За разлика од претходниот филм на Фон Хорн, „Пот“, неговиот најнов филм насловен „Девојката со иглата“, кој е инспириран од вистинска приказна, е своевидно морничаво шоу реализирано со огромен технички талент и многу потсетува на филмови како, на пример, „Свини Тод“, потоа на дел од иконографијата од филмовите на Лaрс фон Трир, но најблизу по својата естетика е до ремек-делата на Дејвид Линч („Ерејсерхед“ и „Човекот слон“) и на Михаел Ханеке („Белата панделка“)
Рецензија на филмот „Девојката со иглата“ на шведскиот режисер Магнус фон Хорн
Доколку насловот на овој филм ве носи во заблуда, прво нешто што би требало да знаете на почетокот е дека „Девојката со иглата“ не е филм за млада шивачка од времето на Втората светска војна и дека ова не е филм врзан историски за тој период, иако многу работи можат да ве наведат на такво мислење. „Девојката со иглата“ на шведскиот режисер Магнус фон Хорн е историска драма, но со примеси на хорор.
Ова е трет долгометражен филм на шведскиот режисер, по наградените „Пот“ (2020) и „Ефтерскалв“ (2015).
По „Пот“ во 2020 година, кој може да се каже дека помина помалку неоправдано незабележан од филмската публика, овој пат Магнус фон Хорн се враќа со еден стилски црно-бел филм, снимен во експресионистички монохроматски стил, кој и покрај неговата смиреност, во себе носи висок интензитет на возбуда. Тоа беше доволно „Девојката со иглата“ да се најде на огромен број списоци за номинации низ многу светски филмски фестивали, меѓу кои и најпрестижните, номинација за „оскар“ за најдобар интернационален филм, номинација за „златна палма“ на „Канскиот фестивал“, како и номинации за „златните глобуси“.
За разлика од претходниот филм на Фон Хорн, „Пот“, неговиот најнов филм насловен „Девојката со иглата“, кој е инспириран од вистинска приказна, е своевидно морничаво шоу реализирано со огромен технички талент и многу потсетува на филмови како, на пример, „Свини Тод“, потоа на дел од иконографијата од филмовите на Ларс фон Трир, но најблизу по својата естетика е до ремек-делата на Дејвид Линч („Ерејсерхед“ и „Човекот слон“) и на Михаел Ханеле („Белата панделка“).
Дејството е сместено во времето на Првата светска војна, во 1921 година, во главниот град на Данска, Копенхаген, (Данска официјално не учествува во војната). Жените се толку многу ниско во класната хиерархија што се сметаат за „алатки“ за една употреба. Во тие тешки времиња за човештвото, идејата за масовни убиства е сведена до ниво на нејзино нормализирање.
Каролина (ја толкува импресивната Вик Кармен Соне) е работничка (шивачка) во фабрика во Копенхаген. Многу мажи се на фронтот, а од нејзиниот сопруг нема вести веќе една година, па Каролина претпоставува дека тој е мртов. Живее во сиромаштија, талкајќи по тесни соби, но и покрај тоа, му паѓа во очи на богатиот сопственик на фабрика, кој и самиот има телесен инвалидитет. Таа има страсна врска со него, а тој ѝ нуди да се омажи штом ќе забремени. Се чини дека животот на Каролина конечно тргнува по добрата патека. Но одеднаш се појавува неговата жестока мајка, кралска бароница, која нема да дозволи мешање на двете општествени класи. Во нејзиниот очај, Каролина се обидува брутално да ја прекине својата бременост во бањата и тука се случува судбоносната средба со мистериозната жена Дагмар, сопственичка на продавница за слатки, која, освен слатките, исто така продава деца што се оставени кај неа, од родители што сакаат да се ослободат од нив.
Концептот на „Девојката со иглата“ е нешто невообичаено кога станува збор за скандинавска драма. Овој филм како да е составен од два филма. Така, првиот час сме сведоци на тешката животна драма на Каролина, приказ на социјалната и морална безнадежност во Данска во 1919 година, зајакната со впечатлива црно-бела фотографија. Меѓутоа, во вториот дел од филмот, во вториот час, приказната станува комплицирана кога на сцената „се враќа“ Петер, загубениот сопруг во војна на младата Каролина. Неговата појава е застрашувачка. Тој носи морничава маска што го покрива неговото лице до половина. Голем дел од текот на филмот кај гледачот буди страв од тоа што крие маската. Но чувството на љубопитност се чини го победува стравот. Неговиот лик е толку уништен и наказно деформиран што неговата веќе гротескна појава може да послужи само како циркуски изрод што служи за исмевање.
Но тоа е само навидум кулминација. Филмот ја достигнува вистинската точка на вриење со воведување на ликот на средовечната негувателка Дагмар (исто така исклучително импресивната Трине Дирхолм), која уште повеќе ги комплицира случувањата. Дагмар, всушност е личност што навистина постоела и која влезе во данската историја како еден од најстрашните масовни убијци.
Ликот на Дагмар полека, но сигурно станува главен фокус на овој филм. Таа има и мало девојче, за кое не се знае дали таа му е биолошка мајка (очигледно поранешно бебе што не можеше да издржи да го „посвои“), што Каролина е принудена да го дои. Поинаков третман на ликот би можел подетално да се осврне на нејзината младост и воспитување, нејзиното сопствено теоретско искуство на суровост, сиромаштијата, злоупотребата и на начинот на кој таа постепено се впуштила во ужасната вокација. Чувството на страв и неизвесност се провлекува во текот на целиот филм.
Овој филм на Магнус фон Хорн, навидум намерно го поклопува дејството со еден временски период во кој се случува еден од најголемите светски масакри во човештвото, но интересно е што тој успева да го скрие тој настан од фокусот на гледачите, а на сметка на тоа да го исфрли во прв план овој настан, кој по својата тежина не е ни малку помрачен и погрозоморен. Сторијата за бруталното масовно убиство на бебиња е веројатно најужасниот криминален настан во Данска на сите времиња и, како таков, исто така би претставувал важен сведок на човековата брутална историја на масакри.
„Девојката со иглата“ не е лесен филм. Тој изобилува со мошне брутални сцени на насилства и самоповредување, кои може да го шокираат гледачот. Овој филм е слика за експлоатација на уметнички дела со фантастична глума и навистина пеколна тема. Одлуката на Ван Хорн да го подели драматичниот фокус меѓу вистинскиот сериски убиец и детално измислената жена (Каролин), која е една од нејзините клиенти и жртви, е храбар изум, но малку ги намалува драматичното присуство и влијанието на убиецот.