• „Бруталист“ е епска драма, која во многу сегменти се разликува од сите други филмови што се појавија на филмските платна минатата година, правејќи го ова дело на режисерот Корбе едно од најмонументалните филмски дела во поновата филмска историја. Освен по својата должина (три и пол часа), која опфаќа неконвенционална рамка за еден модерен филм, „Бруталист“ е филм што наместо да се ограничи на една, тој успева да се осврне и темелно да разработи многу теми одеднаш, што, според многу филмски критичари, е реткост кога станува збор за филм. Комплексноста на ова дело и неговата тежина се можеби и еден вид оправдување за неговата нестандардна должина
  • Една ваква епска драма како што е „Бруталист“ не би била тоа што е ако актерската екипа не е на иста висина на задачата со креаторот, а мнозинството изведувачи не даваат максимален ефект. Совршениот избор на актери на моменти нѐ доведува до заблуда и искушение да помислиме дека тие се буквално извадени од тоа време. Нивната автентичност е просто зачудувачка. Аскетската, ковчеста фигура на Броди зрачи со протокубизам и брутализам како оние цртани модели на Егон Шиле, а Џонс и Кесиди се слика на дамите на Модлилјани

Филмот „Бруталист“ на режисерот Брејди Корбе беше еден од филмовите од кои се очекуваше да освојат многу награди на претстојните филмски фестивали низ светот. Оваа епска драма на Корбе без сомнение е еден од најдобрите филмови продуџирани минатата година. Овој филм беше еден од најдолгоочекуваните филмови од страна на филмските љубители. А кога конечно се појави на филмските платна, обожавателите имаа што да видат. Многу време пред неговата официјална премиера, која се случи на 20 декември минатата година, продукциската куќа „А24“ за која беше издаден овој филм, со полна пареа работеше на промоција и комерцијализација на овој филм. Резултат на сето тоа беа епските 136 победи и 340 номинации во различни категории што „Бруталист“ заслужено ги заработи низ сите филмски фестивали.
На неодамнешното доделување на „Оскарите“, овој филм освои три „оскари“ (најдобро кинематографско остварување, најдобра главна машка улога за легендарниот Адриен Броди и најдобра музика за филм, напишана од Даниел Блумберг). „Бруталист“ беше номиниран уште и за најдобра режија, најдобра споредна женска улога, најдобро оригинално сценарио, најголемо достигнување во филмска монтажа и најдобра продукција, а може да се каже дека многумина беа шокирани кога за влакно му побегна главната награда, „оскар“ за најдобар филм на годината, која можеби изненадувачки, но не и незаслужено, заврши во рацете на режисерот Шон Бејкер за неговиот филм „Анора“.
Освен на „Оскарите“, „Бруталист“ се претстави на и на голем број други значајни филмски фестивали, како на пример британските награди „бафта“, каде што доби три награди (награда за најдобар режисер за Брејди Корбе, најдобра кинематографија за Лол Кроули и оригинално дело во музиката за Даниел Блумберг) и имаше уште две номинации, меѓу кои и онаа за најдобар филм.
„Бруталист“ беше апсолутен победник на доделувањето на „златните глобуси“, каде што ја освои главната награда за најдобар филм изминатата година, како и наградите за најдобра машка главна улога (Адриен Броди) и најдобар режисер (Брејди Корбе)
„Бруталист“ на режисерот Брејди Корбе, кој во светот на филмот е многу поуспешен и попознат како актер отколку како режисер и продуцент (глумеше во филмови како што се „Мистериозна кожа“, „Смешни игри“, „Меланхолија“…), е епска драма, која во многу сегменти се разликува од сите други филмови што се појавија на филмските платна минатата година, правејќи го ова дело на режисерот Корбе едно од најмонументалните филмски дела во поновата филмска историја. Освен по својата должина (три и пол часа), која опфаќа неконвенционална рамка за еден модерен филм, „Бруталист“ е филм што наместо да се ограничи на една, тој успева да се осврне и темелно да разработи многу теми одеднаш, што, според многу филмски критичари, е реткост кога станува збор за филм. Комплексноста на ова дело и неговата тежина се можеби и еден вид оправдување за неговата нестандардна должина.

