Германката Меркел и Французинот Макрон очекуваат зајакнување на своите позиции од победата на Бајден, Британецот Џонсон и Унгарецот не баш
Изборот на Џо Бајден за 46-ти претседател на САД е причина за прослава во многу европски метрополи, но сите лидери на Стариот Континент, сепак, нема да побрзаат да наздрават со шампањ. Во прилог се претставени тројца победници и тројца губитници од изборниот исход во САД.
Победници
Ангела Меркел: Во согласност со вообичаениот дипломатски стил, германската канцеларка јасно стави до знаење дека е подготвена да работи со секој уредно избран претседател на САД. Но нема нејасност за тоа колку Меркел не ги сака неконзистентен стил на Доналд Трамп и неговите националистички политики. Чувството е заемно. Трамп ги омаловажуваше Меркел и Германија во повеќе наврати за време на неговиот претседателки мандат. На минатогодишното одбележување на Битката за Нормандија, Трамп и Меркел не се ни ракуваа. Трамп рече дека Германија, меѓу другите земји, сакала да се ослободи од него.
Меркел претпочита претседателски мандат на Бајден не само затоа што подобро би се согласувала со него лично. Германија во голема мера зависи од силна и од функционална трансатлантска врска, од економски и безбедносни причини, а од новоизбраниот претседател се очекува да ги врати врските што беа ослабени под водство на Трамп. Бидејќи Меркел планира да се повлече од функцијата канцелар следната година, обновената трансатлантска стабилност ќе ѝ го олесни заминувањето во политичка пензија без поголеми грижи.
Опсесијата на Трамп со трговскиот суфицит на Германија, неговите тарифни закани кон германските производители на автомобили и повлекувањето на САД од мултилатералните организации, ја вознемирија Меркел. Овие прашања сега веројатно ќе бидат помалку проблематични за Берлин, иако аналитичарите предупредуваат дека трансатлантските односи нема да бидат толку добри како што се надеваат некои во Европа.
Мете Фредериксен: Данската премиерка има многу посебна причина да се радува на заминувањето на Трамп. Односите со американскиот претседател се влошија спектакуларно лани откако Фредериксен ја отфрли идејата на претседателот на САД за купување на Гренланд.
Коментарите на Фредериксен дека „Гренланд не за продажба“ и дека дебатата за оваа идејата е „апсурдна“ го налутија Трамп. Претседателот ја обвини за непочитување на САД со нејзината „гадна“ и „несоодветна изјава“ и ја откажа планираната посета на Копенхаген.
Фредериксен успеа да ги смири тензиите откако телефонски разговараше со Трамп, кој ја пофали дека била „навистина фина“ со него. Но на данската премиерка сигурно ќе ѝ биде поедноставен политичкиот живот кога претседателот на САД не сака да го купува Гренланд.
Емануел Макрон: Францускиот претседател се обиде максимално да го шармира Трамп, почнувајќи со покана за воената парада на Денот на Бастилја и на специјална вечера на врвот на Ајфеловата кула во 2017 година. Но тоа дружење набргу се распадна, бидејќи Трамп му се спротивстави на Макрон во врска со плановите за оданочување на дигиталните гиганти како „Гугл“ или „Фејсбук“ или на неговиот „многу навредлив“ предлог да се создаде европска армија. Францускиот претседател, од своја страна, се фрустрираше кога залудно се обидуваше да го убеди Трамп да го преиспита повлекувањето од Парискиот климатски договор и од иранскиот нуклеарен договор.
Втор мандат на Трамп можеби на некој начин би им служел на интересите на Макрон.
Тој би можел да ја принуди ЕУ да стане „стратегиски поавтономна“, ако го користиме францускиот жаргон. Можеби ќе се покажеше дека Макрон беше во право кога рече дека одбранбениот сојуз на НАТО доживува „мозочна смрт“, бидејќи нејзините членки не се синхронизирани. Но на крајот, претседателот Бајден ќе биде поважен за глобалните амбиции на Макрон: Тој сега може да се надева на помошта на САД за повторно заживување на договорот со Иран, за зајакнување на мултилатералните институции, вклучувајќи ги Светската здравствена организација и Светската трговска организација и да има водечка улога во меѓународните форуми, како што се климатските разговори предводени од ОН. Нов мандат на Трамп би ги направел овие работи мошне невозможни.
