Зошто потегот на Москва за јакнење на руската флота може да ја одреди иднината на навигацијата и светскиот поредок, пишува Анџела Стент за „Форин аферс“
Модернизацијата на руската морнарица ги разбранува сојузниците во НАТО
На 25 јули, рускиот претседател Владимир Путин одржа страстен говор во Санкт Петербург, по повод одбележување 325 години од формирањето на руската морнарица. Говорејќи пред споменикот на Петар Велики, инаку основач на руската флота, Путин порача дека „сега руската морнарица има сè што е потребно за да се обезбеди одбраната на родната земја и националните интереси. Русија има капацитет да ја детектира секоја подморница, секој противник на копно и во воздух и да зададе непосреден удар, доколку е потребно“. Покрај говорот на рускиот претседател, се одржа и импресивна парада на поморска воена опрема, како доказ за воената модернизација на Русија во последните две децении. Повторното појавување на државата како поморска сила најмногу го разбранува црноморскиот регион, каде што Русија се бори да создаде нова наутичка сфера на влијание. Потезите на Москва во овој дел на светот, вклучувајќи ги јакнењето на црноморската флота и полагањето права над територијалните води околу Крим, се закануваат да ја нарушат рамнотежата на моќта во Црно Море и источниот дел од Средоземно Море, а со тоа и да ја загрозат слободата на навигација не само во тие води туку и во другите делови од светот.
Русија се враќа во игра
Со векови Русија го сметаше Црно Море за центар на својата безбедност, уште од ерата на царицата Катерина Велика. По распадот на Советскиот Сојуз, Москва брзо ги загуби статусот во Црно Море и пристапот до делови од крајбрежјето што претходно директно или индиректно го контролираше. Русија и Украина се договорија да ја поделат црноморската флота, чие седиште остана во Севастопољ. Во 2010 година, Киев го обнови договорот за флотата со Москва до 2042 година, но откако прорускиот претседател Виктор Јанукович избега од Украина во февруари 2014 година и на власт дојде прозападна влада, оттогаш започна поагресивното руско враќање во црноморскиот регион. Во март 2014 година, Москва го анектира Крим и презеде поголем дел од украинските бродови во Севастопољ и ја принуди украинската морнарица да го премести седиштето во Одеса. Оттогаш, Русија тројно го зголеми крајбрежјето на Црно Море и ги зајакна своите ракетни сили во регионот, како и тамошната позиција преку комбинација на воени, дипломатски, економски, енергетски и информативни тактики. Путин работеше да ја возобнови руската поморска моќ откако влезе во Кремљ пред две децении и создаде поагилна, модерна и повеќенаменска морнарица. По анексијата на Крим, Москва отиде чекор понапред во позиционирањето нови платформи, сили и оружје во Црно Море, што помогна да го зголеми своето влијание во Источен Медитеран, кој е клучен театар на руските операции за поддршка на сирискиот претседател Башар ал Асад. Кремљ исто така ја модернизира својата поморска база во Тартус, Сирија, како дел од нејзиниот поширок обид да се врати на Блискиот Исток.
Нервоза кај соседите
Наметливото однесување на Москва ги вознемири другите крајбрежни држави во црноморскиот регион, како Грузија и Украина. Како резултат на тоа, двете земји работат со НАТО на зајакнување на поморската одбрана. Инсистирањето на Путин дека Русите и Украинците се „еден народ“ и дека украинската соработка со НАТО претставува закана по националната безбедност на Русија дополнително ги влоши тензиите. Романија, која е цврст сојузник на НАТО, исто така внимателно ги следи руските воени капацитети и се сомнева во нејзините намери. Бугарија, иако е членка на Алијансата, има сложена врска со Москва, но останува посветена на западните интеграции.
Турција и Русија имаат долга историја на конфликти, од кои повеќето се одиграа во Црно Море. Неуспешниот државен удар против турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во 2016 година ги зближи двете земји. Во знак на новото пријателство, Турција го купи напредниот систем за воздушна одбрана „С-400“ од Москва и го налути НАТО, поради што САД ја отстранија Анкара од програмата за борбени авиони „ф-35“. Но руско-турските односи не се целосно во знакот на соработката. Двете земји поддржуваа ривалски сили во Либија и во Сирија, а за време на војната во Нагорно Карабах исто така беа на спротивни страни. Тензиите се зголемија околу силната поддршка на Ердоган за Украина и неговиот став дека Крим е Украински. Во знак на продлабочување на турско-украинските врски, во јули Турција го испрати првиот вооружен дрон на украинската морнарица.
Анкара има значително влијание врз Москва, бидејќи може да им даде или укине пристап на бродовите на НАТО во Црно Море, со тоа што во изминатите 85 години го контролира поморскиот сообраќај според конвенцијата Монтре и ја задржа својата политика на непристрасност. Во изминатите неколку години, САД ја притискаа Турција да усвои полиберално толкување на конвенцијата за НАТО да може да го прошири своето присуство во Црно Море, но Анкара ги одби барањата. Од друга страна, Ердоган предложи контроверзен проект за изградба на канал што би го пренасочил густиот сообраќај од Босфор кон вештачки канал западно од Истанбул. Каналот нема да подлежи на конвенцијата Монтре, што ќе им овозможи теоретски на бродовите на НАТО да добијат неограничен пристап до Црно Море.
Како да ѝ се одговори на Москва
Администрацијата на Бајден мора да одлучи како ќе одговори на зголеменото воено присуство на Кремљ во црноморскиот регион. Судбината на територијалните води на Крим може да се одрази и во Јужно Кинеско Море, каде што Пекинг полага права. Спречувањето на руската поморска доминација во Црно Море ќе треба да ја вклучува Турција, бидејќи таа го контролира пристапот до него. Досега, администрацијата на Бајден имаше претпазлив пристап кон Анкара, но има воспоставено работни односи со владата на Ердоган за голем број важни прашања за САД, меѓу кои и тероризмот. Ердоган не сака да ги загрози односите со Москва, без разлика колку и да се сложени. Затоа, американската администрација ќе треба да ја притисне Турција поактивно да соработува со НАТО за да го спречи руското влијание во Црно Море.
На краток и среден рок, САД и НАТО треба да продолжат да обезбедуваат политичка и воена поддршка за Бугарија, Грузија, Романија, Турција и Украина, како помош во градењето отпорност против руската проекција на моќ во Црно Море. На долг рок, Вашингтон треба да се обиде да ги убеди сите земји од црноморскиот регион да ги почитуваат постојните договори што ги обезбедуваат слободата на навигација и правото на „невин премин“ во територијалните води. Отфрлањето на овие договори во Крим би претставувало закана за регионалната безбедност, светската трговија и постоен светски поредок.