Неодамнешните случувања во Пацификот го отвораат прашањето за тоа што е поважно, дали продажбата на повеќе десетини нуклеарни подморници што ќе го збогати американското конто или трговски пакт што уште повеќе ќе ги приближи најголемите светски економии до Кина, пишува Ијан Џонсон за ЦФР
Глобални безбедносни превирања
Очите на светската јавност беа вперени во соопштението на САД и на Велика Британија дека ќе ѝ помогнат на Австралија да изгради флота од подморници со нуклеарен погон, што може да се смета за мајсторски потег, кој ќе му овозможи на Вашингтон да најде важен воен сојузник во борбата против растечката поморска моќ на Кина (која, според Пентагон, сега е најголема во светот), истовремено заживувајќи ги американските сојузи во Пацификот. Истиот ден кога беше соопштена таа информација во јавноста, се случи друг потег, кој помина помалку забележано, но може да има поголема важност, а тоа е поднесувањето формално барање за приклучување на Кина кон трговскиот договор во кој посредуваа САД токму за да се спречи подемот на Пекинг, но потоа го отфрлија поради внатрешнополитички судири.
Всушност, овие потези се влог со кој за неколку децении отсега ќе може да се види што било поважно, дали продажбата на уште неколку десетини нуклеарни подморници што ќе го збогатат американското конто или трговски пакт што може да ги приближи многу повеќе најголемите и најдинамичните економии во светот кон Кина.
Заземање страни
Засега, одлуката на САД привлече најмногу наслови и внимание, и тоа со добра причина. Откако почнаа да ја развиваат технологијата за нуклеарни подморници во 1950-тите, САД ја споделија само со една земја, и тоа со Велика Британија. Нејзиното споделување сега со Австралија покажува колку на Вашингтон му е важна потребата од зајакнување на земјите што се во првите борбени редови во конфликтот со Кина. Овој потег исто така покажува дека Вашингтон сè уште може да ги привлече на своја страна земјите што во еден момент не беа сигурни дали треба да изберат помеѓу САД и Кина.
Уште во 2018 година, австралискиот премиер Скот Морисон рече дека Австралија може да биде успешна на сите полиња, од гарантирањето на безбедноста преку САД и доминантниот економски партнер во Кина. Тогаш, меѓу другото, порача дека „Австралија не мора да зазема страни“.
Одлуката на земјата да набави до десетина подморници со нуклеарен погон ефективно значи дека таа сега избира страна, притоа зголемувајќи го влогот дека Вашингтон ќе остане во пацифичкиот регион. Ваквиот потег најверојатно ќе го подобри моралот кај загрижените сојузници на САД, како што се Јужна Кореја и Јапонија.
Реакции на Стариот Континент
Но, од друга страна, ваквиот чекор може да заврши како проблем за Вашингтон од две причини. Првенствено, овој потег се заканува да ја зголеми загриженоста во Европа за американското игнорирање на сојузниците, која веќе беше разнишана во последните месеци со едностраната одлука на САД да се повлечат од Авганистан. Сега, новиот договор меѓу Вашингтон, Лондон и Канбера непријатно ја изненади Франција, бидејќи ги осуети нејзините планови за продажба на Австралија подморници со конвенционален погон. Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дријан, рече дека тоа бил „брутален, едностран и непредвидлив чекор“.
Ова не се однесува само на меркантилистичките грижи, со што се доведуваат во прашање напорите за создавање заедничка трансатлантска стратегија за да се спротивстави на подемот на Кина. Досега двете страни се обидуваа да најдат заедничка политика, на пример како да се справат со кршењето на човековите права во Синџијанг, кинеската експанзија во Јужно Кинеско Море и заканите по автономијата на островот Тајван.
Неодамна, Европската Унија (ЕУ) издаде индопацифички стратегиски документ, кој ја нагласи желбата на блокот да го сфати посериозно тој дел од светот, нешто што САД со години ја повикуваа да го направи. Многу од загриженостите во европскиот документ се совпаѓаат со оние на САД, што е дел од бавното усогласување на интересите за зајакнување на демократијата во Азија.
Сега, таквата соработка ќе биде потешко да се постигне, со тоа што Вашингтон сигнализира дека таа е само тактика што може да се отфрли кога состојбата не изгледа добро. Но тие ризици по односите може да бидат бледи во споредба со едно потенцијално поголемо прашање, а тоа е дека придобивките од подморниците може да бидат помали од штетата што САД си ја нанесоа себеси во областа на трговијата.
Привлечноста на ЦПТПП
Во поголемиот дел од 2010-тите години, САД поттикнаа нов трговски договор наречен Транспацифичко партнерство (ТПП), чија цел беше да ги поврзе земјите што размислуваа слично во пацифичкиот регион, како дел од најголемиот светски договор за слободна трговија, кој опфаќа 40 отсто од светската економија. Една цел беше да се намали зависноста на земјите од трговијата со Кина и да се зајакне лидерството на САД во регионот.
Договорот за транспацифичко партнерство беше потпишан од страна на десетина земји, вклучувајќи ги и САД, во 2016 година. Но тој беше загрозен истата година од страна на Доналд Трамп, кој тогаш победи на претседателските избори. Кога го освои претседателството, САД се повлекоа од договорот во 2017 година. Следната година, другите потписници го формираа Сеопфатниот и прогресивен договор за транспацифичко партнерство (ЦПТПП). Претседателот Џо Бајден изјави дека ќе ги поддржи САД да влезат во договорот само доколку повторно се преговара за него.
Индопацификот во фокусот на стратегиските интереси
Кина се спротивстави со тоа што понуди сопствен трговски договор наречен Регионалното сеопфатно економско партнерство, што е помалку амбициозен план, кој има помалку одредби за работната сила и животната средина. Меѓутоа, пред нешто повеќе од една недела, Кина поднесе официјално барање за да се приклучи на ЦПТПП, сакајќи целосно во своја корист да ја промени позицијата во која ја ставија САД, со тоа што би се приклучила на самиот трговски пакт што беше создаден токму за да се спротивстави на нејзиниот раст. Во текот на изминатите неколку месеци, таа одржа разговори со Австралија, Малезија, Нов Зеланд и други нации за приклучување кон групата.
Членството на Кина е далеку од сигурно. Но тоа ја нагласува реалноста дека Кина е доминантна економска сила во регионот и дека САД се зафатени со толку многу внатрешни битки што не можат да соберат волја да ѝ се приклучат на групата за која нејзините елити тврдеа дека е од клучно значење за нејзините стратегиски интереси.
Ако Кина се приклучи и САД останат на маргините, договорот за продажба на нуклеарни подморници може да изгледа застарено, што всушност претставува еден обид на англоамериканските земји да ја одиграат својата избледена предност во напреднатата воена технологија, истовремено дозволувајќи ѝ на Кина да ја искористи својата економска моќ за да привлече земји незапирливо во својата орбита.