Поради тоа што натпреварот меѓу САД, Кина и Русија влегува во поопасна фаза ќе биде потребно национални императиви да станат јакнењето на морнарицата, зголемувањето на военото присуство и воведувањето прагматична дипломатија, смета Брент Д. Садлер за „Нешенел интерест“
Откако Џо Бајден го избра пензионираниот армиски генерал Лојд Остин да го води Министерството за одбрана, досега не даде никаква реакција на можеби најзначајното безбедносно прашање по американската нација, а тоа е Кина. Многумина поставуваат прашања, а тишината дополнително збунува.
Ривалството на големите сили Русија и Кина воопшто не е ново и беше фактор во последната година од мандатот на администрацијата на Обама и Бајден. Денес, засилените притисоци ја поттикнуваат конкуренцијата меѓу САД, Русија и Кина. Бидејќи овој натпревар влегува во поопасна фаза ќе биде потребно национални императиви да станат јакнењето на морнарицата, зголемувањето на военото присуство и воведувањето прагматична дипломатија.
За Кина, стареењето на населението, нерешените територијални спорови и забавувањето на економијата се причини за предизвикување на легитимитетот на кинеската Комунистичка партија (ККП). Легитимитетот е вкоренет во остварувањето на просперитетот на ККП, кој се мери преку зголемувањето на бруто-домашниот производ (БДП), кој беше во опаѓање поради стареењето на кинеското население.
Бидејќи ветувањата почнаа да се губат по протестите на Тјананмен, ќе почнат да се заоструваат националните повици за решавање на спорот со Тајван – сценарио што би можело да ги вовлече САД во војна. Дополнително, напорите на ККП за донесување на законот за екстрадиција веќе поттикна протести во Хонгконг, кои траат и ден-денес. Последица беше отфрлањето на предложената рамка на ККП стара со децении за мирно решавање на кинеската граѓанска војна, позната како Една држава – два система.
Отсуството на новата рамка за мирно решавање на спорот меѓу ККП и Тајван и економските притисоци ќе кулминираат до 2029 година. Тогаш се очекува во Кина да се јави неизбежен пад на населението, а стапката на БДП најверојатно ќе се намали од сегашните 6,9 на три отсто до 2030 година. Истовремено, ККП итно сака да ја модернизира војската до 2027 година, што е буџетски приоритет во петгодишниот план на партијата.
Во меѓувреме, Русија останува да важи за неуморен стратегиски агитатор што сака да го ослаби геополитичкиот поредок, кој го смета за спротивен на нејзините интереси. Од руско-грузиската војна во 2008 година, Русија под водство на Владимир Путин покажа дека вешто ја користи ограничената воена, економска и дипломатска рака, особено со анексијата на Крим и интервенциите во Сирија и во Либија. Како што Кина станува поагресивна во Азија, таа постепено го одвлекува вниманието на Западот, со што отвора простор за Русија да ги спроведе своите интереси во нејзината периферија на сметка на НАТО и на САД.
Покрај тоа, претседателот Си Џинпинг и Путин направија законски измени со кои им се овозможи доживотно да бидат на власт. Ова претставува значајна промена во постсоветското искуство, како и кинеската традиција по културната револуција за избегнување на нестабилноста на култот на личноста. Ова значи дека САД ќе знаат кои ќе им бидат нивните главни конкуренти некое време. Со оглед на тоа што доживотниот мандат има историска традиција во двете земји, негативната страна е тоа што Си и Путин ќе бидат принудени да го потврдуваат нивното продолжено лидерство со испорачување воени, економски и дипломатски успеси.
Како традиционални автократии, двете претпочитаат надворешни ризици затоа што исто така мора да се бора со домашните предизвици. ККП троши речиси 20 отсто повеќе на внатрешната отколку на надворешната одбрана. Поради ова, тие сакаат да ја променат состојбата на копно и на море без директна конфронтација преку таканаречените хибридни или операции во сива зона. Поддржани од кампањите за активно влијание, економска експанзија и воено присуство, нивната теорија за победа е да ги оттргнат САД од нивните безбедносни сојузници и партнери, да ги наметнат своето влијание и пристап на пазарот и да го прикажат поредокот базиран на правила како лажен и што служи само на американските интереси. Нивната цел е да се позиционираат за да диктираат или да ги постигнат преку готови факти нивните стратегиски, економски, политички и воени цели.
За ефикасно да ги оспорат кинеските и руските теории за победа, американското министерство за одбрана и морнарица мора да се натпреваруваат под прагот на конфликтот за да ги спречат стратегиските пресметки на Си и на Путин. За да им ги одземе победите без ниту еден испукан куршум, американската морнарица ќе треба да изгради поголема флота со нови надлежности, за Си и Путин да не ја знаат точната корелација на силите, експлицитно да ги предизвика стратегиските наративи и кампањите за влијание, но и да ги спречи фактичките операции преку силно поморско присуство. За да го постигне ова, морнарицата мора да располага со победоносна флота додека е вклучена во проактивен стратегиски натпревар со Кина и со Русија.
Седум императиви мора да бидат истовремено запазени за морнарицата да влезе во новата парадигма: да се оформи стратегиски наратив што ќе биде над политичката агенда и ќе ѝ овозможи на морнарицата соработка со Владата, Конгресот и индустрискиот сектор; да се забрза распоредувањето на новата флота со капацитет за спорни операции; да се прошири капацитетот во бродоградителството за да може да одговори и на потребите за сервисирање; да му се даде приоритет на краткорочното распоредување ограничен број бродови во клучните бојни полиња во Јужно Кинеско Море и во источниот Медитеран, каде што ќе имаат најголемо стратегиско влијание; да се обноват надлежностите за управување со главните бродови, како и концептите за поморско војување и да се предизвикаат развиените кинески и руски поморски капацитети; да се обезбеди и зајакне интегрирана поморска сила што ќе ја вклучува крајбрежната стража и во мир ќе ги брани економските ексклузивни зони, како и клучните поморски и воздушни патишта што се под ризик, особено во Централен и Јужен Пацифик; треба да се спроведе сеопфатна национална програма за бродоградителство за да се врати конкурентноста во стратегиски важната поморска индустрија.
САД не можат едноставно да посакаат да исчезнат сите оние што сметаат дека нивниот просперитет и демократски принципи се пречка по нивните цели. Иако неволно, нацијата се разбуди во текот на изминатите пет години во една нова ера на натпревар меѓу големите светски сили, кој влегува во нова опасна фаза. За да се намалат решителноста и претпазливоста, сега конфликтите ќе станат поверојатни и поскапи.