Додека се борат да ја контролираат пандемијата, владите треба што побрзо да ги отворат границите, наместо да потклекнат пред ксенофобијата и национализмот
Во моментов, тешко е да се замисли поголема закана за благосостојбата на светот отколку пандемијата на ковид-19. Милиони се заразени, а стотици илјади починаа. Пандемијата ја погоди глобалната економија, при што Светската банка предвидува глобалниот БДП да се намали за повеќе од пет проценти оваа година, што е вистинска светска депресија многу полоша од падот во 2008 и 2009 година.
Но ковид-19 не е најголемата закана со која се соочува светот. Уште поголема опасност денес е зголемувањето на национализмот, кој се заканува да ја поткопа меѓународната соработка за виталните прашања, вклучувајќи ги и глобалното јавно здравје, климатските промени и трговијата. Владините одговори на пандемијата, кои се фокусираат на затворање на границите, забрани за патувања и промена на производството на медицинска и друга стока, го јакнат наративот дека луѓето и стоките од странство се извор на опасност. Додека владите се борат да ја контролираат пандемијата, тие итно треба да го сменат правецот и да ги прифатат одговорите на соработка, наместо да градат sидови кон остатокот од светот. Потребно е што побрзо повторно отворање на границите.
Речиси девет месеци од првата епидемија во Кина, меѓународните граници во голема мера остануваат затворени. Американско-канадската граница од март е затворена за сите несуштински патувања. Европските земји, вклучувајќи ги и 26-те членки на шенген-зоната, кои ги укинаа сите контроли при патувањето, ги затворија своите граници уште во март, па потоа летово делумно ги отворија, но сега повторно ги затвораат. Британија објави 14-дневен карантин за сите посетители од Франција, a Париз одговори со слична мерка. Норвешка воведе слично барање за посетителите од Шпанија и осум други европски земји. ЕУ им препорача на своите членки повторно да се отворат за земјите што се сметаат за „епидемиолошки безбедни“, вклучувајќи ги Кина, Јапонија и Јужна Кореја, но останува затворена за повеќето други земји, меѓу кои и САД. Некои земји-членки како Полска и Унгарија одбија воопшто повторно да се отворат кон кои било трети земји. Покрај ограничувањата на копнените граници со Канада и Мексико, САД се затворени и за патниците од Кина, Бразил, Британија, ЕУ и Ирска. Кина, која е затворена за повеќето странски посетители од 28 март, неодамна се отвори за оние Европејци што имаат кинески дозволи за престој или работа, но главно е затворена за остатокот од светот.
Првичниот недостиг од медицински материјали и опрема за лична заштита ги поттикна земјите да се обидат да го привлечат индустриското производство во критичните сектори, како што е медицинската опрема. Јапонија издвои над две милијарди долари за да ги привлече јапонските компании назад од Кина, меѓу кои и производителите на медицински маски за лице. Осумдесет земји и царински територии првично го ограничија извозот на маски за лице, ракавици и друга заштитна и медицинска опрема. Оттогаш повеќето ги олеснија овие мерки, но зависноста од увоз сè уште е голема. Кина, на пример, продолжува да го снабдува светот со најголемиот дел од критичните фармацевтски состојки. Од друга страна, американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која од федералните агенции се бара да купуваат основни лекови и опрема само од американски производители и вети милијарди долари субвенции за јакнење на домашното производство.
Разбирливо беше посегнувањето по гранични контроли и мерки за зајакнување на домашното производство во раните фази на пандемијата. Бидејќи ковид-19 се шири главно преку лични контакти, меѓународните патувања ја проширија епидемијата низ целиот свет. Првичниот недостиг од медицинска опрема ја истакна потребата земјите да сторат повеќе за да се подготват за пандемии, на ист начин како што складираат резерви при помош за земјотреси и други природни катастрофи. Ограничувањата ги прифати и загрижената јавност.
Во неодамнешно истражување, 57 проценти во ЕУ изјавиле дека сега сакаат построги гранични контроли. Во САД, 78 проценти се залагаат за затворање на границите и ограничување на имиграцијата за борба против вирусот. Дури 80 отсто од Канаѓаните сакаат границата со САД да остане затворена барем до крајот на годината.
Сепак, мерките на претпазливост испратија една опасна порака, дека најдобриот начин една земја да се заштити од вирусот е да ги држи странците надвор и да ја намали зависноста од странски стоки. Во САД, Трамп ја искористи кризата за да ги забрани сите барања за азил и да го запре влезот на повеќето странски работници во земјата.
Најмногу загрижува што ваквите ставови ги прифаќаат земји што сè уште се сметаат како промотери на либерализмот. Меѓународна ѕвезда во борбата против пандемијата е Нов Зеланд, кој за кратко време го запре вирусот и ги затвори своите граници за сите странски државјани, во надеж дека ќе спречи нова појава во иднина. Застрашувачки е фактот што самоизолацијата на една островска земја одеднаш стана модел за контрола на пандемијата.
Лидерите си играат со оган. Како што видовме по терористичките напади од 11 септември 2001 година, премногу е лесно да се разгорат стравовите за опасни странци. Во САД, целата домашна безбедност по 11 септември беше изградена врз идејата дека земјата може да се заштити од светот создавајќи еден безбедносен меур. Оваа заблуда имаше страшни последици. Она што почна како рационална идеја да се обидат да се идентификуваат и фатат терористите се претвори во опсесија со гранични ѕидови.
Наместо сево ова, владите треба веднаш да започнат да развиваат планови за безбедно отворање на своите граници. Овие планови треба да бидат тесно поврзани со здравствените мерки и со проширувањето на процедурите за тестирање и следење, за да се контролира вирусот и за да се уверат граѓаните. Техничките барања се вистински предизвик, но не се невозможни. На пример, ЕУ се придвижи во добар правец со својата листа на безбедни земји.
Пософистицираните процедури ќе бидат насочени кон поединци отколку кон широки групи. Од патниците може да се побара да бидат тестирани непосредно пред да заминат или при пристигнувањето во земјата, како што веќе прават некои земји. Дури и ако се спроведе полека и на штета на приватноста, ваквите иницијативи ќе испратат јасна порака дека сегашните гранични ограничувања се непожелна привремена мерка.
Ова не треба да се само национални иницијативи. Земјите треба тесно да соработуваат на воспоставените заеднички пристапи за координирање на мерките за јавно здравје и постепено повторно отворање на границите и за споделување технологии. Меѓународните дискусии треба да почнат преку Г20 и специјализираните тела.
Истовремено, дебатата за синџирите на снабдување треба да се оддалечи од идеалот на економска независност и да се признае дека ниту една земја не може сама да ги заштити своите граѓани.
Сево ова може да вклучува елиминација на тарифите и новите правила што ги регулираат ограничувањата на увозот и извозот за време на кризи. Земјите, исто така, треба да соработуваат во развојот и дистрибуцијата на вакцини и да го напуштат сегашниот национализам, каде што најголемите економии се натпреваруваат која прво ќе ги заштити своите граѓани.
Владите треба да ги променат пораките. Намалувањето на ширењето на ковид-19 е глобален проблем, а не национален. Ниту една земја нема да биде безбедна ако вирусот не може да се стави под контрола насекаде. Пандемијата треба да стане пример за тоа како светот може да соработува за решавање заеднички проблем. Засега, пандемијата е само уште еден доказ за тоа дека кризите ги оддалечуваат земјите.