Макрон може да профитира и од трговско помирување со Бајден. Француското сирење и вино, заедно со германските автомобили или шпанските маслинки, беа цел на казнените тарифи на Трамп. Во пресрет на претседателските избори во Франција во 2022 година, Макрон има шанса да забележи победи на домашна и на светска сцена.
Губитници
Борис Џонсон: Во момент кога разговорите за брегзит се на критична точка, британскиот премиер несомнено најмногу загуби од промената на раководството во Белата куќа. Додека Трамп беше ентузијастички промотор на брегзит и му вети на Џонсон брз трговски договор, Бајден се спротивстави на заминувањето на Британија од ЕУ и неговата Демократска партија даде предупредувања дека нема да има трговски договор ако Џонсон го прекрши договорот за брегзит со ЕУ за ирската граница.
Изборниот исход може дури да има влијание и врз спроведувањето на преговорите на Џонсон со ЕУ. Некои сугерираат дека ќе има помала веројатност да спроведе сценарио без договор, ако нема пријател во Белата куќа. Џонсон ги демантираше овие извештаи, но она што е сигурно е дека тој повеќе не може да претпоставува на посебна врска со американскиот претседател. Наместо тоа, тој ќе мора да работи напорно за да ја добие довербата на новиот потстанар во Белата куќа. Како што изјави еден бивш британски дипломат, Бајден како центри на гравитација во Европа ги гледа Париз и Берлин. Домашните ривали на Џонсон исто така ќе бидат подготвени да ги искористат сите поделби со Вашингтон. Лабуристите веднаш нагласија дека Владата на Џонсон Секретарот непотребно создала тензии со демократите од САД.
Виктор Орбан: Унгарскиот премиер изгради вистинска силна врска со Трамп. Кога Орбан лани стана првиот унгарски премиер што ја посетил Белата куќа од 2005 година, Трамп ги пофали него и неговата контроверзна политика против мигрантите. Трамп исто така немаше што да каже за обвинувањата од институциите на ЕУ за демократско заостанување во Унгарија. Тој рече оти Орбан само бил „малку контроверзен“, но дека тоа било „во ред“.
Сето тоа се чини дека ќе се промени по инаугурацијата на Бајден: Со демократска администрација, САД имаат традиција да промовираат демократски стандарди и независни медиуми во странски земји, прашања што го доведоа Орбан до судир со ЕУ, домашните критичари и со групите за заштита на човековите права.
Затоа, не е изненадување што унгарскиот премиер, кој беше единствениот лидер на ЕУ, кој го поддржа Трамп во 2016 година, изрази сесрдна поддршка за неговиот реизбор. Тој исто така изјави дека дипломатијата на демократските влади на САД е „изградена врз морален империјализам“. Сѐ уште е рано да се каже колкав притисок ќе врши Бајден врз унгарската влада, но Орбан сигурно може да очекува поладни односи со новата американска администрација.
Јанез Јанша: Премиерот на Словенија мошне се замери со победничкиот кандидат кога му честита на Трамп, тврдејќи дека е „мошне јасно дека американскиот народ го избра“ Трамп, иако резултатот не беше познат. Се разбира, двајцата имаат посебна врска бидејќи Словенија е родно место на првата дама, Меланија Трамп. Словенечкиот филмски критичар Марсел Штефанчич го опиша Јанша како мешавина од Трамп, Џонсон и Орбан.
Јанша рече дека смета дека Бајден би бил „еден од најслабите претседатели во историјата“. Неговата влада, која ќе го преземе ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ во втората половина на следната година, сега треба да ја смени стратегијата и да биде попријатна со новиот американски претседател. Една работа што би можела да му помогне е тоа што иако Јанша е сојузник на Орбан против имиграцијата, неговата земја барем не се соочува со толкави критики за демократско уназадување како Унгарија.