Авторот ја посочува Украина како една од земјите кои претставуваат закана по безбедноста на целата Алијанса
Даг Бандоу
Нов ден и нова криза во односите меѓу Русија и Украина и уште еден силен потсетник зошто украинската држава не треба да стане дел од НАТО. Вашингтон нема што да ризикува да влегува во војна за некој што бара пристап до Азовско Море.
Најновата конфронтација меѓу Москва и Киев се случи кога руски бродови спречија украински бродови да влезат во заедничките води преку Керчанскиот Теснец. Киев ја обвини Русија дека спречила легален премин на нејзините бродови и вовела незаконска блокада. Од друга страна, Москва тврдеше дека Украинците нелегално навлегле во водите и презеле „агресивни“ маневри. Руски брод отворил оган врз украински брод при што беа повредени неколку морнари. Постои можност за избивање тотална војна. Двете страни го зголемија военото присуство во регионот. Иако рускиот претседател Владимир Путин не го подгрева национализмот дома, украинскиот претседател Петро Порошенко сепак не е главен кандидат за реизбор и може да има корист од кризата. Порошенко свика состанок на воениот кабинет, предупреди за можен конфликт и прогласи воена состојба (поради која може да се одложат изборите). Украинскиот парламент размислува да прогласи војна со Русија, а демонстрантите веќе излегоа на киевските улици.
Владата на Путин, која го спречи украинскиот поморски сообраќај да влезе во она што во суштина претставува затворено море, изгледа како да е најмногу виновна. Агресивноста на Москва можеби е преговарачка тактика или дел од кампањата да го присвои Азовско Море кон своите територијални води.
Сепак, Москва е загрижена за својата безбедност. Мостот на Керчанскиот Теснец претставува можна цел. Во мај, колумнистот на „Вашингтон егзаминер“, Том Роган, тврдеше дека „Украина треба да уништи делови од мостот“.
– Иако таков тек на настаните би значел ескалација против Путин, во која речиси со сигурност Русија ќе го возврати ударот, мостот е тешка навреда кон кредибилитетот на Украина како нација – нагласи Роган.
Тој наведе дека уште полошо е што „САД можат и ќе ја поддржат Украина со нивната воена моќ“. Дури и ако Порошенко, решен да се кандидира за реизбор, избегне да преземе таков ризик, националистичките и неофашистичките паравојски можеби нема толку да се контролираат.
Засега кризата е под контрола. Советот за безбедност во ОН одржа состанок, но нема да преземе никакви чекори против Русија, која е негова членка. Порошенко бараше поддршка преку Твитер: „Испраќаме апел до партнерските држави од меморандумот од Будимпешта, до членките на ЕУ, до Нормандиската четворка за да преземат ефикасни мерки за заштита на Украина. Апелирам и до целата проукраинска коалиција: мораме да останеме обединети!“.
Листата со апели е мошне долга. Таа ги вклучува САД, Обединетото Кралство, поголем дел од Европа, како и Франција и Германија. Сепак, едно нешто е сигурно, а тоа е дека континентот нема ништо да преземе. ЕУ излезе со изјава дека „очекува Русија да ја повлече блокадата на Керчанскиот Теснец и бара сите да бидат воздржани за веднаш да се намалат тензиите“. Но повеќето европски влади не се особено заинтересирани да се најдат во позиција да се бранат. Тие сигурно нема да влезат во голема офанзива во име на Украина во која нема да дозволат да се вмешаат ЕУ и НАТО.
Америка е единствената држава на листата што има кредибилитет. Од Вашингтон се очекува да го понесе најголемиот товар во секоја војна во која е вмешана Москва, да се справи со нуклеарна размена, да води воздушна офанзива, да испраќа помош за сојузничките борци, да ги расчисти морињата, да предводи копнена офанзива и да има жртви на свој грб. Обединетото Кралство и Франција ќе мора да помогнат. Полска ќе даде свој придонес, а сите други ќе дадат совети и ќе се надеваат дека ќе ги заобиколат ракетите на Русија упатени кон Северна Америка. Ова треба да нè потсети дека имаме среќа што претседателот Џорџ В. Буш не успеа во својата намера да ги вклучи Киев (и Грузија) во НАТО. Да успееше во тоа, Вашингтон ќе беше обврзан да помогне во одбраната на Украина доколку се повикаше на членот 5 против Москва. Со поддршка од САД, Киев ќе настапеше уште повоинствено пред Русија. Порошенко ќе имаше поголеми шанси за реизбор и веројатно ќе предизвикаше војна во која единствена опција ќе беше враќањето на Крим.
