Ѕвездата на филмот, Карла Софија Гаскон, влезе во историјата како прва трансродова актерка што го освоила признанието за најдобра женска улога во Европа, а Жак Одиар, покрај наградата за најдобар филм, ја доби и наградата за најдобар режисер и најдобро сценарио

Мјузиклот на францускиот режисер и продуцент ја освои главната награда на годинашната церемонија во Луцерн

„Емилија Перез“ на францускиот продуцент и режисер Жак Одиар ја доби главната награда на 37. „Европски филмски фестивал“ во Луцерн, Швајцарија. Ѕвездата на филмот, Карла Софија Гаскон, влезе во историјата како прва трансродова актерка што го освоила признанието за најдобра женска улога во Европа, а Жак Одиар, покрај наградата за најдобар филм, ја доби и наградата за најдобар режисер и најдобро сценарио.
– Не подготвив никаков говор бидејќи бев сигурна дека нема да добијам ништо вечерва – рече Гаскон, примајќи ја својата награда. Таа му се заблагодари на Одиар, нарекувајќи го најдобриот европски режисер, кој ја направи најдобра европска актерка. Гаскон ѝ ја посвети овaa награда на нејзината мајка и на сите мајки на овој свет бидејќи нивните вредности и нивната функција понекогаш се потценети, како и на сите семејства, порачувајќи им на сите родители да ги сакаат своите деца бидејќи, за жал, во овој свет постојат семејства што претпочитаат нивните деца да бидат криминалци отколку геј-луѓе.

Награди за Одиар и за Гаскон на филмскиот фестивал во Луцерн

Одиар ја подигна својата награда во чест на покојниот, француско-дански актер Нилс Ареструп, со кого режисерот работеше на филмови како што се „Отчукувањето што го прескокна моето срце“ (2005) и „Пророк“ (2009).
Подигнувајќи ја наградата за најдобар филм, Одиар ја потсети публиката дека „сите ние овде во оваа просторија имаме многу среќа што снимаме филмови во Европа“. Тој додаде дека би сакал неговата земја да служи како пример за сите други земји во Европа.
„Емилија Перез“ е во официјалната селекција на Франција за наградите за „оскар“ во категоријата најдобар меѓународен филм и силен кандидат за неколку категории, вклучувајќи и за најдобра актерка за Гаскон, како и за актерките Зои Салдања и Селена Гомез, но и за повеќе технички категории.
Покрај Жак Одиар и Карла Софија Гаскон, кои ги освоија главните награди за мјузиклот „Емилија Перез“, награди на годинашната Европска филмска академија за најдобри филмски остварувања освоија и Абе Сангаре, во категоријата за најдобар актер, во категоријата за документарен филм за најдобар беше прогласен „Нема друга земја“ во режија на Јувал Абрахам, Рејчел Сзор, Базел Адра и Хамдан Балал. Најдобар анимиран филм беше „Страум“ во режија на Гинтс Зилбалодис, додека наградата ФИПРЕСЦИ – Европско достигнување, отиде во рацете на режисерот Халфдан Улман Тондел за остварувањето со наслов „Арманд“.

„Емилија Перез“ – сето она што не е новиот „Џокер“

Шпанскиот мјузикл посветен на трансродовите лица е директен удар за разгалената публика, а особено за новиот вид таканаречени „еминентни професионални критичари“. Овој крими-мјузикл можеби е сето она што не е извиканиот „Џокер: Лудило за двајца“. Овој филм претставува вистински предизвик за секој љубител на филмот.
Кога ќе се помисли на мјузиклите како филмски жанр, многумина сметаат дека станува збор првенствено за лесна забава, но дали е навистина така? Напротив, „Емилија Перез“ покажа дека и во еден ваков правец може да се твори со сериозен пристап. Поентата на добриот мјузикл, како и на секој добар филм што сака да допре до публиката, е да зборува за болните социјални аномалии на привлечен начин. Кога ќе помислиме на мјузикли што оставиле вечна трага кај гледачите не можеме, а да не се сетиме на некои имиња, како на пример легендарниот „Томи“ на Кен Расел од 1975 година или, пак, фасцинантниот рок-мјузикл на Милош Форман насловен „Коса“. А дали се сеќавате на спектакуларниот „Роки хорор пикчр шоу“ или „Крај бејби“? Набројувајќи до недоглед, ќе го добиеме толку потребниот социјален ангажман во тие продукции во кои се танцува и се пее.
Емилија Перез следи четири извонредни жени во Мексико, секоја од нив ја следи својата среќа. Водачот на картелот, Емилија, ја ангажира адвокатката Рита за да ѝ помогне да ја лажира нејзината смрт за конечно да може да живее автентично како нејзиното вистинско јас.
Емилија Перез е трансродово лице што во минатото била маж од Мексико, мачо-тип и злобен водач на моќен наркокартел, кој и покрај тоа што е препознаен како грижлив сопруг и татко на две мали деца – решава да го остави своето минато зад себе, оди на операција за промена на полот и станува жена. За да спроведе ваква радикална мерка, потребна му е помош од способен адвокат, а го наоѓа во ликот што го игра Зои Салдања, претходно не многу ценета практикантка, која е повеќе или помалку несреќна затоа што нејзината канцеларија брани корумпирани убијци и други докажани криминалци. Кога Манитас (тоа е името на злобниот наркобос во минатото) ѝ се обраќа и ѝ нуди решение за сите финансиски проблеми, Зои (Рита Моро Кастро, како што ја нарекуваат во филмот) се согласува по кратко двоумење. Нејзината задача е да најде соодветен хирург за да ја изврши бараната операција. Кога задачата ќе биде успешно завршена, Манитас/Емилија Перез (која ја глуми феноменалната актерка Карла Софија Гаскон) и Зои ќе ја продолжат својата соработка преку филантропско здружение со намера да им помогнат на семејствата што ги загубиле своите најблиски во борбите на мексиканските банди. Но духовите од минатото ќе дојдат по своето.

Филмско дело што не се вклопува во стандардните филмски калапи и шаблони

„Емилија Перез“ е филм што освои 18 филмски награди, вклучувајќи ја и специјалната награда на жирито на „Канскиот филмски фестивал“. Сепак, оцените за овој филм, кои можеме да ги најдеме на еминентните филмски портали како на пример „Ротентоматоус“, не се особено поволни (дури би рекол дека се и негативни). Пошироката филмска публика можеби и не успеала докрај да ја препознае неспорната генијалност на авторот, која, ако ништо друго, доведе до создавање дело што во никој случај не може да се каже дека е шаблонизирано филмско дело што се вклопува во стандардните филмски калапи.
Искуството што ни го нуди Жак Одиар зрачи со убавина и зрелост на кадрите, како и сценарио што е достојно за еден голем мајстор. Неговите потези се хируршки остри, провокативни и пред сѐ невообичаени за жанрот што самоуверено го инспирира. Музичките и танцовите партитури се целосно функционални и се вклопуваат во амбиентот и егзотичноста на целата приказна, па гледањето дава чувство на апсолутно уникатно филмско искуство. Заедно со гореспоменатото женско актерско дуо се истакна и Селена Гомез, како сопруга на поранешен наркобос, сега прераспоредена како активистка за човекови права. Таа тројка може да ги „закрпи“ и евентуалните мали падови во доследноста на сценариото, при што неговиот екстравагантен изглед целосно ги оправдува значењето и постоењето на едно такво филмско дело.