Освен поствоениот сегмент, кој е главен мотив, покрај него, но не со намалена важност, овој филм се осврнува на уште неколку комплексни теми, како на пример миграцијата на Евреите во периодот по Втората светска војна, ционизмот, архитектурата и уметноста, класните разлики, меѓучовечките односи во бизнисот во горенаведениот период, појавата на хероинот и неговата (зло)употреба, семејните односи, па дури во помала мера и кинематографијата. Зборот „амбициозност“ е можеби многу употребуван термин во модерниот филм, но овој термин е сосема оправдан во овој филм на Корбе. Оваа оригинална приказна за унгарскиот емигрант Ласло Тот и неговите предизвици по преселувањето во Америка е снимена на камерите „виста вижн“, објавена во 70 мм, и е филм што во себе носи примеси на модерен американски роман.
Покрај многуте спектакуларни улоги, се чини дека Адриен Броди ја има најдобрата улога во својата кариера. Ова е наедно и негов втор „оскар“ за најдобра машка улога по оној за филмот „Пијаност“ на режисерот Роман Полански од 2002 година. Глумејќи го архитектот Ласло Тот, кој во воведната секвенца тешко е да се каже каде всушност се наоѓа, тој е опкружен со луѓе во пренатрупан простор со какофонијата од разговори околу него (успешен резултат од работата на Даниел Блумберг). Додека се движи низ толпата, тој се турка низ вратите и, во сончевата светлина, неговото лице се озарува од среќа кога пред него се испречува Статуата на слободата, но Корбет и Лол Кроули дополнително го драматизираат моментот претставувајќи ја иконската структура свртена наопаку, на врвот на кадарот. Статуата се поместува настрана, но никогаш не е исправена. Некои критичари го толкуваат овој момент како тоа да претставува искривен симбол на американскиот сон, увертира на главната тема на филмот. Овој пролог вклучува и цитат од Гете, кој гласи: „Никој не е побезнадежно поробен од оние што лажно веруваат дека се слободни“.
Тот верува дека крајот на војната и бегството во Америка конечно ќе го направат среќен. Дека неговиот живот конечно ќе тргне по добар правец, а тој конечно ќе живее слободно, добивајќи работа во продавницата за мебел на неговиот братучед Атила (Алесандро Нивола), едноставно наречена Милер и синовите, и покрај тоа што тој не е Милер (туку Молнар) и нема синови. Како и статуата што плови низ екранот, дејството на Корбет и Фастволд запловува во теми што ќе се развиваат со текот на времето, поигрувајќи си со добрите и лошите страни на капитализмот, структура што продава удобност на семеен бизнис наместо вистинска уметност. Кога Тот дизајнира стол што ќе го стави на предниот прозорец, сопругата на Атила Одри (Ема Лерд) му вели дека изгледа како трицикл. Ова е филм што експериментира со формата, но и со наративот. Сведок за тоа како луѓето ја искористуваат уметноста и ја ценат функцијата над изразот. На крајот добиваме производ во форма на шуплив споменик или здание со добротвор што сака да направи нешто за секого, но нема своја креативна страст да ја стави во оваа празна структура.

Животот на Ласло се менува кога Хари Ли ван Бурен (Џо Алвин) доаѓа во „Милер и синовите“ за да ги ангажира да ја реконструираат библиотеката на неговиот татко Харисон додека тој е далеку од дома. Проектот пропаѓа кога Харисон (Гај Пирс) се враќа дома разбеснет, лут што неговата куќа ја распарчуваат луѓе што никогаш не ги сретнал и одбива да плати. Драмата води до емотивна одлука на Атила, кој го исфрла Ласло од неговиот дом, испраќајќи го во спирала на зависност со неговиот пријател Гордон (Изаак де Банколе). Заплетот го доживува својот врв во моментот кога Харисон се враќа со извинување. Тој го внесува Ласло во неговиот свет на снобови од високата класа, луѓе што го прикажуваат своето богатство како да има какво било значење дури и за некој што преживеал холокауст. Тие на Ласло гледаат како на предмет што можат да го поседуваат.