Иако сојузите можат да пропаднат, тие исто така знаат да постават и замки. Ако избие војна, тогаш Вашингтон е автоматски вклучен. Војната станува пореална кога владите веруваат дека можат да ги позајмат американските воени сили за лични цели поради што дејствуваат понеодговорно.
Порошенко порача дека „треба да има поддршка за Украина“. Русија не требаше да ја напаѓа Украина во повеќе наврати. Сепак за Вашингтон не постои причина да влезе во војна. Прво, Киев не е од голем интерес по безбедноста на Западот. Украина страдаше додека беше дел од Руското Царство и од Советскиот Сојуз без да има некакво значајно влијание врз Америка или Европа. Актуелните проблеми на Украина се сериозни, но не претставуваат закана по други држави.
Покрај тоа, Киев, Европејците и Америка имаат удел во вината. Украина не е идеален пример за демократија. Исто така, долги години по поддршката за „обоената револуција“ во Киев (поради која катастрофално некомпетентниот Виктор Јушченко стана претседател), Вашингтон и Брисел силно го охрабруваа уличниот пуч за избраниот, иако полн со мани, лидер наклонет кон Русија. Американски претставници бесрамно зборуваа за тоа кој сакаат да стане премиер на Украина. Украина требаше економски да се ориентира кон Европа и кон членството во НАТО. Ова не беше причина за Москва да објави војна, но да речеме да имавме спротивен пример во кој Русија ќе интервенираше во Мексико, Вашингтон немаше да стои настрана, ќе ги инсталираше посакуваните лидери и ќе се залагаше за земјата да стане дел од Варшавскиот пакт.
Потребно е да се постигне општо помирување во однос на Украина и на Грузија. Украина ќе го врати Крим само доколку Москва загуби во војната. Мали се шансите дека Русија ќе престане да ги подгрева тензиите во украинскиот регион Донбас, додека членството во НАТО останува формална цел. Изјавата би послужила за стратегија за мир и стабилност, а не либерализам и демократија во тој дел од светот.
Сојузниците ги затвораат вратите на НАТО и ги отфрлаат санкциите без формално да ја признаат анексијата на Крим. Русија нема повеќе да ги поддржува украинските сепаратисти и ќе ги спречи другите дестабилизирачки активности, како што е мешањето во украинскиот поморски сообраќај за влез во Азовско Море. Грузија и Украина културно, економски и политички тежнеат кон кого сакаат, но не сакаат да станат прва воена линија на Западот. Никој не е задоволен. Сите сакаат да извлечат корист од резултатот.
Чудно е што, единствената политика што ги обединува либералите против Доналд Трамп и неоконзервативните агресивни политичари е онаа околу Русија. Двете страни сакаат Москва да биде дежурен непријател без никаква корист за Америка. Понекогаш ваквиот бизарен сојуз посакува да беше првиот што ќе лансира ракета кон Руската Федерација. Ако Киев му беше сојузник на НАТО, тогаш воинствени политичари од двете партии можеби ќе ја добиеја својата шанса.
НАТО претера со неговата корисност. Ризикува да ја вовлече Америка во непотребна војна во која повеќето европски сојузници само ќе бидат набљудувачи. Потешко е извлекувањето отколку вовлекувањето. Во меѓувреме, Вашингтон не треба повеќе да вклучува нови членки во сојузот, кои се закана по безбедноста. Наместо тоа, администрацијата на Трамп треба да се вклучи во сериозни преговори за да ѝ се стави крај на новата Студена војна, која се појави меѓу Вашингтон и Москва.
Авторот е аналитичар на институтот „Като“ и бивш специјален помошник на претседателот на САД Роналд Реган