Топ листа на „Кинонома“
Има ли подобар начин за прославување на Денот на вљубените од гледање романтичен филм со својата сакана личност? Удобно сместени на каучот, со омилената храна и чашка добро вино, сѐ што ви треба е само добар филм за романтична атмосфера. Доколку го барате совршениот филм за таа пригода, „Кинонома“ ви претставува топ листа на девет најдобри филма на кои можеби би требало (но можеби и не) да им дадете шанса. Во оваа листа има филмови што ќе го зацврстат односот со вашиот партнер, но може да предизвикаат и чувство на сомнеж, тага и меланхолија. Како и да е, бидете сигурни дека овие девет филма нема да ве остават рамнодушни.
9. (500) Денови на летото (2009)
Откако е отфрлен од девојката за која верува дека е негова сродна душа, безнадежниот романтичар Том Хансен размислува за нивната врска, за да се обиде да открие каде работите тргнале наопаку и како може да ја врати назад. Но тогаш ја среќава симпатичната Самер и работите тргнуваат на подобро. Но дали оваа приказна ќе има среќен крај? Оваа прекрасна романтична комедија/драма со Зои Дешанел и Џозеф Гордон-Левит ќе ги стопи вашите срца.
8. Минати животи (2023)
Филмот деби на режисерката Селин Сонг е мек, отмен и софистициран, но неговиот ненадеен силен удар врз вашите сетила ќе остави длабока лузна. Тој со своето дејство доаѓа тивко, нечујно и ненаметливо, но како гром од ведро небо ве нокаутира со својата едноставност, но и со својата елеганција и раскош во исто време. Тој со својата моќна приказна за луѓето што не се сигурни за своето место под сонцето ги остава гледачите со скршени срца. Приказна за двајца што несомнено се совршени еден за друг, но животот и светот во кој се наоѓаат има други планови за нив.
Ова е патувачки филм. Тој патува низ неколку декади, низ два континента и три држави, но сепак останува цврсто врзан за минатото на главните ликови и нивната приказна.
7. Крамер против Крамер (1979)
Тед Крамер е човек од кариера за кого неговата работа е пред неговото семејство. Неговата сопруга Јоана повеќе не може да го поднесе тоа, па решава да го остави. Тед сега е соочен со задачите да се грижи за себе и за нивниот млад син Били. Кога ќе научи да го приспособи својот живот на овие нови обврски, Џоана повторно излегува на површина и сака да го врати нејзиниот син. Тед, сепак, одбива да се откаже од него, па одат на суд да се борат за неговото старателство. Оваа безвременска драма на Роберт Бентот беше номинирана за пет „оскари“, од кои освои три. Дастин Хофман и Мерил Стрип, кои беа водечки улоги, го добија главните награди за најдобра машка и женска улога.
6. Поблиску (2004)
Срцепарателната романтична драма со наслов „Поблиску“ на режисерот Мајк Николс дефинитивно никого нема да остави рамнодушен. Паметниот но неефикасен новинар Ден не може да се одлучи помеѓу неговата девојка, слатката но флертувачка келнерка Алис, или неговата љубовница, ладната но интелектуална фотографка Ана. Неговата неодлучност го доведува до проблеми, кои, освен него, ќе втурнат и други ликови во неговиот љубовен многуаголник. Филмот ги става четирите водечки лика во кутија и потоа ги раздвојува, играјќи си со нивните судбини.
5. Сината е најтоплата боја (2013)
Овој филм е убедливо една од најромантичните, најдраматични и најемотивни љубовни драми на сите времиња. Оваа драма за созревањето на режисерот Абделатиф Кечиче, кој во главните улоги ги става двете млади девојки Ема и Адел, кои ги толкуваат неодоливите Леа Сејду и Адел Егзархопулос, е дефинитивно еден од филмовите што и покрај тажните и депресивни моменти, ќе посакате никогаш да не заврши. Оваа трогателна љубовна приказна помеѓу две млади девојки што се обидуваат да се пронајдат себеси во љубовниот универзум е вистинскиот предлог доколку сакате добро да се исплачете.
4. Исчезната девојка (2014)
По повод петгодишнината од бракот, Ник Дан известува дека неговата сопруга Ејми исчезнала. Под притисок на полицијата и растечкото медиумско лудило, портретот на Ник за успешен човек почнува да се распаѓа. Наскоро по неговите лаги, измами и чудно однесување сите го поставуваат истото темно прашање: Дали Ник Дан ја убил својата сопруга?
Овој еротски трилер на легендарниот режисер Дејвид Финчер, со Бен Афлек и Розамунд Пике во главните улоги, е еден од најнагардуваните филмови на оваа листа. Овој филм беше номиниран за „оскар“, а покрај таа номинација доби и голем број награди низ светските филмски фестивали.
„Исчезната девојка“ котира на 193-то место на вечната листа на најдобри филмови на филмскиот портал „Имдб“.
3. Студена војна (2018)
Оваа „студена“ љубовна драма на полскиот режисер Павел Павликовски, кој имаше голем успех со неговиот претходен хит, филмот „Ида“, кој беше награден со „оскар“, е страсна љубовна приказна помеѓу двајца луѓе со различно потекло и темпераменти, кои судбински се неусогласени, а сепак осудени еден на друг. Сместен во заднината на Студената војна во 1950-тите во Полска, Берлин, Југославија и Париз, филмот прикажува невозможна љубовна приказна во невозможни времиња. Неговата црно-бела естетика е совршена за поттикнување на романтичните чувства.
2. Најлошата личност во светот (2022)
Оваа романтична драма на познатиот норвешки режисер Јоаким Трир беше меѓу најнаградуваните филмови во 2022 година. Меѓу многубројните номинации („оскар“, „бафта“, „златна палма“), овој филм ја доби и наградата „сребрена камера“ на интернационалните филмски фестивал „Браќа Манаки“.
„Најлошата личност во светот“ е модерна драма за потрагата по љубов и современиот живот во Осло. Тој раскажува четири години од животот на Џули, млада жена што се движи низ немирните води на нејзиниот љубовен живот и се бори да го пронајде својот пат во кариерата, што ја наведува да погледне реалистично која е таа навистина.
Овој филм е вистинско ремек-дело на Трир.
1. Вечното сјаење на беспрекорниот ум (2004)
Оваа безвременска надреалистична мрачна комедија на легендарниот Мајкл Гондри е безвременска. Не постои момент или пригода во која овој филм не би бил прикладен да се погледне.
Џоел Бариш (Џим Кери) е шокиран кога открива дека љубовта на неговиот живот, светкавата Клементина (Кејт Винслет), го избришала од нејзиното сеќавање. Како резултат на тоа, повреден и лут, Џоел сака да ѝ врати со иста мера, оди дотаму што ќе помине низ безболна, но сложена медицинска процедура за да го стори истото. Но дали тој навистина го сака тоа?
Овој исклучително забавен филм, добитник на „оскар“, кој е на 95-то место на „Имдб“, ќе ве однесе низ незаборавна надреалистична авантура преку сеќавањата на Џоел.