Снимањето на „Црното куче“ е сместено во многу важно време за Кина, време на урбанизација, модернизација и големи промени. Во време кога Кина економски, политички и културно маршира напред. И овој мал град е дел од тој процес. Повеќето од неговите жители побегнаа оставајќи ги зад себе своите кучиња, кои сега слободно шетаат по улиците и по пустинските ридови. Во зоолошката градина снема пари за одржување на животните, па и тие се ослободени во пустината. Се урива старото за да се отвори место за новото, што е паметна паралела со крајот на филмот, каде што црното куче умира, но зад себе остава нова генерација црни кученца

Рецензија на филмот „Црното куче“ на кинескиот режисер Гуан Ху

Филмот „Црно куче“ на кинескиот режисер Гуан Ху е освојувач на наградата „сертен регард“ на изминатиот филмски фестивал во Кан. Оваа награда им се доделува на филмови што бараат меѓународно признание, кои се со необични стилови и нетрадиционални приказни. Наградата „сертен регард“ е дел од официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал. Се одржува во Сал Дебиси, паралелно со натпреварот за „златната палма“. Овој дел беше воведен во 1978 година од Жил Џејкоб, а истата награда досега ја имаат добиено филмови како што се „Смртта на господин Лазареску“, „По Лусиа“, „Тулпан“, „Песјак“, „Како да се има секс“ итн.
Покрај многуте награди и признанија што ги доби минатата година, „Црно куче“ беше дел и од најреномираниот македонски филмски фестивал „Браќа Манаки“, каде што беше номиниран за „златна камера 300“.
Станува збор за сурова драма, која е неверојатно убаво истражување на човечката отпорност и сложеноста на моралот. Режиран со извонредна суптилност, филмот маестрално ја спојува психолошката длабочина со поетското раскажување, создавајќи искуство што се задржува долго по неговиот крај.
Силата на „Црното куче“ лежи во неговите ликови. Секој од нив е богато портретиран, со мотивации и борби што се длабоко автентични. Патувањето на главниот лик е прикажано со таква сурова ранливост што е невозможно да не се соживеете со него, дури и кога неговите одлуки скршнуваат на морално двосмислена територија. Актерската екипа дополнително го подигнува наративот, давајќи изведби што се длабоко влијателни.
Во своето јадро, „Црното куче“ е медитација за опстанокот и борбата за живот. Ги предизвикува гледачите да се соочат со непријатните вистини за човечката природа, притоа нудејќи трошка надеж среде темнината.

Минибус се упатува кон мало пусто гратче на работ на пустината Гоби. Глутница кучиња скитници тргнува кон него, плашејќи го возачот и превртувајќи го минибусот. Од него излегува Ланг, поранешен осуденик, кој порано бил популарен мотоциклист каскадер, а сега се враќа во својот град по 10 години затвор за убиство на внук на локалниот гангстер.
Ланг (Еди Пенг) се вработува во патрола што лови кучиња и ја чисти пустината Гоби пред Олимпијадата во 2008 година. Тој посвојува едно од кучињата и така започнува нивното заедничко патешествие. Неговиот татко, кој е алкохоличар, ги расчистува остатоците од зоолошката градина што наскоро треба да се урне, а локалниот „шериф“ Бачер Ху бара одмазда во вид на парична казна за својот мртов внук.
Поетски „Црното куче“ е минималистички филм за исцелување и надеж, прикажан преку пријателство што создава духовна врска помеѓу човекот и кучето – Ланг и злогласното слабо црно куче, кое го тероризирало градот и за кое се шпекулира дека носи беснило. Црното куче оди наоколу бранејќи ја својата територија, мочајќи по ѕидови и напаѓајќи луѓе, по што сите се ангажирани да го фатат.
„Црното куче“ е приказна за двајца осамени скитници затворени во кафез од свет што не ги разбира. Две изгубени души отуѓени од општеството околу нив. Две црни овци што не се вклопуваат. Ланг е маргинализиран поради своето минато како „убиец“, а црното куче е исто така отуѓено меѓу другите скитници затоа што е најголемо, најсилно, најбрзо и најагресивно од сите кучиња. Една од главните пораки на Гуан Ху во „Црното куче“ е дека ниту едно животно не е зло. Луѓето можат да бидат, но кучињата не можат. Кучињата скитници се насилни затоа што се во постојан страв, обидувајќи се да преживеат во средина што се развива каде што не им е местото. Ланг и кучето имаат многу сличности што потсетуваат на скитник. Тој не е како другите. Тој е молчелив и кажува само неколку збора во целиот филм бидејќи е многу тивок и интровертен. Како и неговото куче, тој се обидува да го врати назад својот живот во град што е во процес на модернизација. По неговото време во затвор, Ланг се менува, а исто така и градот и луѓето што некогаш ги познавал. Затоа Ланг и црното куче се толку совршени еден за друг и веднаш се поврзуваат. Обајцата се обидуваат само да преживеат во свет што повеќе не го знаат, свет што повеќе не ги сака.

Снимањето на „Црното куче“ е сместено во многу важно време за Кина, време на урбанизација, модернизација и големи промени. Во време кога Кина економски, политички и културно маршира напред. И овој мал град е дел од тој процес. Повеќето од неговите жители побегнаа оставајќи ги зад себе своите кучиња, кои сега слободно шетаат по улиците и по пустинските ридови. Во зоолошката градина снема пари за одржување на животните, па и тие се ослободени во пустината. Се урива старото за да се отвори место за новото, што е паметна паралела со крајот на филмот, каде што црното куче умира, но зад себе остава нова генерација црни кученца. Кинематографијата на овој филм е прекрасна, при што Гуан Ху го усвои новиот кинески стил на Би Ган, насловен како „бавно кино“, кој по својот сензибилитет е близок со европската кинематографија. Долги, панорамски снимки од прекрасни пејзажи, тивки сцени од возење со мотор и бавни прошетки низ правливи патишта и пусти рурални села, сето тоа се дополнети со атмосфера на осаменост.
Визуелно, филмот е ремек-дело. Кинематографијата ги доловува и острината и убавината на поставките, користејќи светлина и сенка за да предизвика атмосфера на напнатост и меланхолија многу слична на онаа во сликите на познатиот сликар на магичен реализам Џорџо де Чирико. Употребата на симболиката е суптилна, но моќна, додавајќи слоеви на значење без да се чувствува принудено или претенциозно.
Темпото е бавно, но никогаш досадно, што дозволува приказната да се одвива органски. Овој одмерен пристап го зголемува емоционалното влијание, вовлекувајќи ја публиката подлабоко во светот на ликовите.
Саундтракот на „Пинк флојд“ дава одредена носталгија на релаксирачките слики на Гуан Ху, а актерските изведби се апсолутно ѕвездени, човечки и животински еднакво, од Еди Пенг до црното куче по име Ксијао Ксин и величествениот тигар. Фактот што Еди Пенг разви толку силна врска со Ксијао Ксин додека го снимал овој филм, се чувствува силно и е прекрасна реална илустрација на пораката на овој прекрасен филм. Меланхолично и медитативно патување за наоѓање на вашето место во светот преку пријателство и искрена почит на најдобриот пријател на човекот, „Црното куче“ е едноставно еден од најдобрите филмови на годината и доказ дека кинеското уметничко кино е сè подобро и во тек со најсовремените светски филмски тенденции.