Деми Мур блесна во полн сјај / Фото: ЕПА

Заврши 82-то доделување на „Златните глобуси“

Најголемите холивудски ѕвезди се собраа за официјалниот почеток на сезоната на награди на 82-то доделување на „златните глобуси“ во неделата навечер, во чест на големите достигнувања на телевизијата и на филмот.
Тоа беше ноќ на големи победи, некои очекувани, некои неочекувани. Со сосема нов домаќин, а меѓу домаќините на ова шоу имаше и многу други незаборавни водителски комбинации. Ѕвездите како Тимоти Шаламе, Мелиса Мекарти, Дакота Фенинг, Зендаја и Елтон Џон уште еднаш ја докажаа својата извонредна класа. Вин Дизел дури и го поздрави Двејн Џонсон, а една од најинтересните интерпретации на сцена беше онаа на двете ѕвезди од мегахитот „Супстанцијата“, Деми Мур и Маргарет Квали, кои имаа незаборавен перформанс најавувајќи ја наградата за најдобар машки актер во ТВ-серија.
Ново лице ја красеше сцената во неделата на доделувањето на „златните глобуси“ во 2025 година, а водителка за првпат беше актерката Ники Глејзер, која имаше тешка работа да го води ова реномирано шоу пред милиони обожаватели, кои го следеа во живо или пред малите екрани, забавувајќи се додека Холивуд го прославува најдоброто од филмските остварувања за минатата година.
На Глејзер ѝ беше доделена честа да го води ова шоу во неделата навечер. Таа беше првата соло-жена водителка на „Златните глобуси“.
Која е всушност Ники Глејзер? За неа многу малку знаевме пред нејзиното појавување на церемонијата. Родена во Охајо, Глејзер, иако четириесетгодишна, помина низ многу предизвици во својата кариера. Првенствено, таа е стендап-комичарка, која исто така имаше успех како актерка, поткастерка, радио и телевизиска водителка.
Таа започна да изведува стендап-комедии на 18-годишна возраст. Позната е по брутално искрениот, комичен, но и жесток стил.
Покрај настапите во доцните вечерни емисии, Глејзер беше домаќинка на шоуто „Небезбедно со Ники Глејзер“, комедија и шоу што има фокус на сексот.
Таа, исто така, беше ѕвезда на реалното шоу од 2022 година „Добре дојдовте дома со Ники Глејзер“ и ги водеше реалните ТВ-емисии за состаноци „Состанок на слепо“, „Островот ФБој“ и неговиот спиноф „Љубовници и лажговци“.
Таа имаше повеќе незабележителни актерски улоги во комичните филмови.
Еден од најинтересните моменти на годинашното издание на „Златните глобуси“ беше триумфалното враќање на Деми Мур, освојувајќи награда за најдобра женска улога за улогата во телесниот хорор „Супстанцијата“, што ја ревитализираше нејзината кариера и ги подгреа нејзините надежи за конечно освојување „оскар“.
Мур, која има 62 години, одржа страстен говор кога ја подигна својата награда, велејќи ѝ на публиката дека била „на висок старт“ пред да добие улога во својот последен филм.
Таа рече дека наградата што ја добила е прослава на дарот што ѝ е даден, а тоа е да го работи тоа што го сака и дека тоа ја вратило онаму каде што всушност вистински припаѓа.

„Златните глобуси“, првата голема церемонија од сезоната на награди, се сметаат за силен показател за тоа кој ќе победи на церемонијата на доделување на „оскарите“.
Едно од поголемите изненадувања на вечерта беше бразилската актерка Фернанда Торес, која ја доби наградата за најдобра драмска актерка за фасцинантната изведба во „Сѐ уште сум овде“, во конкуренција на холивудските диви Анџелина Џоли и Никол Кидман.
За разлика од „Оскарите“, „Златните глобуси“ ги поделија повеќето од категориите на две, со една награда за драми и посебна награда за мјузикли/комедии.
Мур ја доби наградата за најдобра женска улога во мјузикл/комедија.
Мјузиклот „Емилија Перез“ и епската драма „Бруталист“, која ја доби и главната награда, доминираа меѓу наградените.
По завршувањето на 10 номинации, беше јасно дека „Златните глобуси“ ја сакаат неконвенционалната криминална драма на Нетфликс на шпански јазик прогласувајќи ja за најдобар филм – мјузикл или комедија.
Историската драма „Бруталист“ на Брејди Корбет си замина од церемонијата побогата за седум номинации и се закити со три победи, вклучувајќи и за најдобар филм – драма. Овој филм, исто така, е неконвенционален по својата огромна должина, три часа и 35 минути
И двата филма беа добро прифатени на филмските фестивали во текот на целата година, а по првото значајно шоу на награди во сезоната, тие се оние што ги однесоа главните признанија.

Другите награди ги добија:
Најдобар анимиран филм: „Страуме“. Кинодостигнување: „Зло прв дел“. Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје: „Емилија Перез“. Најдобра актерка во категоријата драма: Фернанда Торес за „Сѐ уште сум овде“. Најдобар актер во категоријата драма: Адриен Броди за филмот „Бруталист“. Најдобар актер во категоријата мјузикл – комедија: Себастијан Стен за „Поинаков човек“. Споредна женска улога: Зои Салдања за „Емилија Перез“. Споредна машка улога: Киеран Калкин за „Вистинска болка“. Режија: Брејди Корбет за „Бруталист“. Сценарио: Питер Страган за „Конклава“. Музика: Трент Резнор, Атикус Рос за „Предизвикувачи“. Песна: „El mal“ од „Емилија Перез“: Клемент Дукол, Камил, Жак Аудиар. Најдобра ТВ-серија – драма: „Шогун“. ТВ-серии – мјузикл или комедија: „Хаки“. Серија со ограничен број епизоди: „Малиот ирвас“. Актерка во драмска серија: Ана Саваи за „Шогун“. Актер во драмска серија: Хиројуки Санада за „Шогун“. Актерка во серија – мјузикл или комедија: Жан Смарт за „Хакс“. Актер во серија – мјузикл или комедија: Џереми Ален Вајт за „Мечката“. Актерка во серија со ограничен број епизоди: Џоди Фостер за „Вистински детектив“. Актер во ограничена серија: Колин Фарел за „Пингвинот“. Женска споредна улога во серија: Џесика Ганинг за „Малиот ирвас“. Споредна машка улога во серија: Таданобу Асано за „Шогун“.