Филмот и немирот на идентитетот
„Персона“ (Persona) е еден од најрадикалните, најфилозофски и најинтензивни филмски експерименти на Ингмар Бергман – дело што и денес функционира, пулсирајќи како отворена рана во историјата на киното. Објавен во 1966 година, филмот не нуди наративна утеха и бара активно, свесно учество од гледачот. Месецов, кога се одбележува 87-от роденден на Лив Улман – актерката чиј лик стана еден од најпрепознатливите симболи на модерното кино, „Персона“ повторно се наметнува како дело што не старее, туку се продлабочува со секое ново гледање.
Во својата суштина, „Персона“ може да се согледа како киномедитација за неможноста на целосна автентичност. Во моментот кога субјектот се обидува да ја симне маската, тој не се соочува со „вистинското јас“, туку со празнина – со јаз што не може да се пополни. Молкот на Елизабет Фоглер е радикален гест на отфрлање на општествената маска – на „персоната“ во јунговска смисла. Тој молк е точка во која зборот се покажува како недоволен, а идентитетот како неподнослив товар.
Наспроти Елизабет стои Алма – медицинската сестра што зборува премногу: неконтролирано, исповедно, речиси очајнички. Таа е субјект што се обидува да ја потврди сопствената личност преку присуството на Другата. Нивниот однос постепено се трансформира во психичка симбиоза, во која границите меѓу Јас и Другата се разнишуваат и започнуваат да исчезнуваат. Токму во таа зона на распаѓање филмот го отвора клучното прашање за субјектот како нестабилна и кревка конструкција.
„Персона“ функционира како дел од несвесното – фрагментирана, повторлива и суштински вознемирувачка. Лицата се претвораат во пејзажи, а крупните планови во метафизички простори. Напнатоста не произлегува од дејствието, ами од тишината, од паузите, од она што е потиснато, но постојано пулсира под површината.
Во таа смисла, „Персона“ е филм за распадот на субјектот во лакановска смисла. Лицето, кое во филмот постојано е удвоено, фрагментирано или споено со друго лице, станува место на траума, а не на препознавање.
Од јунговска перспектива, односот меѓу Алма и Елизабет може да се сфати како судир меѓу сенката и персоната – но без ветување за интеграција. Алхемискиот процес што се одвива меѓу нив не води кон целост, туку кон ризик од распаѓање. Индивидуацијата овде не е пат кон хармонија. Напротив, таа е опасен експеримент со границите на контролата и стабилноста на психата.

На друго ниво, островот на кој престојуваат двете жени функционира како лиминален простор, изместен од линеарното време – место на иницијација каде што егото се распаѓа за да се роди нешто ново или, пак, можеби ништо. Бергман свесно ја руши илузијата на филмската реалност преку прекини на филмската лента и директни погледи во камерата, потсетувајќи нè дека и самиот филм е маска, конструкција и перформанс.
Режисерската мајсторија на Бергман се огледа во аскетската прецизност на секој кадар. Употребата на светло и сенка, на празнина и лице, создава визуелна естетика што е истовремено сурова и хипнотичка. Камерата на Свен Никвист не набљудува – таа проникнува, разголувајќи го субјектот до точка на неподнослива интимност.
Актерските изведби на Биби Андерсон и Лив Улман се антологиски. Нивната меѓусебна хемија се темели на психичка тензија, на погледи и тишини натежнати со значење. Резултатот е актерство што ја надминува психологијата и се доближува до чиста егзистенцијална изложеност.
Влијанието на „Персона“ врз современата авторска кинематографија е огромно и лесно препознатливо. Филмот претставува еден од темелните ориентири за режисери како Дејвид Линч, Ларс фон Трир, Дарен Аронофски, Роберт Егерс и Андреј Звјагинцев, како и за голем број автори од независната сцена, кои ги истражуваат распадот на субјективноста и нестабилноста на реалноста. Линч често ја наведува „Персона“ како еден од филмовите што најдлабоко влијаеле врз неговото разбирање на киното како сон и траума, додека Фон Трир отворено ја признава Бергмановата сенка врз сопствениот опус.
„Персона“ и ден-денес останува омилен филм на голем број автори, теоретичари и уметници токму затоа што одбива да биде затворен и стандардно логичен филм. Тој опстојува како искуство што продолжува и по завршувањето на одјавната шпица – тивко и упорно, втиснувајќи се во потсвеста на гледачот и менувајќи ја неговата претстава за киното од самиот корен.

Јане Алтипармаков
































