Тони Димитров

Дистoписки визии: „Сојлент Грин“ (1973)

  • Во следните изданија на „Кинонома“ ќе објавуваме ревија на филмски критики, со наслов „Дистописки визии“, посветена на филмови со дистописка содржина, напишани од филмскиот обожавател Тони Димитров, директор на Културно-информативниот центар – Скопје

Оние што ме познаваат знаат дека дистопијата (или негативната утопија) како литературен жанр и филозофски податлива социјална критика не беше само моја лична пасија туку и академска и уметничка преокупација. Во Автономно културно социјалниот центар (АКСЦ) го организирав и филмскиот серијал „Дистописки визии“, каде што ги прикажував филмските адаптации на дистописките романи, проследени со дискусија, со цел популаризација на овој тогаш не толку популарен жанр. Во тоа време (сѐ уште) се третираше како поджанр на научната фантастика и како мрачна визија за иднината која можеби ќе се оствари некогаш, не беше податлива за масите, туку само за избраните СФ-сладокусци. Но, во меѓувреме, тие визии или предвидувања, по неколку декади откако биле напишани (или снимени) се остварија и станаа реалност. Па, тој жанр од социјална критика или антиципација за иднината, се претвори во наша стварност, а со тоа доби на актуелност и масовна популаризација.
Од познатите филмски адаптации, еден многу карактеристичен пример остана неприкажан (иако овој пат не се работи за адаптација на роман) на серијалот „Дистописки визии“, но е една од најсериозните антиципации во кои денес веќе буквално живееме. Го гледав уште во раното детство, но толку јасно ми остана врежан со своите реалистични слики, подоцна пополека опсервирајќи го неговото остварување.
Се работи за „Сојлент Грин“ („Soylent Green“), кој не е само филм од 1970-тите туку и предупредување од минатото, кое денес звучи како дневник од нашата сегашност. Дистописка приказна за Њујорк од 2022 година (значи веќе во нашето минато), во која светот е пренаселен, климата уништена, храната не постои (барем на толпата), а луѓето живеат во смрдливи бетонски градови. Филмот тогаш дејствувал како фантазија на песимистички писател на дистопии, но денес изгледа како наше секојдневие.
Режисерот Ричард Флејшер со студена прецизност го претставува крајот на цивилизацијата, но не со конфликти, туку со систематска деградација. Атмосферата е безбојна како резултат на загаденоста, а човештвото претворено во толпа што чека ред за дневната доза од индустриската храна што ја нарекуваат „Сојлент Грин“. Иронично е колку добро е погоден концептот на масовна манипулација и корпоративна апатија, која денес ја имаме во облик на реклами, лажни вести, маркетинг и климатски манипулации, што продава „одржливост“ додека ја задушува планетата.
Во 2022 година човештвото живее со последиците од сопствената негрижа: пренаселеност, загадување и очигледна климатска катастрофа што довела до драматични, глобални недостатоци од храна, вода и простор за живеење. Њујорк е претворен во мравјалник со 40 милиони жители (податоци со кои и почнува филмот), град во кој само најбогатите можат да си дозволат нешто што некогаш се сметаше за нормално како чиста вода, природна храна и пристојни станови. Но привилегијата не застанува тука: домовите на елитата вклучуваат и „мебел“ т.е. жени третирани како предмети, своевидни робинки што се дел од луксузната понуда.
Во таа дистописка реалност живее и полицискиот детектив Френк Торн, човек што се обидува да одржи ред во град што одамна го изгубил моралот. Негов најблизок пријател е Сол Рот, стар, мудар аналитичар или „Книга“, кој сè уште се сеќава на светот каков што бил: со животни, вистинска храна и знаење што не било забрането или искривено. Рот чува мала библиотека од заборавени референци, како потсетник на некогашната нормалност.
Кога Торн ќе добие задача да го истражи убиството на моќниот Вилијам Р. Сајмонсон, станува јасно дека тоа не е обичен случај. Сајмонсон бил не само ликвидиран туку и член на управниот одбор на корпорацијата „Сојлент индастрис“, компанија што го контролира најважното нешто во овој свет: храната. И токму таму започнува приказната што го разоткрива мрачниот механизам на системот.

Чарлтон Хестон како детективот Торн е последниот остаток од нешто што некогаш личело на морал. Неговото откритие дека „Сојлент Грин се луѓе“ не е само шокантен пресврт туку и крик против систем што веќе одамна ја проголтал човечноста. Таа реплика, иако иконична, денес звучи повеќе како симболична реалност: ние веќе се храниме со себе, со нашите ресурси, нашата приватност, нашата етика.
Филмот е груб, бавен и непријатен (како што треба да биде секоја добра дистопија). Нема ефекти (освен недостигот од боја во масовните кадри), нема спас и нема утеха. Само огледало во кое гледаме колку сме блиску до истата судбина, но сѐ уште премногу комотни за да се потресеме или ја прифатиме.
Режисерот Ричард Флејшер не ни продава акција или визуелен спектакл. Ова е валкана, бавна и депресивна дистопија, каква што е и реалноста. Камерата мириса на пот, бетон и безнадежност. Луѓето живеат по скали, спијат на подови и се тепаат за малку сенка и нешто што личи на храна. А храната? „Сојлент Грин“, магичниот производ на корпорацијата што „ја храни“ планетата. Иронијата е што токму тие корпорации први ја јадат планетата.
Детективот Торн изгледа како последниот човек што уште не се откажал да биде човек. Кога ќе открие што навистина се крие зад „Сојлент Грин“, филмот не оди на шок-фактор, туку на удар во желудникот. Репликата „Сојлент Грин се луѓе!“ денес звучи како метафора, ама ужасно точна: ние веќе се „храниме“ со сопствената човечност преку евтина содржина, потрошувачка култура и систем што нè гмечи за профит.
Има филмови што стареат убаво и има филмови што стареат реално. „Сојлент Грин“ спаѓа во втората категорија. Овој филм е од времето кога Холивуд сè уште имал муда да биде песимистичен. И можеби баш затоа денес изгледа толку автентично. А ако му дадете уште две-три декади, ќе сфатите што сакал да ви каже уште во 73-тата.
„Сојлент Грин“ е ретка дистопија што не ја предвидува иднината, туку ја документира сегашноста, само снимена 50 години порано.