Рецензија

Вампири, вампири, вампири. Тие се буквално насекаде. Лоши вампири, добри вампири, вампири деца, вампири жени, вампири што сакаат да убиваат, вампири што не сакаат да убиваат. Некои од нив водат хотели, некои играат балет. Може да се забележи дека воопшто не отсуствува креативност и дека модерните вампири еволуирале. Филмските платна веќе долго време „крвават“ од масовниот вампирски тренд што воскресна во киносалите последниве неколку години. Хорор-жанрот доживеа нова своевидна ренесанса, па така, многу филмски режисери се сѐ повеќе опседнати со идејата за овој правец. Таквиот растечки тренд донесе и голем број римејкови и продолженија, меѓу кои само во последниве две години можевме да ги гледаме римејкот на легендарниот „Носферату“, продолжението на франшизата „Алиен“ (Ромулус), римејкот на „Предзнакот“ итн.
Меѓу многуте реизданија на старите хитови, хорор-индустријата неуморно работеше и на нови, оригинални помалку или повеќе успешни идеи и решенија. Во согласност со овој тренд е и оваа мала, симпатична канадски хорор-комедија со претенциозно име – „Хуманистички вампир што бара самоубиствено лице со согласност“, на Аријан Луис-Сајз, кој на гледачите им нуди нова, пацифистичка перспектива прикажана од главниот протагнонист.
Младата вампирка Саша (Лилас-Роуз Кантин) од Квебек никогаш немала желба да проба човечко месо, за разлика од нејзиното крвожедно семејство. Една специфична случка на нејзиниот роденден во која учествуваше кловн остави длабока траума врз неа. Сега, желбата што таа би ја имала за крв е надмината од емпатијата, издигнувајќи поголема бариера меѓу неа и нејзиното семејство. Сѐ се случува како во некој паралелен вампирски универзум. Нормално е да се убива и да се цица крв. Саша е премногу емпатична за да може сама да си улови храна, па нејзините родители се видно загрижени за нејзиното здравје. Дури и докторот на кој му се обраќаат и тој е вампир.

И покрај нејзината пацифистичка душа и недостигот од заби, Саша сè уште има апетит за крв. Како што старее во тинејџерска вампирка (има 68 вампирски години) во човечки години се претставува како тинејџерка што сè уште живее дома со своите родители (Стив Лапланте и Софи Кадиекс). Уморни од тоа што не придонесува за складирање храна во нивното домаќинство, нејзините родители ја принудуваат Саша да живее со нејзината постара братучетка Денис (Ноеми О’Фарел), надевајќи се дека таа ќе ја научи како да лови луѓе.
Во меѓувреме, Пол (Феликс-Антоан Бенар) е на другата страна на монетата. Тој е несреќен, социјално вознемирен тинејџер што е малтретиран од сите, од неговите врсници до неговиот директор. Тој работи во кугларница заедно со неговиот главен мачител, Хенри (Арнауд Вашон). Пол размислува за самоубиство. Според судбината, наскоро светот на Саша и Пол се судираат во група за помош за самоубиство каде што формираат пакт. Тој ѝ ја нуди својата крв на Саша за да може таа да јаде без морална вина, а тој да умре.
„Хуманистички вампир што бара самоубиствено лице со согласност“ ги илустрира Сашините тешкотии предизвикани од конфликтите што ги предизвикува општеството, а кои таа не може да ги совлада. Желбата на Саша е нејзините бариери да паднат и таа конечно да се вклопи во семејната средина без да мора да убие друго човечко суштество.
Навидум инспириран од прогресивноста на денешната култура на генерацијата З во судир со едно од најубиствените митолошки суштества, проблемот на Саша е добро прикажан. Луис-Сајз стилски го персонализира светогледот на Саша (игра со осветлување и звук за да ги сигнализира внатрешните желби на Саша или да ја вербализира нејзината затворена осаменост) додека остава простор за суптилност. Истото чувство важи и за емоционалната терапија на Саша, пријателот Пол, чија осаменост и копнеж за емотивна поврзаност се исто така суштински истражени. Саша е централна фигура и дури на моменти успева да го засени скормното сценарио на Луис-Сајз и Кристин Дојон. Сара Монпети испорачува фасцинантен настап.

Таа е вистински вампир. Специфична готска тинејџерка со долга црна коса, крупни црни очи и густи веѓи. Стилски одмерена во манир на млада мистериозна латиноубавица. Нејзиниот лик потсетува на Среда од популарните „Адамсови“. Нејзиниот лик го збогатуваат тивката тинејџерска вознемиреност и осаменост. Таа пренесува силни емоции со едноставни одблесоци, вознемирени изрази и добар комичен момент.
Додека динамиката на Саша и Пол ја води приказната на филмот, се забележува мала структурна неизедначеност. Развивањето на приказната бара повеќе време и фокус за да се запознаеме со ликовите. Сепак, дури и во недостатоците на приказната, „Хуманистички вампир што бара самоубиствено лице со согласност“ е шармантна, мрачна, комична забава за новата генерација, која е добредојдена нова гранка во светот на вампирите. Можеби овој филм е далеку во секоја смисла од „Нека влезе вистинскиот“ од 2008 година, на кој неодоливо потсетува (или се обидува да личи), но сепак заслужува свое место во вашата видеотека.