Комбинацијата на одењето во канцеларија и работењето од дома всушност носи повеќе мани отколку предности, пишува Брајан Луфкин за „Би-би-си“
Колку навистина се совршени новите начини на работа што ги наметна пандемијата
Хибридниот модел на работа во светот беше поздравен како „иднина на работата“. Комбинирањето на работата од дома и одењето во канцеларија наиде на многу позитивни критики и стана атрактивна опција, па, така, индустриите низ светот почнаа сè повеќе да го воведуваат. Но колку е реално изводлив овој начин на работа? Веќе ни е познато дека треба да овозможи одредени предности, како поголема флексибилност и автономија за работниците. Исто така знаеме дека голем дел од работната сила го посакува ваквиот начин на работа, што е евидентно од некои студии што покажуваат дека по пандемијата дури 83 отсто од работниците го поддржале хибридниот модел. Сепак, се поставува прашањето дали успешно може да се спроведе и како најдобро да ги избегнеме негативните аспекти.
Фер за сите
Првата непријатна вистина е тоа што не можат сите да работат во хибридниот модел, што може да предизвика силно незадоволство и поделби во рамките на работната сила, затоа што за едни ќе биде само желба, а за други привилегирани ќе биде новото нормално. Според Ану Мадгавкар, партнерка во глобалниот институт „Мекинси“ и истражувачка за иднината на работните модели, околу 50-60 отсто од работата во одредени професии се одвива во специфични работни средини, односно работникот мора да биде присутен на работното место. Некои тимови во фирмите, како што е обично ИТ-секторот, имаат обврска работното време да го поминуваат во канцеларија. Аналитичарите велат дека поделбата на работниците дома и во канцеларија може да доведе до две одделни, некохезивни организациски култури, во кои едната група може да се почувствува поизолирано од другата.
Потребни се инвестиции
Хибридниот модел на работа може да вклучува дополнителни трошоци. Мадгавкар истакнува дека се јавува огромна потреба да се вложат инвестиции во сајбер-безбедноста за да се гарантира заштитата на податоците. Ова произлезе од фактот што хибридниот начин на работа почна да се смета за „сон на секој хакер“, бидејќи многу работници со разни уреди се вклучуваат на работните мрежи. Компаниите исто така би требало да вложат во работни станици што ќе бидат соодветни на природата на работата, затоа што сега на овој начин и практично се одговорни за одржување на „домашната канцеларија“ покрај онаа во фирмата. Ова би можело да доведе до намалување на деловниот простор, бидејќи ако во иднина помалку луѓе одат на работа, тогаш ќе се намалат и канцелариите. Еден можен проблем што би се јавил е тоа што работниците на крајот ќе треба да имаат заеднички работни бироа. Делењето бироа и недостигот од личен работен простор може да ги одвраќа работниците поради можноста секојпат одново да се поставува работната опрема, но и појавата на кавги за подобро место.
Како да се воспостави системот?
Некои компании сега тестираат слободен хибриден систем, во кој ќе им се овозможи на вработените сами да одлучуваат кога да одат во канцеларија. Други бараа од работниците да присуствуваат одредени денови од неделата во канцеларија, без да одредат прецизно кои денови точно. Кристоф Симрот, кој е професор по економски науки на Универзитетот во Есекс и ги проучувал работењето на далечина и неговата продуктивност, истакнува дека може да се јават комуникациски проблеми ако работниците не ги координираат добро деновите кога ќе работат од канцеларија, со тоа што многу лесно може да бидат изоставени оние што ќе работат од дома. Токму затоа директорите треба да постават силен централизиран систем, во кој во секое време ќе бидат достапни ресурсите, документите и тековните информации, иако тоа би значело повеќе работа за нив. Социјалниот аспект исто така треба да се земе предвид. Експертите велат дека времето поминато во канцеларија резултира со градење подлабоки и поцврсти заемни врски меѓу колегите. На пример, лани било спроведено истражување во кое учествувале 12.000 работници од САД, Германија и Индија и покажало дека работниците што се чувствувале помалку социјално поврзани со нивните колеги за време на пандемијата, биле помалку продуктивни во заедничките задачи споредено со периодот пред пандемијата.
Опасноста на прекумерното присуство на работа
Прекумерното присуство на работа е моќна сила и постои реална загриженост дека некои работници што претпочитаат да работат во канцеларија може да имаат поголеми предности кај шефовите во однос на унапредување и зголемување на платата. Исцрпеноста од работа и прекумерното присуство веќе стануваат честа појава во работните организации, а хибридниот модел на работа може да ги влоши нештата кога работниците ќе сакаат да ја докажат нивната посветеност во канцеларија или од дома. Всушност, 54 отсто од британските работници пријавиле притисок да се вратат назад во канцеларија за време на пандемијата, додека просечното работно време од дома се зголемило за дополнителни 30 минути, бидејќи вработените останувале подолго вклучени.
Различна демографија, различни потреби
Има група работници што од разбирливи причини претпочитаат одреден начин на работа што влијае врз канцелариската динамика. Работењето на далечина е добра опција за родителите на кои им е потреба професионална флексибилност за згрижување на децата. Ова најмногу се однесува на жените, кои преземаат непропорционален удел на одговорностите околу домот и воспитувањето на децата. Некои експерти предупредуваат дека фактот што сè повеќе жени одбираат да работат од дома може да доведе мажите да бидат значително побројни во канцелариите. Младите исто така се група што има свои потреби на работното место. Статистиката покажува дека младите немаат толку добри домашни услови за работа. Британските работници на возраст од 18 до 34 години имале двојно поголеми шанси да работат од удобноста на својот кревет отколку повозрасните. Тие исто така биле група што се чувствувала најмногу отуѓено од колегите и шефовите во текот на пандемијата, со тоа што многумина го пропуштиле менторството во раните фази од нивната кариера.
Сè уште е рано да се прецизира како ќе се одвиваат нештата. Но експертите велат дека треба многу внимателно да се воспостави структурата на хибридниот модел на работа во компаниите за да не се нанесе непоправлива штета. Доколку успешно се спроведе, хибридниот модел ќе ја даде многу посакуваната флексибилност, што овозможува поголема вклученост во разни сектори, но во спротивно може со години или децении да ја уназади еднаквоста на работното место.