Со оглед на нејзината регионална моќ и кредибилитетот кај двете завојувани страни, Москва се гледа како единствена позиција да влијае врз процесот на помирување меѓу Израелците и Палестинците, вели Марк Епископос од „Нешенел интерест“
Медијатори ги контролираат боиштата на Блискиот Исток
Како што ескалира судирот во Газа, Кремљ гази по тенка линија за да ја зачува и прошири својата сложена мрежа на интереси на Блискиот Исток. Израелските одбранбени сили (ИДФ) остануваат заробени во сè поскапата борба со Хамас и палестинскиот исламски џихад (ПИЏ). ИДФ на почетокот од оваа недела соопштија дека погодиле дури 600 цели во појасот Газа, вклучувајќи ги и капацитетите за производство на ракети и неколку команданти на Хамас. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека „ќе извлече многу висока цена од Хамас“, дури и кога силите на Хамас-ПИЏ продолжуваат да го гранатираат јужниот и крајбрежен дел на Израел со стотици ракети со краток дострел. Портпаролот на Хамас, Абу Обаида, порача дека „имаат многу повеќе да дадат, а одлуката да се погоди Тел Авив, Димона и Ерусалим за нив била полесна од пиењето вода“ и им порача на Израелците дека не ги плашат нивната технологија и атентатите. Тековните борби меѓу Израел и Хамас-ПИЏ се најжестоки од војната во Газа во 2014 година, но Ерусалим се соочува со паралелна закана одвнатре. Немири, тепачки на улици, грабежи и верски вандализам избувнаа низ целата земја, кога израелското палестинско малцинство се судри со полицијата и десничарските националисти.
Внимателно но цврсто јакнење на позицијата
Тековниот конфликт во Газа предизвика загриженост насекаде во светот, но малку конкретни политички решенија понуди меѓународната заедница. Администрацијата на Бајден, која е обврзана со долгогодишна безбедносна определба кон Израел, но во моментов се соочува со зголемен притисок од гласното пропалестинско крило на демократската партија, се бори да формулира конкретен став освен апелот за да им се стави крај на борбите. Во меѓувреме, Москва самата е ставена пред тежок избор.
Во своите тековни напори да се позиционира како де факто лидер на муслиманскиот свет, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека меѓународната заедница мора „да му одржи на Израел силна лекција за да отстапи“. Според изјавата за печатот објавена од Анкара, Ердоган исто така ја поведе идејата за „меѓународни сили за заштита на Палестинците“ во неодамнешниот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин.
Кремљ внимателно ги избира чекорите. Владата на Путин, која се потруди да изгради функционално регионално партнерство со Ерусалим по интервенцијата на Русија во Сириската граѓанска војна, се двоуми да поддржи каква било интервенција или мировна иницијатива што може да се толкува како надворешно непријателски настроена кон Израел. Истовремено, Русија, за разлика од САД и Европската Унија (ЕУ), не го признава Хамас како терористичка организација и претходно прими негови делегации за да разговараат за мировните напори. Со оглед на нејзината регионална моќ и нејзиниот кредибилитет кај двете завојувани страни, Москва се гледа себеси како единствено позиционирана да влијае на процесот на помирување меѓу Израел и Палестина. Дмитриј Маријасис, член на истакнатата руска експертска група „Валдај“, за рускиот медиум „Лента“ изјави дека Русија „ужива пријателски односи со двете страни на конфликтот, а ако таа правилно ги искористи овие контакти, може да ја зајакне својата позиција“.
Ангажирање на квартетот за Блискиот Исток
Во секој случај, Кремљ нема ниту желба ниту, веројатно, средства да преземе иницијатива при формулирање и наметнување мировни услови во Газа. Наместо тоа, Москва се обидува да го искористи своето влијание во контекст на поширок мировен договор посредуван од работна група на големи сили и меѓународни организации. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров минатата недела повика на итен состанок на квартетот за Блискиот Исток, составен од Обединетите нации, САД, ЕУ и Русија, за решавање на кризата во Газа. Тој за време на заедничкиот брифинг со генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, истакна дека „на состанокот бил постигнат заеднички став дека најитната задача е да се состане квартетот на меѓународни медијатори“ и наедно изразил голема доверба во Гутереш. На состанокот на рускиот Совет за безбедност во минатиот петок, Путин дал остра процена за уделот на Русија во тековниот конфликт и апелирал до неговите колеги да ја коментираат моменталната состојба на Блискиот Исток на ескалираниот палестинско-израелски конфликт, бидејќи се случува во непосредна близина на руските граници и директно влијае на нивните безбедносни интереси“.
Во согласност со фокусот на мултилатерализмот на Блискиот Исток, руското министерство за надворешни работи предложи проширување на квартетот во нов формат „4 + 4 + 2 + 1“. Тоа се првичните четири членки, во втората група се Египет, Јордан, ОАЕ и Бахреин, потоа се Израел и Палестина и Саудиска Арабија. Според Москва, Саудиска Арабија била вклучена поради нејзиниот мировниот план наречен „Арапска мировна иницијатива (АПИ)“ од 2002 година. Турција изостанува од новиот предложен формат на Русија, можеби како одраз на фактот што Москва, за разлика од Анкара, не сака да му наметне казнен мир на Израел.
Сигнали на попуштање и прво примирје во Газа
Вчераутро престана воениот конфликт меѓу Израел и палестинската милитантна организација Хамас, откако двете страни се согласија на примирје. Во конфликтот, кој траеше 11 дена, повеќе од 240 луѓе беа убиени, најголемиот дел во палестинската територија во Газа. Западните медиуми анализираат дали договорот на векот што го потпиша поранешниот американски претседател Доналд Трамп профункционира или ова е само ново затишје пред бура на Блискиот Исток. Во меѓувреме, набрзо по постигнувањето на примирјето, голем број Палестинци излегоа на улиците и славеа. И Израел и Хамас прогласија победа во конфликтот.
Израелската војска соопшти дека се укинуваат речиси сите вонредни забрани за движење низ земјата. Светските лидери го поздравија примирјето на двете страни. Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека примирјето дава вистинска можност за прогрес, додека генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, ги повика лидерите на Израел и на Хамас да се придржуваат до прекинот на огнот, а од светот побара да обезбедат реконструктивен пакет што ќе биде поддршка за луѓето во Палестина и ќе ги зајакне нивните институции. Инаку, конфликтот започна на 10 мај, по неколкунеделен пораст на тензиите помеѓу Израел и Палестина во окупираниот дел на Источен Ерусалим, помеѓу Палестинци и израелската полиција. Овие инциденти на крајот кулминираа со пресметка на локацијата што има културно значење и за муслиманите и за Евреите. По овие настани, врз Израел беа испукани повеќе проектили од палестинските територии во областа Газа, по што Израел одговори со авионски бомбардирања на Газа.