Харисон, кој очигледно е финансиски, но и социјален моќник од висока класа, се нуди да му помогне на Ласло да ги донесе својата сопруга Ерзебет (Фелисити Џонс) и нивната внука Зофија (Рафи Кесиди) од Европа, но тоа е увертира за она што тој навистина го сака: дизајнот на центар на заедницата што ќе служи како почит на неговата неодамна почината мајка. Тоа е место за собирање, но и место за кое тој тврди дека ќе се реинкарнира и конечно ќе најде мир духот на неговата мајка, а овој дом ќе служи како нејзин споменик. Една од клучните сцени во филмот, непосредно пред Харисон да го даде овој јавен предлог во кој го прашува Ласло зошто е архитект, а тој, со филозофска мудрост, зборува за тоа како неговите структури наводно ја преживеале војната и како ќе зборуваат со генерации по конфликтот. „Моите згради беа дизајнирани да издржат таква ерозија“, вели тој.
Харисон се обидува да го контролира Ласло од самиот почеток. Тој користи разни начини на контрола, буквално му фрла пари в лице (и потоа бара од него да му ги врати), а кулминацијата на првата половина пред паузата совршено ја поставува нивната врска. Откако му понудил правна помош за да ги оствари своите соништа на начин што сигурно ќе ги поврзе заедно, тој во основа го принудува да се всели кај него. Харисон на крајот ќе ги премине сите линии на физичка и морална праведност, јасна паралела и пластичен пример, за тоа како капитализмот ја уништува уметноста, земајќи од неа сѐ што сака и што му треба пред да ја отфрли. Остриот пресврт со кој Корбе го приведува овој филм кон крајот можеби ќе наиде на критика кај гледачите, но бруталната природа на дејството е присутна уште од самиот почеток.
Една ваква епска драма како што е „Бруталист“ не би била тоа што е ако актерската екипа не е на иста висина на задачата со креаторот, а мнозинството изведувачи не даваат максимален ефект. Совршениот избор на актери на моменти нѐ доведува до заблуда и искушение да помислиме дека тие се буквално извадени од тоа време. Нивната автентичност е просто зачудувачка. Аскетската, ковчеста фигура на Броди зрачи со протокубизам и брутализам како оние цртани модели на Егон Шиле, а Џонс и Кесиди се слика на дамите на Модлилјани.

Броди и Пирс се носечки „столбови“ во целиот филм. Изведбата на Броди е со широка експресивност, преплавени емоции од гледањето на Статуата на слободата или солзите што се тркалаат по неговото лице додека го прегрнува својот братучед, а потоа гледајќи ја таа радост како го напушта неговото лице додека светот околу него еродира. Па, оттука, наградата „оскар“ за најдобра главна машка улога е и повеќе од заслужена. Пирс совршено балансира од другата страна, играјќи го Харисон како човек со себична природа, давајќи му на филмот многу неопходен татнеж уште од неговиот прв момент и совршено доловувајќи го богатото „чудовиште“, кое го отфрла секого околу себе откако ќе го искористи.
Освен гореспоменатите филмски сегменти, „Бруталист“ е исто така и техничко чудо, особено во флуидната кинематографија на Кроли, создавајќи композиции што изгледаат прекрасно. Неговото дело е органско и убаво, а закотвено е со одличното уредување од Давид Јанчо и ефективната партитура на Даниел Блумберг. Дизајнот на звукот како целина е носечки зрак во конструкцијата на овој филм, од брмчењето на првата сцена до многуте секвенци на луѓе што работат на градилиштето.
Гледајќи го овој филм, многумина би биле затекнати од нестандардните филмски елементи со кои се служи Корбе, па веројатно би побрзале да го оквалификуваат како претенциозен. Но прашање е дали филм со ваква тежина би можел да го носи целиот свој товар доколку би траел пократко? Ваквите експерименти многумина повеќе би ги ценеле како неизвесна авантура во кинематографијата, која има повеќе да даде за филмската култура отколку да одземе.
„Бруталист“ е дело што ја инкорпорира добропознатата светска историја во две форми на изразување на 20 век, во архитектурата и филмското производство, станувајќи на тој начин критика и на капитализмот и на уметноста. И двете се суштински за приказната. И двете можат да бидат убави. И двете можат да бидат брутални.
Кога ќе се собере сѐ, со сигурност може да се заклучи дека „Бруталист“ е еден од оние епски филмови што се појавуваат можеби само еднаш годишно. Совршено стилски избалансиран, овој филм и покрај својата неконвенционална должина, претставува извонредно филмско остварување што го заслужува сечие внимание.