Во спомен на актерската легенда Роберт Дувал – лице што со неколку минути присуство на големото платно успеа да ја кристализира целата брутална иронија на војната. Неговата реплика: „Го обожавам мирисот на напалм наутро“ („I love the smell of napalm in the morning“) не е само филмски цитат туку и гротескен епитаф за еден менталитет во кој насилството станува естетизирано секојдневие.
„Апокалипса сега“ („Apocalypse Now“) е филм што го редефинираше жанрот на воениот филм и остана врежан како еден од најамбициозните и највлијателни проекти во историјата на киното. Режиран од Френсис Форд Копола, овој епски филм е повеќе од класичен приказ на војната. Во својата суштина, тој е филозофско истражување на човечката природа, војната како апсурд и границите на лудилото и моралот. Копола во оваа фаза од кариерата ја радикализира естетиката на американскиот нов Холивуд, надминувајќи ја жанровската рамка на воениот спектакл и претворајќи ја во егзистенцијална визија за распадот на цивилизациските кодови.
Филмот ја имаше премиерата во 1979 година, во контекст на поствиетнамската траума на американското општество и кризата на довербата во политичките и воените институции. Адаптиран од новелата „Heart of Darkness“ на Џозеф Конрад, наративот го пренесува колонијалниот мрак од Африка во џунглите на Југоисточна Азија, со што ја пренесува критиката на империјализмот во современ контекст на американската воена интервенција. Таа интертекстуална релација му овозможува на филмот да функционира истовремено како политички коментар и како архетипска парабола за човековата склоност кон доминација и самоуништување.
Легендарниот продукциски пекол на Филипините е дел од митологијата на филмот и неговата поетика на крајности. Копола ја доведува авторската позиција до точка на самоуништувачки ризик, ставајќи ја сопствената психичка стабилност во функција на уметничкиот апсолут. Токму таа авторска хиперболизација го доближува „Апокалипса сега“ до европската традиција на екстремниот авторски филм, во која режисерот не е само организатор на продукцијата туку фигура што симболички ја инкарнира кризата што ја прикажува на екранот.
Во таа смисла, не е без значење влијанието на филмовите на британскиот филмски ексцентрик Кен Расел, чии барокни, хиперболизирани и халуцинантни визии за историјата, религијата и телесноста му послужиле на Копола како охрабрување да ја напушти конвенционалната реалистичка естетика на воениот филм и да се обиде да создаде психоделична фрагментирана структура на наратив и слика. Кај Расел, ексцесот не е стилска поза, ами метод: преку визуелна хистерија и симболички вишок тој навлегува во психолошките и духовните длабочини на своите ликови. Копола ја презема таа логика и ја вградува во „Апокалипса сега“, каде што војната станува психотропно искуство, а реалноста постепено се распаѓа во визии на кошмарна убавина.

Централната наративна линија, во која капетанот Бенџамин Вилард патува по реката со цел да го ликвидира полковникот Волтер Курц, функционира како кинематографска катабаза – симнување во подземјето на колективното несвесно. Војната тука не е јасно разграничен конфликт меѓу страни, туку состојба на светот: хаотична, спектакуларизирана, гротескна. Иконската сцена со хеликоптерите и „Ride of the Valkyries“ е визуелен триумф, но и цинична алузија за европскиот романтизам како естетска маска за колонијалното насилство.
Ликот на Курц, толкуван од Марлон Брандо, се профилира како модерна трагична фигура, пророк на ужасот што ја соголува лажната моралност на воениот дискурс. Неговите монолози за „ужасот“ не се филозофски украси, повеќе се симптоми на распадната свест што ја препознала празнината зад идеологијата. Во таа фигура се концентрира критиката на западната цивилизациска мисија: зад реториката за ред и хуманизам стои суровата логика на уништувањето.
Визуелниот јазик на филмот, обликуван од Виторио Стораро, создава барокна и психоделична иконографија на војната. Контрастите на светлина и сенка не се декоративен ефект, туку и драматуршка алатка за мапирање на внатрешните конфликти на ликовите. Саундтракот, со вклучувањето на „The End“ од неповторливите „Дорс“, го поставува филмот во регистар на контракултурната меланхолија и доцномодерниот очај, поврзувајќи ја воената траума со пошироката криза на субјектот во втората половина на 20 век.
Влијанието на „Апокалипса сега“ врз подоцнежната филмска сцена е далекосежно и трајно: филмот го легитимираше радикалниот авторски пристап во рамките на холивудската продукција и ја отвори вратата за оние воени филмови штo прикажуваат темна интроспективна анализа на насилството како цивилизациска матрица. Неговата спојка на воен реализам, психоделична естетика и филозофска алегорија стана референтна точка за низа подоцнежни автори и дела што ја третираат војната како симптом на колективна патологија, а не како спектакл за консумација. Повеќе од 45 години подоцна, „Апокалипса сега“ и натаму стои цврсто како своевиден монолит на модерното кино, филм што не нуди утеха, туку дијагноза, не дава лесни одговори, но останува врежан длабоко во потсвеста на гледачот.
Јане Алтипармаков

































