Затворската драма на Стивен Кинг беше големо комерцијално промашување при првото објавување во 1994 година, не успевајќи да го врати својот скромен буџет. Сега многумина го сметаат за филмско ремек-дело. Во 2004 година неговиот директор Френк Дарабонт го раскажа за Би-би-си патот на неговиот извонреден пресврт
Како драмата на Френк Дарабонт ги наполни филмските благајни
Кога за првпат пред 30 години на филмските платна се појави „Бегството од Шошенк“ на Френк Дарабонт, се чинеше дека ги има сите состојки за успешна филмска порција што ќе ги наполни благајните. Имајќи предвид дека станува збор за филм заснован на новела испишана од еден од најголемите автори во светот, Стивен Кинг, изгледаше дека сѐ е веќе подготвено за успех и дека има изградено база на обожаватели што ќе бидат заинтересирани да ја погледнат оваа приказна. Режисерот и сценарист Френк Дарабонт беше толку убеден дека приказната е толку филмска и успешна, што тој сам си ги откупил правата за да ја приспособи.
– Приказната на Стивен Кинг за мене беше толку привлечна, вистинска и трогателна што мене веќе ми изгледаше како готов филмски продукт – изјави тој за Би-би-си во 2004 година.
Новелата ја раскажува приказната за Енди Дуфрен, човек осуден за убиство на својата сопруга и нејзиниот љубовник, и како, преку неговото пријателство со друг затвореник по име Елис Бојд Рединг, тој преживува и на крајот триумфира над брутално суровите услови во затворот во Шошенк. Дарабонт ја нашол совршената локација за да го претстави безмилосниот готски затвор. Затворот во Охајо беше отворен во 1896 година и беше активен до 1990 година, кога беше затворен поради наводите за нехуман третман на затворениците. Снимањето таму ќе додаде автентично една навистина мрачна атмосфера на филмот.
– Не можете да претставите такво место без тоа место да постои. Тоа место предизвикува очај што тоне во затворскиот камен. И сите го почувствуваа тоа, сите во актерската и филмската екипа го почувствуваа тоа. Тоа беше многу грозно место за снимање филм. Луѓето би рекле дека ги чувствувате тагата и духовите на местото – рече Дарабонт.
Продукцијата исто така привлече двајца славни актери за своите главни улоги. Тим Робинс, кој го глумеше Дуфрен, доби две номинации за „златен глобус“ за различни изведби претходната година, освојувајќи ја најдобрата машка улога за „Играчот“. Морган Фримен, во улогата на Елис Ред, во тоа време веќе двапати беше номиниран за „оскар“. Тој исто така се појави во вестернот на Клинт Иствуд од 1993 година, „Непростено“, филм што, заедно со големиот успех на киноблагајните, освои и четири „оскари“.
По завршувањето на затворската драма, првиот одек беше крајно ветувачки. Продуцентката на филмот Лиз Глоцер изјави дека реакциите на публиката на неговите пробни проекции се неверојатни.
– Мислам дека тие беа најдобрите проекции досега – изјави таа за „Венити фер“ во 2014 година.
Значи, надежите беа разбирливо големи кога „Бегството од Шошенк“ беше објавен во септември 1994 година. Но во понатамошното прикажување филмот имаше проблем да ја најде својата публика. Продажбата на билети за неговата премиера беше огромна, но падот беше уште поголем, па, така, филмот успеа да врати само 16 милиони долари од буџетот од 25 милиони долари.
Предизвик за филмот беше исто така и времето во кое тој почна да се прикажува. Тешкотија му претставуваше и фактот што во истиот период се појави извонредна успешна серија на хит филмови, меѓу кои и „Форест Гамп“ со извонредниот Том Хенкс. Само неколку недели подоцна излезе добитникот на „златна палма“, филмот на Квентин Тарантино „Палп фикшн“. Овие филмови не беа само критички и комерцијални успеси, туку станаа и поп-културни феномени. Нивните дијалози, впечатлива кинематографија и легендарни „саундтракови“ создадоа големо медиумско покривање и секој од нив понуди свој поглед за состојбата на Америка во тоа време, засенувајќи ја приказната на „Бегство од Шошенк“.
Се разбира, мрачните премиси и недостигот од женски ликови можеби го направија филмот помалку привлечен избор за гледачите. Додека Академијата го призна филмот, номинирајќи го за седум награди, вклучувајќи и за најдобар актер за Морган Фримен и за најдобар филм, сепак на крајот тој не заврши без празни раце. „Форест Гамп“ се покажа како голем победник на вечерта, добивајќи шест „оскари“, а „Палп фикшн“ освои еден, за најдобро сценарио.