Рецензија на „Новата година што никогаш не дојде“ на романскиот режисер Богдан Мурешану, од 2024 година
Филмовите со историско-фактографска содржина често знаат да бидат здодевни за филмската публика. Имајќи го предвид фактот дека овие филмови се небаре документарци што не можат да побегнат премногу од својата зацртана приказна, познатиот крај на филмот го затвора кругот на имагинацијата. Остануваат само оние финеси и пикантерии што историјата не ги дознала или е работа на режисерот сам да додаде елементи поврзани за настанот или личноста што е обработена во одреден филм.
Па оттука, често се поставува прашањето, дали еден филм што има познат крај може да биде интересен? Одговорот, секако, е потврден. А во прилог на тоа оди фактот дека постојат филмови што и покрај познатата приказна, сепак успеваат да се насочат кон друг аспект и да ни понудат поглед од некоја друга гледна точка, за нас непозната и возбудлива страна на дејството.
Станува збор за еден таков филм, во кој романскиот режисер Богдан Мурешану ни ги оживува последните два дена од владеењето на Николае Чаушеску, кој владееше со Романија во нејзината социјалистичка ера. Период што историјата многупати го има проучувано и кој често служи како пример за тоа како една тоталитарна власт го завршува своето владеење. Бруталниот режим и цврстата рака со која Чаушеску владееше со Романија, потпомогнат од неговата сопруга Елена Чаушеску, во периодот од 1965, па сѐ до 1989 година, кога во Источна Европа се случи домино-ефект во кој социјализмот доживеа целосен колапс. Покрај падот на Берлинскиот ѕид и колапсот на Советскиот Сојуз, смртта на оваа брачна двојка, која немилосрдно командуваше со романскиот народ, е еден од најшокантните настани што историјата можела да ги посведочи до денес.
Николае Чаушеску и неговата сопруга Елена Чаушеску дојдоа на власт по завршувањето на Втората светска војна, кога Романија под политичко влијание на Советскиот Сојуз инсталираше комунистичка власт во државата, која траеше до нејзиниот колапс. Тоа беше последица на Романската револуција, односно периодот на насилни граѓански немири се одвиваше во текот на декември 1989 година, како дел од револуциите од 1989 година што се случија во неколку земји низ целиот свет, првенствено во рамките на Источниот блок. Романската револуција започна во градот Темишвар и наскоро се прошири низ целата земја, на крајот кулминирајќи со судењето и погубувањето на долгогодишниот генерален секретар на Романската комунистичка партија, Николае Чаушеску, и неговата сопруга Елена, и така беше означен крајот на 42-годишното комунистичко владеење во Романија. Тоа беше и последното отстранување на марксистичко-ленинистичка влада во земја од Варшавскиот пакт за време на настаните од 1989 година и единствената што насилно го собори раководството на земјата и го погуби нејзиниот водач.
Според процените, во овој период на граѓанска војна, над илјада луѓе загинаа, а илјадници други беа повредени.
Овој настан беше инспирација и предизвик за многу романски, но и светски филмски, драмски, па и театарски режисери. Оттука се изродија голем број дела во кои, од различна перспектива, се прикажува Романската револуција, нудејќи различни аспекти и гледишта. Некои значајни примери се „Автобиографијата на Николае Чаушеску“, документарец што користи архивски снимки за да го истражи имиџот на диктаторот. Впрочем, „12:08 Источно од Букурешт“ хумористично го испитува наследството на револуцијата во еден мал град, доведувајќи го во прашање неговото значење. „Хартијата ќе биде сина“ се фокусира на искуствата на една милициска единица за време на бурните ноќи на револуцијата. Други филмови како „Начинот на кој го поминав крајот на светот“ го истражуваат поширокиот контекст на животот во комунистичка Романија и периодот пред револуцијата.
„Новата година што никогаш не дојде“ е дебитантски филм на режисерот Богдан Мурешану, кој пред овој проект работеше на четири кратки филма и на еден документарец. Овој негов првенец, за кој многумина ќе посочат дека го изиграл на сигурна карта, имајќи предвид дека Романската револуција е веќе истражена тема и нема многу простор за дополнителни маневри, сепак нуди едно уникатно доживување за последните денови од владеењето на диктаторот, кое освен на оние филмски фанови што се љубители на историско-политичките филмови, со својата режисерска умешност нуди спектар на задоволства и за оние што сакаат да погледнат нешто поразлично.
