Сегашната слика во сферата на сајбер-безбедноста наликува на современ Див Запад, за што е потребна нова американска политика на спречување, дипломатија и одбрана, смета Ричард Хаас за ЦФР
Можат ли државите да ја заштитат својата дигитална инфраструктура
За време на Студената војна, на состаноците на самитите меѓу САД и Советскиот Сојуз честопати доминираа договори за поставување ограничувања на нуклеарното оружје и системите изградени за нивно испорачување. САД и Русија сè уште разговараат за овие теми, но на нивниот неодамнешен состанок во Женева, американскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин, во голема мера се фокусираа на тоа како да се регулира однесувањето во една поразлична област, а тоа е сајбер-просторот. Влоговите се многу големи и не е тешко да се разбере зошто.
Предностите и маните на дигиталниот простор
Сајбер-просторот и интернет се од суштинско значење за работењето на современите економии, општества, политички системи, војски и речиси сè друго што ја прави дигиталната инфраструктура примамлива цел за оние што сакаат да предизвикаат сериозно нарушување и штета со минимални трошоци. Покрај тоа, државите и недржавните актери можат да извршат сајбер-напади со високи шанси за одрекување што го поттикнува искушението да се развиваат и користат овие капацитети. Знаеме кога и од каде е лансирана ракета, но може да потрае долго време да се утврди дека се случил сајбер-напад, а да откриеме кој е одговорен може да трае уште подолго. Таков бавен и неизвесен процес на локализирање на виновникот може да ја оневозможи заканата за одмазда што всушност зазема централна улога во стратегијата за спречување.
Ова прашање се најде на дневен ред на агендата на Бајден – Путин затоа што Русија стана сè поагресивна во сајбер-просторот, без разлика дали со креирање лажни кориснички сметки на социјалните мрежи за да влијае врз американската политика или преку пристап до критична инфраструктура, како што се централите. Истакнувањето на важноста на ова прашање всушност ја покажува реалноста дека Русија не е единствената. Кина наводно во 2015 година добила пристап до 22 милиони досиеја на вработени во американската влада, кои вклучуваат информации што можат да помогнат да се утврди кој работел или работи за американската разузнавачка заедница. Исто така, Северна Кореја го нападна „Сони“ (и ги загрози сите видови приватни комуникации) во обид да спречи дистрибуција на сатиричен филм што го прикажуваше атентатот врз лидерот на земјата. Сево ова води кон современиот Дивиот Запад, со многу вооружени луѓе што дејствуваат во простор регулиран со малку закони или шерифи за нивно спроведување.
Потребни ли се ограничувања во сајбер-просторот?
Традиционално, САД се залагаат за неструктуриран интернет, кој е „отворен, интероперабилен, безбеден и сигурен“, во согласност со политиката воведена пред една деценија, со цел да се промовира слободниот проток на идеи и информации. Но ентузијазмот на САД за ваков интернет почнува да опаѓа, бидејќи непријателите ја користат оваа отвореност за да ја поткопаат нивната демократија и да украдат интелектуална сопственост важна за функционирањето и компаративната предност на нивната економија.
Прашањето, кое е полесно да се постави отколку да се одговори, е каде да се повлечат линии и како да се натераат другите да ги прифатат. Како прво, САД не се без свои противречности, бидејќи и тие вршат шпионажа во сајбер-просторот и, наводно заедно со Израел, инсталирале злонамерен софтвер за саботажа на програмата за нуклеарно оружје на Иран. Значи, секоја забрана за активности во сајбер-просторот се претпоставува дека ќе биде делумна.
Можни решенија
Една идеја што ветува би била да се искористи и почитува она што Бајден и Путин го разговараа, имено, да се забрани целење на критична инфраструктура, вклучувајќи, но не и ограничено само на брани, нафтени и гасни постројки, електрични мрежи, здравствени установи, нуклеарни централи и системи за управување и контрола на нуклеарно оружје, аеродроми и големи фабрики. Сајбер-можностите може да прераснат во оружје за масовно уништување кога се загрозени вакви важни точки.
Дури и со таков договор, потврдувањето на усогласеноста со него може да биде невозможно да се постигне, па, така, САД исто така ќе сакаат да воведат одреден степен на одвраќање за да бидат сигурни дека страните ќе го почитуваат ветеното. Одвраќањето може да вклучи јасна подготвеност за извршување симетрични одговори, односно ако ја насочите или нападнете нашата критична инфраструктура, ние ќе го сториме истото со вашата. Одвраќањето може да биде и асиметрично, односно ако целите на или нападнете наши објекти, ние ќе ве санкционираме или ќе целиме на ваши интереси на друго место.
Секој таков договор исто така ќе треба да биде поддржан од еднострана акција, со оглед на влоговите и реалноста дека се прекршени други договори (како што е ветувањето на Кина од 2015 година дека нема да краде интелектуална сопственост). Во меѓувреме, инсистирањето на отчетност треба да ја зголеми иницијативата на Русија да го скроти ваквото однесување.
Со текот на времето, пактот меѓу САД и Русија може да послужи како модел на кој може да се придружат Кина, Европа и други. Доколку важноста се прошири на Кина, може да се додадат забрани за кражба на интелектуална сопственост (и казни за кршење на забраната). Ништо од ова не води кон разоружување, но барем овој чекор во сајбер-просторот е еднаков на контрола на оружјето што е добро за почеток.