот на 12 век. Тоа е духовна топографија на отпорот – на луѓето што, на урнатините на Самуиловото Царство, се спротивставуваат на византиската власт, на догмата, на канонот и на секоја форма на идеолошка дисциплина.
Ценевски не прикажува само историска хроника, тој креира своевидна метафизичка расправа со ова дело. Во неговата визија, богомилството не е ерес – тоа е филозофија на отпорот, раѓање на едно колективно самоспознание што го оспорува поредокот на моќта. Токму преку таа дискурзивна линија, „Јад“ може да се чита како прв македонски филм што ја користи историјата како алегорија за современоста, претворајќи ја теолошката битка во егзистенцијална драма.
Насловот, земен од натписот во т.н. Битолски триод од 12 век – Мир, Зараза, Јад – има симболичка тежина, која ги одредува ритамот и структурата на филмот. Трите збора, напишани од непознат средновековен автор, стануваат три степени на човечката состојба: мирот како копнеж, заразата како вера што се шири со насилство, и јадот како конечен одговор на човекот што не може да се помири со светот.
Во таа тројна формула лежи суштината на филмот – внатрешниот јаз меѓу верата и слободата. Ценевски го претставува судирот меѓу ортодоксната црква и богомилскиот ред не како религиски спор, туку како судир на две цивилизациски струи: онаа на покорноста и онаа на самоспознавањето. Богомилите, со својата манихејска етика и социјална чувствителност, стануваат предвесници на идеите за еднаквост и братство – револуционери пред своето време, „хипиците од 11 век“, како што духовито забележале некои критичари.
Но зад тој романтичарски идеализам стои уште потежок, егзистенцијалистички тон. „Јад“ е филм за неможноста на човекот да се ослободи од сопствената темнина. Неговите ликови не се херои од учебниците по историја. Тие се човечки фрагменти од потрагата што секогаш завршува со пораз. Ценевски создава простор на мит и болка, каде што времето е суспендирано, а зборот станува мантра.
Познатиот руски филмолог Мирон Черњенко, во својата прецизна и остра анализа, ќе забележи дека „’Јад‘ излегол претежок за силите на режисерот“, при што „комплицираната, замрсена, многуфигурна композиција напросто му испаѓа од раце“. Делумно е во право – филмот навистина не нуди лесна катарза. Неговата структура е густо симболична, понекогаш и преобемна за сопствениот медиум. Но токму во таа недовршеност, во тие празнини и неми паузи, се чувствува вистинската сила на делото – како да гледаме визија што не може да се изговори докрај, бидејќи е премногу болна, премногу човечка.


Денес, по половина век, „Јад“ изгледа како дело пред своето време. Во неговите слики има нешто архетипско и вечно – нешто што ја надминува локалната историја и се претвора во универзална приказна за отпорот и самоспознанието. Филмот не го прикажува исклучиво минатото време, ами и она што постојано ни се случува: вечниот судир меѓу духот и структурата, меѓу вербата и сомнежот.
Иако критиката по официјалната премиера му приговори на авторот на филмот дека не ги исполнил очекувањата поради преголемиот продукциски зафат, денес, половина век подоцна, „Јад“ се чита како особен, речиси култен филм – дело што и покрај сите свои противречности останува искуство што не може да се повтори. Како што забележува и филмологот Чепинчиќ, тогашните критики „останале без вистинска аргументација во однос на естетските потенцијали што филмот ги содржи“. Времето, како најстрог судија, го врати филмот таму каде што му е местото – меѓу оние ретки дела што не се мерат со успехот, туку со истрајноста на впечатокот.
„Јад“ не е совршен филм, но е искуство што го преиспитува светогледот на реципиентот. Неговите пропусти – можеби во ритамот, можеби во наративната структура – не ја потиснуваат неговата енергија, напротив, ја потврдуваат како дел од автентичноста на едно дело направено со целосен внатрешен ризик.
Со овој филм, македонската кинематографија го создаде својот прв филмски мит и го запиша првото филозофско поглавје во сопствениот јазик на сликата и духот. „Јад“ дефинитивно останува забележан како смел, амбициозен кинематографски приказ на оној непомирлив човечки копнеж по слобода, а режисерот Ценевски успеал да го овековечи со редок интензитет и духовна храброст.

Јане Алтипармаков