„Новата година што никогаш не дојде“ раскажува приказни од последните два дена од падот на режимот. Солиден, зрел, емотивен филм и лекција по историја за оние Романци што не го знаат или го заборавиле минатото на комунистичката диктатура. Голема гордост и признание за Мурешану е фактот што голем број романски филмски критичари веќе го сместија овој филм рамо до рамо со еден од најзначајните филмови во романската кинематографија, филмот „Реконституција“ на Лучијан Пинтилие од 1970 година. Овој филм на режисерот Пинтилие, читателите на „Кинонома“ имаа можност да го запознаат преку рецензија што излезе на 27 јуни годинава.
Дејствието на оваа историско-политичка драма се одвива на 20 и 21 декември 1989 година, на крајот од периодот на комунистичката диктатура. Ликовите во филмот, како и повеќето од оние што живееле во тие времиња, немаат ниту чувство ниту надеж дека ќе ја доживеат промената што зачудувачки брзо ќе се случи, падот на комунизмот што веќе се случи речиси во сите земји од Источна Европа. Дури и кога странските радиостаници ги најавуваат протестите што започнаа во Темишвар, ништо не се помрднува во Букурешт.
Тајната полиција на Секуритате изгледа семоќна, пропагандната машина е во полн ек, животот полн со недостиг и доминиран од страв продолжува. Офицер на Секуритате ги манипулира своите информатори, кои ги надгледуваат животите на студентите и интелектуалците. Дури и неговата мајка, под негова надлежност треба да биде избркана од родната куќата во која живеела целиот свој живот, која ќе биде срушена за да се направи место за грандиозни згради во новиот центар на градот. Телевизиска екипа мора итно да го промени филмот за почит кон диктатурата закажан за Нова година, во кој во преден план се појавува актерка што избегала на Запад, во ситуација што потсетува на колекцијата кратки филмови „Спомени од златната доба“ на Мунгиу. Заменската актерка има криза на совеста кога е принудена да учествува во претставата. Едно семејство влегува во криза откако дознава дека нивното осумгодишно момче во писмо до комунистичката верзија на Дедо Мраз побарало да го види чичко Нику мртов, „затоа што тато го сака тоа“. Синот на телевизискиот режисер планира да избега од земјата со пријател преку Дунав, границата со Југославија. Во музиката на „Болеро“ на Равел, наративните рамнини се менуваат, тензијата расте, точката на вриење се приближува до својата кулминација. Како неискусниот режисер Мурешану ќе се справи со овој познат, но епски крај и дали ќе успее достојно да ја илустрира оваа вистинска трагедија, но и голема победа на сопствениот народ?
На почетокот, гледачот може малку да биде збунет од мноштвото ликови и ситуации, но доста брзо заедничкиот именител (страв, надеж потисната во борба со резигнација, долго потиснат гнев) и врските меѓу ликовите стануваат јасни. За оние што живееле низ таа ера, поставките и кинематографскиот стил создаваат чувство на потопување во минатото. Сите актери се импресивни, но не можам, а да не споменам три имиња: Јулијан Постелнику (кој го игра младиот висок чиновник на Секуритате), Адриан Ванчица (младото момче што и покрај својата младост одигра фантастично) и Николета Ханку, во улогата на актерката Флорина, која требаше да го изигра дублерот на пребегнатата актерка. Реконструкцијата на тие последни денови и часови од диктатурата е импресивна, со само една голема мана поврзана со последната сцена, онаа од митингот на плоштадот „Палас“, каде што фиктивната интервенција во клучниот детаљ од почетокот на протестот што ја промени историјата остава простор за ревизионистичко толкување. Романската кинематографија се враќа, постојано, веќе 35 години, на последните години од диктатурата, па дури и на деновите кога судбината на Романија се промени. Неколку од филмовите што произлегоа од тоа беа незаборавни. „Новата година што никогаш не дојде“ е извонредно дело, кое се додава на оваа листа во време кога политички мотивираниот ревизионизам ја поттикнува псевдоносталгијата на оние што ја заборавиле или не ја познавале диктатурата.
„Новата година што никогаш не дојде“ и од филмски, но и од историско-политички аспект е еден од најдобрите филмови за минатата година, кој сепак, за жал, не го доби заслуженото внимание од филмската јавност.